Првиот вселенски собор во Никеја. Што треба да знае еден православен христијанин

Наталија Сазонова

Споменот на Првиот Вселенски Собор се празнува 49 денови по Велигден и една недела пред празникот Педесетница − Света Троица. Ова не е случајно: бидејќи, самиот Собор беше првиот обид да се формулира догматот за триединството на Бога, вклучувајќи го во Символот на верата.

Што е  тоа Вселенски собор? 

Вселенски собор е собрание на епископите на христијанската Црква, а Првиот вселенски собор се одржал во 325 година на иницијатива на императорот Константин Велики во Никеја, предградие на главниот град на Источното Римско царство, Константинопол. Соборот бил одговор на ширењето на еретичкото учење на Ариј, а главното прашање за кое разговарале собраните отци бил догматот за Божеството на Исус Христос.

7-мата недела по Велигден

Празнувањето на Отците на Соборот веројатно не се појавило веднаш по настанот: по Соборот, уште 60-ина години продолжиле споровите за  догматот за Божеството Христово. Значењето на Соборот како прв  собор кој почнал да ги утврдува догматите на верата − станало јасно неколку векови подоцна. Тогаш  бил утврден подвижниот датум на празнувањето − една недела пред Педесетница, кога на човештвото му  било откриено  триединството на Бога, за кое отците на Соборот богословствувале, потврдувајќи ги догматите на верата.

Што усвоил Никејскиот собор?

• Символот на верата, наречен Никејски символ;  којшто подоцна, на Вториот вселенски собор,  бил дополнет со догматот на Светиот Дух;

  Освен тоа, Соборот усвои правила во врска со поредокот на богослужбата, пресметувањето на датумот на Велигден и други прашања од црковниот живот.

Од каде потекнуваат информациите за Соборот?

Од малку извори, бидејќи, како што би рекле сега, немало записници од седниците на Соборот − како што веруваат црковните историчари, никој не ги запишувал дискусиите. А биле зачувани:

• Символот на верата и правилата  усвоени од отците на Соборот;

• списоци со учесници на соборот – сепак, тие не се комплетни;

• послание од отците на Ссоборот на Александриската црква, од каде потекнува еретичкото движење;

• сведоштва на очевидци и учесници на Соборот, како и од византиски историчари кои ги цитирале неговите документи, кои до нас не стигнале во оригинал.

Историската ситуација

На почетокот на IV век, благодарение на т.н. Милански едикт на императорите Константин и Ликиниј, престанал прогонот на христијанската Црква, кој траел речиси три векови. Иако едиктот не го прогласил христијанството за државна религија, туку само ја отстранил забраната од него, по неколку години христијанството  почнало да се етаблира како религија на мнозинството од населението во империјата.

Во тие години, илјадници луѓе се обратиле кон Црквата. Меѓу нив имало поранешни незнабошци, многумина со филозофско образование кои сакале да ги  спознаат вистините на верата не само со срцето, туку и со својот ум. Но, како може некој „разумно“ да објасни дека Христос – постраданиот, распнатиот, воскреснатиот – е Бог и Човек истовремено? Како можеме со нашиот ум да ја разбереме вистината за Неговото Воскресение? Христијанството од почетокот било религија на духовното искуство, но образованите „елини“ кои поверувале во Христа, барале и „разбирливи и логични“ објаснувања.

Затоа, уште од I век Црквата се соочувала со еретички движења − некои од нив (на пример, т.н. николаити) се спомнати дури и во Откровението на св. Јован Богослов. Во 313 и 314 година, на Запад се одржани два Собора, кои се сметаат за прототипови на Првиот Вселенски Собор − тие ја осудиле ереста на донатистите, кои ги признавале за вистински христијани само оние кои цврсто стоеле во верата за време на прогоните, а на послабите браќа и сестри не им оставале можност за покајание.

Околу 318 година, рационалистичкото учење на свештеникот од Александрија, Ариј, почнало да стекнува популарност. Како образован и популарен свештеник меѓу парохијаните, тој им ги  објаснувал на своите парохијани вистините на верата не само на оригинален, туку и на „логичен“ начин: не разбирајќи како Човекот Христос може да биде и Бог, Ариј предложил да Го сметаат за највозвишено битие, но  сепак, за Божјо создание.

Така, се  покажало дека Ариј го негирал и тоа, дека човекот е највисокото и посебно создание на Господ, кое е достојно за обожение, односно за соединување со Него, и дека Господ, Творецот на светот, го возљубил човекот толку многу, што Самиот дошол на земјата да ги спаси луѓето. Александрискиот епископ Александар повеќепати се обидел да го вразуми свештеникот. Сепак, Ариј  останал на своето и продолжил да ги шири своите учења, а јерархијата не можела да влијае на него.

Во Александрија (метропола со околу 1 милион жители), презвитерот на секоја од областите на градот имал значителна независност. Во 320 година епископот Александар свикал епископски собор во Египет, кој го анатемисал Ариј − но тој не се смирил и не се покајал, продолжувајќи да го шири лажното учење, веќе не само во Египет, туку и во различни места на империјата. Така, се појавила потребата да се свика Собор кој ќе ги претставува христијанските заедници на целата тогашна „екумена“, односно земјите каде што имало христијани или, на словенски, „вселената“.

Традиционално се смета дека иницијатор на Соборотт бил императорот Константин, меѓутоа, нема документарен доказ за тоа: јасно е само дека царот учествувал многу активно во организирањето на Советот, гледајќи во Црквата  потпора на империјата и жалејќи поради црковните превирања што ги предизвикал Ариј.

Состав на Соборот

Зачувани се само нецелосни списоци на епископи, свештеници и мирјани кои биле на овој собор. Преданието вели дека меѓу оние кои говореле на Соборот биле свети Николај Мирликиски и Спиридон Тримитунтски. Во списоците на учесниците во Соборот името на св. Никола го нема − иако, преданието вели дека тој не само што присуствувал на седниците, туку и го удрил Ариј, не трпејќи го неговото богохулење против Христос. А, учеството во Соборот на св. Спиридон е несомнено.

Документирани се само 220 учесници, чии потписи се зачувани на соборските одлуки  очигледно, тоа не е целиот состав на Соборот. Современиците наведувале различен број на отци − 250 и 270, но најчесто 300 и 318. Сепак, како што забележуваат современите црковни историчари, најверојатно, многу од бројките имале символично значење и не ја одразуваат реалноста: на пример, во Библијата, 318 е бројот на војниците на праотецот Авраам. Освен тоа, 318 напишано како број со грчки букви: TIH, изгледа како крст и првите букви од името „Исус“.

Историчарите обраќаат внимание и на фактот дека, иако современиците на Соборот зборувале за 300 или 318 отци, вистинскиот број на епископи на тогашната Црква на Исток изнесувал околу 1000, а на Запад − околу 800. Така, ако им веруваме на современиците, Соборот претставувал околу 1/6 од епископатот на Црквата, т.е. од формално-правен аспект не бил Вселенски − а сепак, како таков бил признат според неговите одлуки, со кои сите се согласила полнотата на Црквата.

Како течел Соборот

Соборот започнал на 14 јуни 325 година во императорскиот дворец во Никеја − седниците се одржувале во главната сала. Соборот го отворил Константин Велики. Во својот говор, одржан на официјалниот јазик на Римската империја, на латински, тој ги повикал верниците на единство и помирување.

Символ на верата. Богословието на Соборот

Но, наместо помирување, веднаш по говорот на императорот, започнала полемика за Символот на верата,  каде што имало зборови за Божеството на Исус Христос. На крајот настапил Евсевиј, епископ на Кесарија палестинска, близок до царот и почитуван од него. Тој дал предлог кој  требало да ги „помири“ сите. Тој предложил во Символот на верата Христос да се нарече како „Син Божји, Слово Божјо, Бог од Бога, Светлина од Светлината, Живот од Животот, Единороден Син, Првороден на целото создание“.

Од една страна, зборовите „првороден на целото создание“  изгледало дека  потекнуваат од Посланието до Колосјаните, каде што ап. Павле го нарекува Исус „роден пред секое создание“ (Кол 1, 15), од друга страна, тие не го исклучувале  поимањето на Христос како највисоко Божјо создание, како што велел Ариј.

Евсевиј се надевал дека епископите, од кои многумина биле „нешколувани и  прости“ луѓе (Дела 4, 13), нема да ја сфатат нијансата. Но, царот неочекувано интервенирал: дипломатски изјавувајќи дека тој е целосно задоволен со Символот, Константин предложил да се додаде „само еден збор“: едносуштен, што значи „едносуштен на Бог Отецот“.

Токму овој збор ја отстранил можноста за различни толкувања на зборовите на Символот: јасно е дека Оној што е едносуштен на Бога и Самиот е Бог.

Така се појавил оросот (догматската дефиниција) на соборот:

„Веруваме во едниот Бог Отец, Сседржител, Творец на небото и земјата и на сѐ видливо и невидливо; И во едниот Господ Исус Христос, Син Божји, единороден, Кој е роден од Отецот пред сите векови; Светлина од Светлина, Вистински Бог од вистинскиот Бог, роден, нестворен, едносуштен на Отецот, преку Кого сѐ настанало; Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од Небесата и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева и стана човек; Кој беше распнат заради нас во времето на Понтиј Пилат и страдаше и беше погребан; И кој воскресна на третиот ден, според Писмото; И кој се вознесе на Небесата и седи оддесно на Отецот; И кој пак ќе дојде со слава, за да им суди на живите и мртвите, Неговото царство не ќе има крај; И во Светиот Дух.“

Овој текст често се нарекува „Никејски Символ“, меѓутоа, рускиот црковен историчар А.В. Карташев посочува дека тоа не е сосема точно, бидејќи по исповедањето на верата следувала и анатема за „оние кои велат дека имало време кога Синот не постоел, или дека Тој не постоел пред раѓањето и настанал од непостоење, или за оние кои тврдат дека Синот Божји е од друга ипостас или суштина, или е создаден или е променлив“.

А анатемата, секако, нема место во Символот на верата. Целосниот Символ допрва требало да се формулира − и тоа го направил Вториот Вселенски Собор, речиси 60 години подоцна.

20-те правила на Првиот Вселенски Собор

Овие правила, што имаат големо значење за Црквата, се посветени на:

• морални квалитети на оние кои сакаат да примаат  свештен чин; забрането е да се ракополагаат евнуси ако намерно се кастрирале („самоубиецот е непријател на Божјото создание“); други правила забрануваат ракополагање на неодамна крстените, како и на „паднатите“, односно на оние што отпаднале од Црквата, иако се вратиле во нејзината  прегратка;

• чинот за ракополагање на епископите: правилата 4 и 6 утврдуваат дека за  хиротонија на епископ се  неопходни најмалку тројца епископи кои заедно ќе ја извршат хиротонијата;

• постапката за присоединување кон Црквата на еретиците кои се покајале, како и на христијаните кои извршиле тешки гревови, вклучително и отпадништво од верата;

• конечно, правилото 20 од Соборот забранува коленопреклони молитви во недела −  бидејќи неделата е „мал Велигден“, време на радост.

Исто така, постојат индиректни докази дека Соборот  установил правила за пресметување на датумот на Велигден − во кои спаѓа и забраната тој да се слави во ист ден со јудеите. Меѓутоа, оригиналот на тој пропис не стигнал до нас; тој само е цитиран во делата на светите отци − современици на Соборот.

Колку Вселенски собори имало?

Познати се седум вселенски собори, од кои последниот бил одржан во 787 година и бил посветен на побивање на ереста на иконоборството. Византиски автори од X-XI век пишувале и за осми вселенски собор од 879 година, за време на патријархот Фотиј, но во подоцнежната црковна традиција се признаваат седум Собори.

Значењето на Соборот за современиот христијанин

Дамнешните спорови на учените богослови може да изгледаат неразбирливи, неповрзани со современиот живот. Но, да не заборавиме: се работело за зборовите на Символот на верата,  за исповедањето на верата кое секој христијанин го изговара пред Крштевањето, кое, исто така, секојдневно се пее во храмот и се чита дома како дел од утринските молитви. И многу важно е правилно и точно да се зборува за Христос − Бог и Син Божји − исповедајќи ја верата во спасението.

Да се потсетиме од делата на светите отци, за Константин Велики, кој со духот разбрал како треба да звучи исповедањето на верата − и, читајќи го Символот, умствено да се обратиме кон тие светии, барајќи вразумување и зајакнување на нашата слаба вера.

Превод: протојереј-ставрофор Антониј П. Извор: https://pravslov.ru/1-vselenskij-sobor.html

Comments

Popular posts from this blog

ПЦУ изразува „длабоко жалење“ поради игнорирање од Полската православна црква

Богословска оценка и еклисиолошки последици на кремирањето на мртвите