Проблемот со апостолското преемство на „архијереите на Православната црква на Украина“

Воведна белешка

Од 90-тите години постоеја три украински цркви: Украинската православна црква на Московската патријаршија (УПЦ МП), Украинската православна црква на Киевската патријаршија (УПЦ КП), Украинската автокефална православна црква (УАПЦ).

УПЦ МП чиј претстоител е митрополитот Киевски и на цела Украина е основана во 1990 г. од Архијерејскиот собор на РПЦ како независна и самостојна црква во рамките на Московската патријаршија.

УПЦ КП е формирана во 1992 г. по неуспешниот обид на тогашниот претстоител на УПЦ МП, митрополитот Филарет (Денисенко) да добие целосна независност на украинската црква. Во 1997 г. тој беше анатемисан од Руската православна црква.

УАПЦ има своја историја од 1917 г.. Во 1930 г. прогласи самораспуштање, а во 1989 г. ја обнови легалната активност во Украина.

Во 2018 г., беше основана Православната црква на Украина. Формирана е врз основа на две неканонски цркви - Украинската автокефална православна црква (УАПЦ) и Украинската православна црква на Киевската патријаршија (УПЦ КП), а автокефалноста ја доби со одлука на цариградскиот патријарх Вартоломеј.

Цариградската патријаршија до Соборот во Крит во сите свои документи ја прифаќаше само јерархијата на УПЦ МП чиј претстоител е митрополитот Киевски и на цела Украина г. Онуфриј и сметаше дека канонската јурисдикација во Украина ѝ припаѓа на Руската православна црква, за потоа „изненадувачки“ да го промени својот став и да се самопрогласи надлежна за доделување автокефалност надвор од својата јурисдикција.

 

Проблемот со апостолското преемство на расколничките „архијереи“

Извадок од http://www.patriarchia.ru/db/text/5510101.html

Повеќето „хиротонии“ на епископатот на „Православната црква на Украина“ потекнуваат од поранешниот митрополит Киевски и на цела Украина, Филарет Денисенко, кој на 27 мај 1992 г. доби забрана за свештенослужење од Архијерејскиот собор на Украинската православна црква, а на 11 јуни 1992 г., Архијерејскиот собор на Руската православна црква го расчини. Поради отсуство на покајание од монахот Филарет и продолжување со неговите расколнички активности, вклучително и на територија на други автокефални Цркви, Архијерејскиот Синод на Руската православна црква одржан 18-23 февруари 1997 г. го екскомуницираше од Црквата со анатемисување. И покрај неговите постојани апелации до Цариградскиот патријарх, неговата осуда беше документирано призната од страна на Цариградската и другите помесни православни цркви.

Во октомври 2018 г., Цариградската патријаршија неочекувано најави разгледување на новата жалбата од монахот Филарет и го врати во чинот и достоинството на „поранешен митрополит Киевски“. Притоа, од страна на Денисенко не беше принесено покајание, а одлуката на Светиот синод на Цариградската патријаршија не беше условена со ново разгледување на материјалите од неговиот случај и обвиненијата покренати против него. Пет месеци по доделувањето на „томосот за автокефалност“, М.А. Денисенко заедно со неколку „епископи“ се одвои од „Православната црква на Украина“ призната од Цариград, објави дека повторно е формирана „Киевската патријаршија“ и дека за таа цел ракоположил нови „епископи“.

Треба да се напомне дека расколот беше една од главните причини, но не и единствената причина за расчинувањето на Филарет. Во Судскиот акт на Советот од 11 јуни 1992 г., меѓудругото, се посочени следните негови престапи: „авторитарни методи на управување... целосно игнорирање на соборниот глас на Црквата“, „прекршување на заклетва“, „намерно изопачување на изворните одлуки на Архијерејскиот собор“, „присвојување на соборната власт“. Вистинитоста на овие обвиненија беше отфрлена од Цариградскиот синод, како што изгледа, без истрага, но набрзо беше докажана од самиот Филарет, кој овојпат предизвика раскол во новосоздадената структура, т.е. го изврши практично истото заради што беше расчинет пред речиси триесет години. Така, единствениот од архијереите на поранешната „Киевска патријаршија“, кој своевремено имаше канонска хиротонија, ја напушти новата „автокефална црква“ и јавно го отфрли таканаречениот томос за автокефалност.

Исто така, во „епископатот“ на „Православната црква на Украина“ целосно беше вклучена јерархијата на таканаречената „Украинска автокефална православна црква“, во чија основа се „хиротониите“ кои биле извршени во 1990 г. од поранешниот епископ Житомирски Јован Боднарчук (расчинет во 1989 г. со одлука на Светиот синод на Руската православна црква) и од поранешниот ѓакон Виктор Чекалин (во 1988 г. расчинет поради неморални дејства), самопрогласен кој глуми дека е епископ, а реално никогаш немал ни расколничка епископска хиротонија. Обидите на расколниците со помош на фалсификувани докази да „докажат“ дека во хиротониите на првите епископи на УАПЦ, освен Боднарчук, наводно учествувал уште еден архијереј, беа темелно истражени врз основа на архивски материјали и се покажа дека се целосно лажни.

Дел од „јерархијата“ на „Украинската автокефална православна црква“ беа повторно ракоположени од Филарет Денисенко, но, до денес „хиротониите“ на некои „епископи“ од оваа структура сè уште потекнуваат од „чекалиновите“ поставувања, вклучително и „хиротонијата“ на Макариј Малетич, кој исто така добил епископска „хиротонија“ од „чекалиновата“ јерархија. Немајќи ни формално апостолско преемство, поранешниот протојереј Николај Малетич беше „востановен“ од Цариградската патријаршија во чинот „поранешен митрополит Лавовски“. Овој факт потврдува дека Светиот синод на Цариградската патријаршија донел одлука за оправдување на двајцата водачи заедно со нивните „јерархии“, без да ги проучи околностите на нивното заминување во раскол, нивната осуда и прашањата за преемството на расколничките „хиротонии“ - па дури и без да се запознае со основните факти од нивните биографии.

* * *

Во 2008 г. Филарет Денисенко го ракоположил Епифаниј - сегашниот поглавар на „Православната црква на Украина“ - во чин јероѓакон, а потоа и за јеромонах. Го поставил за свој секретар, а во март 2008 г. го произвел во чинот архимандрит. Во 2009 г., Епифаниј бил избран за епископ Вишгородски. Во 2012 г., Филарет го возвел во чинот архиепископ, а една година подоцна станал митрополит.

Comments

Popular posts from this blog

Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?

Во што е гревот на фарисејот?

Божикно послание од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј