Материјално‒правни и формално‒правни аспекти на неизменливоста на називот и автокефалниот статус на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија (МПЦ ‒ ОА)

Митрополит Кумановско-осоговски г. д-р Григориј 

Резимиран став

1) Четвртата и Петтата претсоборска комисија (со цел одржување на Сеправославниот Собор во Крит во 2016 год.) утврдија постапка (формално‒правен закон) за доделување автокефалност и автономија (оддржани во 1993 и 2015 год.) На овие Комисии е наведено дека канонската надлежност за прогласување автокефалност треба да припадне на Сеправославниот Собор.

2) Во Одлуките и Комуникеата надлежноста на Цариградската Патријаршија во врска со прашањето за доделување автокефалност беше ограничена на нејзината почесна должност ‒ таа да испрати соодветно Патријаршиско писмо до сите помесни цркви и да „бара“ изразување на сеправославен консензус.

3) Доделувањето автокефалност треба да биде општо‒православен процес во кој учествуваат сите Помесни Православни Цркви, а Томосот за автокефалност треба да биде потпишан од претстоителите на сите Помесни Православни Цркви.

4) Надлежен управен орган за донесување автокефалност е Архијерејскиот Собор на Српската Православна Црква (СПЦ). СПЦ донела Решение за автокефалност на МПЦ ‒ ОА (начело на самостојност во решавањето, а согласно Четвртата претсоборска комисија и, според тоа, и начело на законитост), за чиешто решение навремено не е поведен управен спор до Судот на Сеправославниот Собор, како единствено надлежен суд.

5) Откако спорот помеѓу СПЦ и МПЦ ‒ ОА е окончан, СПЦ донела Решение, истиот е res iudicata. Притоа надлежниот орган (СПЦ) не примил жалба од странката во спорот МПЦ ‒ ОА, затоа органот не можел да го поништи или измени така донесеното Решение. 

6) Судот на Цариградската Патријаршија не е суд пред кој може да се поведе управен спор (во спротивно, Патријаршијата ќе предизвика судир на наделжности). Судот на Цариградската Патријаршија не би можел ниту да го поништи таквото Решение (поништување, укинување или менување на решение), бидејќи со таквата постапка од страна на Цариградската Патријаршија ќе се повреди правото на странката (МПЦ ‒ ОА) во управната постапка.

7) Цариградската Патријаршија не е надлежен орган за донесување решение (одлука или томос) за автокефалност. Доколку таа поднесе жалба до СПЦ, би се појавила како ненадлежен орган за одлучување (незаконит вмешувач) во постапка, бидејќи право да одлучува за редовни и вонредни правни лекови има СПЦ, а МПЦ ‒ ОА како странка во постапката нема правен интерес да поднесе редовен или вонреден правен лек.

8) Ако Цариградската Патријаршија, којашто не е орган со надлежност за доделување автокефалност на МПЦ ‒ ОА, смета дека со Решението од СПЦ, со кое се одлучува за автокефалноста на МПЦ ‒ ОА настанал судир на надлежност, и со тоа на Цариградската Патријаршија ѝ е повредено некое право, тој орган (Цариградската Патријаршија) може да изјави тужба во управен спор до Судот (Управниот) на Сеправославниот Собор.

9) Меѓутоа, Цариградската Патријаршија не поседува ниту надлежност, ниту има канонски (правен) интерес да поднесува тужба до Судот на Сеправославниот Собор. Таа не може да дефинира правен основ во којшто подоцна ќе утврди решителни факти за спорот со МПЦ ‒ ОА, бидејќи називот/титуларот/идентитетот не е факт, ниту догматски, ниту канонски, ниту дисциплинарен.

10) Управен спор се поведува со Тужба до Управен суд, според Законот (Кодексот на каноните), поточно 8 канон од Третиот вселенски собор, како канонско решение за управни спорови меѓу две Помесни Православни Цркви.

11) Цариградската Патријаршија не може да изјави посебна тужба, ниту да води посебен управен спор против Решението со кое се одлучува за судирот на надлежноста, во случајот помеѓу СПЦ којашто со Решението ѝ доделува автокефални права на МПЦ ‒ ОА, при што ѝ го признава уставното право на именување/титулирање на називот на Помесната Црква (МПЦ ‒ ОА), како и титулирањето на нејзиниот претстоител како „Архиепископ Охридски и Македонски“, од една страна и Цариградската Патријаршија, како втора странка во спорот.

12) Цариградскта Патријаршија нема надлежност да одлучува за прашања од надлежност на СПЦ, ниту отсега па натаму и за МПЦ ‒ ОА, ниту за која било друга Помесна Православна Црква, ниту за прашања од надлежност на Сеправосалавниот Собор. Секоја Помесна Православна Црква може да обезбеди судска заштита на правата и правните/канонските интереси пред Судот на Сеправославниот Собор, и заради обезбедување на законитоста. Во управен спор меѓу две Помесни Православни Цркви одлучува Судот на Сеправославниот Собор.

13) Цариградската Патријаршија e еднаква пред законот/каноните (aequalitas ante legem) и во Сеправославниот Собор. Претседателот на Цариградската Патријаршија има право на одлучување исклучиво за прашања и управни ствари во јурисдикцијата на Цариградската Патријаршија. Цариградскиот патријарх нема право да изврши супституција на функцијата Претседател на Патријаршијата и Претседател на Сеправославниот Собор, за предмети од надлежност на Сеправославниот Собор да решава во Синодот на Патријаршијата, бидејќи ќе предизвика судир на наделжности.

14) Управниот акт – Томосот или Одлуката донесен/а од Архијерејскиот Собор на СПЦ, како акт донесен од стварно и месно надлежен орган (овластен доносител) за решавање на предметната ствар – доделување автокефалност на МПЦ – ОА, го содржи неопходниот канонски (законски/правен) основ. Томосот содржи диспозитив за управна ствар, со кој СПЦ на МПЦ – ОА ѝ признава право да биде автокефална црква (со сите права – pleno iure) – со јурисдикција на територијата од државните граници на Република Македонија и во Даијаспората каде што живеат Македонци. Притоа, во одредбите од актот, на МПЦ – ОА ѝ се утврдува обврска и со обврската ѝ се остава можност по слободна волја и самостојно да решава за називот на субјектот во службена употреба со останатите помесни цркви, односно со елинофонските цркви (inter partes) самостојно да решава за називот на својата помесна црква. Во обврската не е ius strictum определен различен назив од оној назив којшто МПЦ ‒ ОА го определила во својот Устав, што значи во диспозитивот од управниот акт, МПЦ – ОА не е ограничена да преговара за промена на својот назив.

15) Како последица на каноничност (законитост) и правно дејство, управниот акт – Одлуката/Томосот стекнува правосилност и произведува правно дејство кон сите субјекти во состав на Сеправославниот Собор (erga omnes).

16) Управниот акт, Одлуката/Томосот за автокефалност има својство на: формална и материјална правосилност, истиот е конечен и извршен.

17) Дури и во случај Цариградската Патријаршија да поднесе барање за поведување постапка за оспорување на Решението донесено од согласно закон надлежен орган за донесување, до Судот на Сеправославниот Собор, секако таквиот поднесок содржи формален недостаток што го спречува постапувањето по поднесокот, и само поради тоа може да биде отфрлен.

18) Во случај Цариградската Патријаршија да поднесе барање за поведување постапка за оспорување на Решението до Судот на Сеправославниот Собор, МПЦ ‒ ОА има право да бара изземање на Претседателот на Сеправославниот Собор, како законски застапник на странката ‒ Цариградската Патријаршија која ќе се јави како подносител на барање за поведување постапка.

19) Исто така, Цариградската Патријаршија не може да бара примена на вонредни правни лекови (пр. Повторување на управната постапка, Поништување, укинување или менување на решение или Барање за заштита на законитоста) во управна постапка, бидејќи орган за решавање по поднесен вонреден правен лек од странка во управна постапка е првостепениот управен орган ‒ СПЦ; вонреден правен лек може да поднесе МПЦ ‒ ОА до првостепениот управен орган СПЦ, доколку е незадоволна од Решението на првостепениот орган.

20) Управната постапка може да се повтори, но според услови како што се: дознавање за нови факти, или ако се најде или се стекне можност да се употребат нови докази. Во конкретниот случај, не може да се истакнат нови факти и да се предложат нови докази, коишто се однесуваат на титуларот ‒ името на МПЦ – ОА, како неизменливо право што ѝ припаѓа согласно домашното и меѓународното право, право на самоопределување и самоименување на еден народ, во рамки на својата држава и црква, кое право му припаѓа и на поединецот и на колективот (правното лице МПЦ – ОА), како ius cogens правна норма.

21) Доколку и Цариградската Патријаршија се обиде да доделува „нов“ Томос во областа на управното право, тогаш ќе настане судир на надлежност, бидејќи два органа (СПЦ, којашто е стварно надлежна и Цариградската Патријаршија, којашто не е надлежна) се прогласиле за надлежни за постапување (позитивен судир) да постапуваат по една иста управна работа, и при таков случај, надлежен орган за решавање е Судот на Сеправославниот Собор. Притоа, ако органот во судирот на надлежноста смета дека со решението со кое се одлучува за судирот на надлежноста му е повредено некое право, тој може да изјави жалба до Судот на Сеправославниот Собор.

22) Во конкретниот спор, што го иницира Цариградската Патријаршија во однос на автокефалноста на МПЦ ‒ ОА и го оспорува нејзиниот назив/титулар, не е орган којшто одлучува, тој орган е СПЦ, туку таа може да биде странка во постапка пред Судот на Сеправославниот Собор, доколку иницира спор за судир на надлежности со СПЦ. Судот на Сеправославниот Собор е должен да се огласи за ненадлежен, да абдицира по предметното барање на Цариградската Патријаршија, доколку поднесе редовен или вонреден правен лек, бидејќи надлежен за одлучување е управниот орган ‒ СПЦ.

23) Во конкретниот случај, МПЦ – ОА не може да поднесува барање за впишување на уставното име (МПЦ – ОА) во Диптихот на Сеправославниот Собор ‒ до Цариградскиот патријарх, а пак, овој Патријарх (или Синодот на Цариградската Патријаршија) не треба да издаваат „нов Томос“, туку до Управниот суд, кој е надлежен да решава таков вид спор, а тоа е Судот на Сеправославниот Собор, кој, пак, одлучува како Совет на судии (сите Патријарси, Архиепископи и Митрополити на Помесните Православни Цркви). Автокефалноста на Кипарската црква, канонски загарантирана со канонот 8 од Третиот вселенски собор, претставува типичен случај не само за канонската постапка, туку и за канонската содржина на административната автокефалност, воопшто на сите Помесни Православни Цркви. Всушност, канонската постапка определена во 8 канон од Третиот вселенски собор, е применета во формално‒правната постапка од Одлуката на Четвртата претсоборска конференција (точката 3а и 3б; Chambesy, Switzerland, 7‒13 ноември 1993 година). 

24) Значи, Цариградската Патријаршија има територијална/месна надлежност (согласно точка 2 од Четвртата претсоборска конференција, Chambesy, Switzerland, 7‒13 ноември 1993 година), во рамките на својата јурисдикција, а не екстериторијална. Претстоителот на една Помесна Православна Црква, како што е во конкретниот случај Патријархот на Цариградската Патријаршија, нема легитимитет да одлучува за прашања на друга Помесна Православна Црква.

25) Цариградскиот патријарх е Претстоител на Цариградската Патријаршија и воедно Претседател на Сепаравославниот Собор. Како Претседател/Претседавач со седниците на Сепаравославниот Собор, нема овластувања сам да донесува одлуки по прашањата за коишто е предвидена стварна надлежност на Советот, односно на Сепаравославниот Собор, ниту самостојно да ги потпишува ‒ без потписите од останатите ко‒претседавачи ‒ претстоителите на автокефалните Помесни Православни Цркви (патријарси, архиепископи, митрополити). 

26) Единствено надлежен за измени во уставниот поредок е Архиепископскиот Црковно‒Народен Собор на МПЦ ‒ ОА, и за секое суштинско прашање поврзано со уставни одредби, за кои се прави обид да се изменат, мора да одлучува овој Собор на МПЦ ‒ ОА. САС не е надлежен да донесе одлука за да го промени името (уставно уредување – како МПЦ – ОА) без одлука на Црковно–Народниот Собор (референдум), собранието (АЦНС) коешто е врховен законодавен орган и има уставно својство на парламентарен суверенитет. САС не е надлежен да го промени името/титуларот, којшто е волја на неколку последователни Архиепископски Црковно – Народни Собори (референдум), но и статусот на автокефалност којшто е завршен факт causa finita est. Називот/титуларот „македонска“ е донесен од Првиот Архиепископски Црковно‒Народен Собор (согласо 9 став од Преамбулата на Уставот), и истиот е потврден на Вториот и Третиот, така што тој може да биде поништен или изменет само од органот што го донел ‒ АЦНС.

27) Не само јерархијата, туку имплицитно и народот има врховно право, како суверен, да се самоизмени или самоукине. Оттука, САС е должен да постапи според членот 198 од Уставот, да спроведе облигаторен/компулсорен референдум, и да го постави прашањето за бришење на титуларот „Македонска“ на референдум ‒ на „јавна дискусија пред клирот и верниците на МПЦ ‒ ОА“, на начин како што од МПЦ ‒ ОА унилатерално побарува Цариградската Патијаршија или елинофонските Цркви.

28) Согласно на член 24 од Уставот на МПЦ – ОА, со кој е пропишана надлежноста на СAС во полн состав, член 33 со кој се уредени надлежностите на СAС во работен состав, како и согласно член 55 од Уставот, со кој се пропишани овластувањата на Архиепископот, не се пропишани овластувања да врши измена на името на МПЦ – ОА, ниту СAС, ниту Архиепископот.

29) Со Одлуката на Цариградската Патријаршија, со којашто се оспорува Одлуката за автокефалност од СПЦ и називот на МПЦ ‒ ОА, како и одземањето на управата врз дијаспората, Патријаршијата врши суштествени повреди на одредбите на постапката од Четвртата претсоборска конференција (во однос на надлежноста за одлучување) и погрешна примена на материјалното право. Одлуката на Цариградската Патријаршија со којашто на МПЦ ‒ ОА (дихотомно и дисолутивно да ја одвои „Македонска“ од „Охридска“) и определува да изврши промена на називот и да не ја прифати Одлуката/Томосот од СПЦ за автокефален статус, е всушност Одлука донесена од ненадлежен орган; Судот на Сеправославниот Собор е единстевно надлежен за одлучување во спор помеѓу две Помесни Православни Цркви или за судир на надлежности.

30) Во црковното право и прописите од Православната Црква не постои примена на сила. Доколку МПЦ ‒ ОА ја изврши Одлуката од Цариградската Патрјаршија (макар и бесправно/actus non legitimus; ќе биде ништовна), којашто не е одлука на Сеправославниот Собор (Одл. од Цар. Патр. нема хиерархиска супериорност над Уставот од МПЦ ‒ ОА, освен одлуките од Сепр. Соб.), туку е правен имплант (имплантација на странски правен систем, територијално невалиден) за бришење на името/титуларот „македонска“, впишувањето во сеправославно(меѓународно)‒јавната книга (Диптихот) ‒ само како „охридска“, спомнувањето на титулата на претстоителот ‒ само како „охридски архиепископ“, е трајна/иреверзибилна постапка којашто не е интертемпорална, нема да важи начелото за ретроактивност lex retro non agit (законот не се применува ретроактивно). Штетните последици ќе бидат трајно непоправливи/ненадоместливи.

31) Одлуката/Томосот за автокефалност на МПЦ ‒ ОА, како правосилна и извршна, којашто произведува права и обврски за МПЦ ‒ ОА како автокефална Црква со сите права, треба со амандман VI (Предлог доставен до САС, од нас Митрополитот Кумановско‒осоговски, САС бр.107 од 26.8.2022), да се вгради во Преамбулата на Уставот, како извор на право и составен дел од Уставот.

32) МПЦ ‒ ОА е вековна, воедно и неизменлива уставна одредница. Нејзиното име и автокефалниот статус се непобитни!

Comments

Popular posts from this blog

ПЦУ изразува „длабоко жалење“ поради игнорирање од Полската православна црква

Богословска оценка и еклисиолошки последици на кремирањето на мртвите

Првиот вселенски собор во Никеја. Што треба да знае еден православен христијанин