Од каде потекнува учењето за првенство на Фанар во православниот свет
Алексеј Смирнов ❈
Претензиите на Цариград на власт, освен на историско-канонски аргументи, се засноваат и на посебен теолошко-догматски систем, којшто се формирал пред неколку децении. Нејзин главен автор е пергамскиот митрополит Јован Зизиулас (1931-2023). Бидејќи детална анализа не може да се направи со една статија, ќе ги разгледаме само општите карактеристики на тој систем.
Учењето за
помесната црква
Основа на еклисиологијата на Зизиулас е учењето за Помесната Црква и за Евхаристијата. За многумина, поистоветувањето на Помесната црква со автокефалните патријаршии или митрополии е вообичаено. Сепак, Зизиулас тоа поистоветување го прави во друга смисла, имено: Помесна црква е она што сега се нарекува епархија. Анализирајќи евангелски и ранохристијански текстови, тој доаѓа до заклучокот дека во почетокот, Помесна (локална) црква ја нарекувале Евхаристиската заедница возглавена од епископ, опкружена со колегиум од презвитери (свештеници). Така, Евхаристијата, собранието и епископот се конститутивни елементи на Црквата. Таквата заедница, вели Зизиулас, ги комбинира историското (она што се случило) и есхатолошкото (она што ќе се случи на крајот – Царството Божјо.
Главна
карактеристика на Помесната Црква е нејзината соборност, универзалност: на едно
локално место, каде што се собираат сите членови на Црквата од тој крај, се
надминуваат сите природни и општествени поделби – полова, расна, национална,
јазична, професионална, статусна поделба, итн. Секоја помесна Црква, во
разбирањето на Зизиулас, ја изразува полнотата на Црквата како Тело
Христово.
Главниот проблем е обидот на Цариград да му наметне на целиот православен свет ново учење за Црквата и да го претстави како традиционално за Православието. На прв поглед, сè е сосема православно: Црквата, вели Зизиулас, не е организација, таа е начин на живот сосредоточен во Евхаристијата. Читајќи го таквото расудување, може да се помисли дека тоа е вистинското православно учење. Меѓутоа, ако внимаваме на деталите, изненадени ќе откриеме неверојатна метаморфоза.
Во „Битието
како заедничарење“, Зизиулас многу пишува за тоа, дека епископот не постои без
заедницата, служењето во Црквата е незамисливо без заедницата, власта и
благодатта на епископот имаат „односен / релациски” карактер, итн. Но, одеднаш
тој почнува да тврди дека епископот е исклучителен принцип на единството на
заедницата.
Во 2014 г.,
оваа теза на Зизиулас ќе ја повтори митрополитот Елпидифор (Ламбринијадис) во
статијата „Прв без еднакви“: „На еклисиолошко ниво на Помесната црква,
принципот на единство не е презвитериумот или заедничкото служење на
христијаните, туку личноста на епископот!“
Се поставува
прашањето: ако епископот е исклучителен извор на единството на заедницата,
тогаш која е вистинската содржина на соборноста? Како може изворот на
единството да биде надвор или над заедницата?
Така, уште
на ниво на учењето на Зизиулас за Помесната црква, може да се види дека
соборноста, заедницата и заедничарењето кај него добиваат апстрактен и контрадикторен
карактер.
И ова,
очигледно, е поврзано со шематската дијалектика, која тој ја изведува од
своевидното учење за Троица, обидувајќи се да ја екстраполира таа шема на сите
нивоа на црковната хиерархија.
Зборуваме за
учењето за „монархијата“ на Отецот: ипостаста на Бог Отецот е принципот (т.е.
начелото, изворот) на единството на Троица.* Притоа, Зизиулас ги спротивставува
личноста и суштината, тврдејќи дека единството на Троица се обезбедува, не
благодарение на едната суштина, туку благодарение на ипостаста на Бог Отецот,
кој е „единственото начело“ на Троица.
* Треба
да се знае дека монархијата (едно-началството) на Бог Отецот не подразбира дека
Отецот има поголема власт и чест од Синот и Светиот Дух. Отецот, Синот и
Светиот Дух се еден Бог, а не три. Св. Јован Дамаскин за ова вели: „Сè што има
Отецот имаат и Синот и Духот, освен нероденоста, што не означува разлика според
суштината или достоинството, туку начин на постоење / образ на битие“ (За Света
Троица).
Учењето за
првенството
Главната
улога во неговото образложување за приматот ја игра принципот „едниот –
многумината“, кој го изведува со апстрахирање од учењето за Троица, за Христос
и за Евхаристијата. Според тој принцип, единството и заедништвото на
„многумината“ е невозможно без „едниот“, кој Зизиулас, без никакво објаснување,
го поистоветува со „првиот“.
Потоа,
Зизиулас по аналогија го применува овој принцип врз хиерархиската организација
на Црквата, тврдејќи дека на секое ниво на црковното постоење – локално,
регионално и универзално – мора да постои првенствувачки епископ.
Уште овде
може да се открие груба методолошка грешка кај Зизиулас. Апстрактната споредба
на Троица и организацијата на Црквата, без никакви посреднички објаснувања, е
апсолутно неприфатлива. Затоа што, во овој случај се измешани релативното и
апсолутното и се внесува неприфатлива хиерархија во разбирањето на Троица. Ако
Бог Отецот е прототип на „првенствувачкиот“ епископ во Црквата, излегува дека
Тој и во Троица ја врши функцијата на „началник“, што се граничи со јасна ерес
и е во спротивност со учењето на црковните отци за еднаквоста на сите личности
на Троица. Од друга страна, црковната хиерархија е апсолутизирана и се
„обожествува“.
Општо
земено, самиот „принцип на аналогија“ е сомнителен како теолошки метод. На
пример, протојереј Сергеј Булгаков, претставник на Париската теолошка школа, ги
споредувал Личностите на Троица со половите разлики кај човекот, а Светиот Дух
го поврзувал со „женственост“. Очигледно, употребата на аналогии може да доведе
до фантазирање без врска со реалноста. Се чини дека, во овој случај со Зизиулас
се работи за слична фантазија.
Учењето за
„монархијата на Отецот“, митрополитот Елпидифор го употребил за да го заснова
првенството на Цариград во спомнатиот напис „Прв без еднакви“, каде што застапува
и посебен „теолошки поредок“ во Троица: „Црквата отсекогаш и систематски ја
сфаќала личноста на Отецот како Првенствувачка во заедницата на личностите на
Света Троица“. Веројатно Елпидифор ја позајмил оваа теза од Зизиулас, правејќи
аналогија меѓу епископот и Бог Отецот.
На оваа
вулгарна и примитивна аналогија меѓу Троица и Црквата се спротивставил
познатиот грчки теолог, митрополитот Јеротеј (Влахос):
„Црквата,
според учењето на апостол Павле, е Тело Христово, основата на Црквата има
христоцентричен, а не тријадоцентричен карактер, бидејќи Христос е „еден од
Света Троица“ и Тој стана човек, односно ја прими човечката природа и ја обожи.
Но, кога Црквата се карактеризира како „образ“ или „според образот (т.е. според
начинот на постоење) на Света Троица“, тогаш, од строго теолошка страна, се
смешуваат богословието и икономијата, се смешуваат несоздаденото и создаденото.
Освен тоа, при определувањето на Црквата како образ на Света Троица, се
појавуваат бројни проблеми, кои се однесуваат на споредбата меѓу црквите и
ипостасните својства на личностите на Света Троица!“
Дури и ако
се споредува односот во Троица и односот помеѓу Помесните цркви, се
претпоставува дека мора да постои Црква која би била извор и начело на сите
други помесни цркви, слично на тоа, како што Бог Отецот е извор на Троица, а
Христос е извор и глава на Црквата. Обратете внимание на реториката на Цариград
– тој често се нарекува себеси „Мајка Црква“ и „родителка на сите цркви“!
Ваквите тврдења воопшто не се случајни и се должат на потребата да се усогласат
со логиката на апстрактниот принцип „едниот – многумината“. Ова е практична
демонстрација за тоа, како учењето на Зизиулас влијае на реториката на
Цариград.
Но, поентата
е дека Цариград историски не е извор за другите цркви. Само Ерусалимската црква
има право да претендира на оваа улога. Затоа, Цариград мора да бара
дополнителни аргументи во прилог на тоа, дека тој е „начело“ и „извор“ за сите
православни цркви. Така се појавуваат идеолошки небулози и тврдења, дека
Цариград е изворот на чистотата на православното учење итн. Затоа, другите
помесни цркви, наводно, можат да ја одржуваат својата догматска самосвест во
чистота само во заедница со „првиот престол“ на Цариград, кој е носител на овој
„непогрешлив“ елинизам.
* * *
Прво,
главната грешка на Зизиулас е што тој верува дека аналогијата може да биде
основа за учењето за Црквата. Сепак, аналогијата е само аналогија. Црквата во
реалноста не е образ на Троица, а архијереите на Црквата не се образ / икона на
Бог Отецот. Таква споредба може да се дозволи само како метафора. Не е јасно
зошто на Зизиулас му биле потребни такви апстрактни заклучоци, кога постојат
пореалистични дефиниции за Црквата. Освен ако тие заклучоци не му овозможуваат
одредени манипулации.
Второ,
самата содржина на аналогијата е неточна. Начинот на кој Зизиулас ја опишува
Троица не одговара на православното учење и балансира на работ на ерес.
И првото и
второто му дозволуваат на Зизиулас да ја изврши манипулацијата, која се состои
во прилично виртуозна „неутрализација“ на концептот за соборност. Од една
страна, Зизиулас постојано повторува дека „едниот“ не постои без „многумината“.
Би се рекло дека тоа е основање на соборноста. Меѓутоа, вториот дел од тезата
го претвора првиот дел во формалност. Ако изворот на единството на „многумината“
се содржи во „едниот“, кој се поистоветува со „првиот“, тогаш соборноста со тоа
е „превртена наопаку“ и Фанар ја толкува од гледна точка на „обратна
перспектива“.
Во
практичната реторика тоа се изразува во поистоветување на власта и
одговорноста. Цариград постојано повторува дека неговите привилегии не се
власт, туку „надгранична одговорност“, а изворот на таа одговорност не е во
постоечките помесни цркви, туку во самиот Цариград!
Извор: https://shorturl.at/lHRZ5
Превод: протојереј Антониј Петрушевски
Comments
Post a Comment