Како се управува Црквата
Преподобен Пајсиј Светогорец ❈
Православната Црква својот живот секогаш го уредувала со посредство на Соборите. Ова е православниот дух: во Црквата треба да дејствува Светиот Синод, а во манастирите – Соборот на Старците. Претстоителот на Црквата и Синодот треба заедно да донесуваат решенија. Настојателот или игуменијата на манастирот треба да донесуваат решенија заедно со Духовниот Собор на обителта. Претстоителот на Црквата е прв среде еднаквите. Патријархот не е папа, тој го има истиот степен на свештенство како и другите ерарси. А папата – да – тој е фигура од друг поредок. Тој седнува високо, а останатите му ги целиваат нозете. Но, Патријархот не е папа, тој седи заедно со другите ерарси и ги усогласува нивните дејствија. И настојателот и игуменијата на манастирот, во однос на останатите членови на Духовниот Собор, исто така, се први среде еднаквите.
Претстоителот на Помесната Црква или настојателот на манастирот не може да прави што ќе му текне. Еден архијереј или член на Соборот на Старците Бог го просветува во однос на едно, друг - во однос на нешто друго. Види, дури и четирите Евангелисти се дополнуваат еден со друг. Истото се случува и при разгледувањето на некое прашање во Светиот Синод или во Духовниот Собор на манастирот: секој го изложува своето мислење, и ако некое мислење не е согласно со другите, тогаш тоа се запишува во соборните протоколи.
Затоа што, ако станува збор за решение кое им противречи на евангелските заповеди и некој не е согласен со тоа решение, тогаш, ако тој не побара неговото мислење да биде запишано во соборниот протокол, се создава впечаток дека тој се согласил со неправда. Ако член на Светиот Синод или Духовниот Собор не е согласен со неправилното мислење, но го потпишува општото решение, притоа не запишувајќи го своето мислење во протоколот, тогаш тој прави зло и носи одговорност. Во таков случај, тој е виновен. Ако пак, го каже своето мислење, тогаш дури и мнозинството да не се согласи со него – пред Бога тој не греши. Ако Синодот во Помесната Црква или Духовниот Собор во манастирот не работи правилно, тогаш, иако со зборовите говориме за православен дух, во пракса имаме папски дух.
Православниот дух е ваков: секој треба да го искаже и фиксира своето мислење, а не да молчи поради страв или чест, само за да биде во добри односи со Претстоителот на Црквата или со настојателот на манастирот.
Извор: https://shorturl.at/aewE7
Превод: свештеник м-р Филип Станковски
Comments
Post a Comment