Теологија на настаните

Архимандрит Варнава (Ламбропулос) ❈

„Верни се тие зборови; и јас сакам да го утврдуваш тоа, та оние, што поверувале во Бога, да се трудат и да се грижат за добри дела: ова е полезно и добро за луѓето. А од глупави распрашувања и родослови на племињата, од препирки и расправии, по однос на Законот, клони се, зашто се бесплодни и празни. Бегај од човек еретик, откако еднаш и по вторпат го советуваш, знаејќи дека таков човек се изопачил, греши и дека се осудил сам себеси. Кога ќе ги пратам при тебе Артема и Тихика, побрзај да дојдеш кај мене во Никопол, зашто решив таму да презимувам. Законикот Зина и Аполос погрижи се да ги обезбедиш така, та од ништо да немаат потреба. И нашите нека се учат да прават добри дела за неопходните потреби, та да не бидат бесплодни. Те поздравуваат сите што се со мене. Поздрави ги оние, кои нè милуваат по вера. Нека биде благодатта со сите вас. Амин!“ (Тит 3, 8-15)

Површното читање на овој извадок од „Посланието на св. апостол Павле до Тит“ остава впечаток на сув морализам. Апостолот двапати го повторува советот до верниците, да предводат во извршувањето на добри дела, кои ги смета за примери на духовна продуктивност, а еднаш ги советува да ги избегнуваат еретиците „по едно и две советувања“ (Tит 3, 10).

Вистинито или само корисно?

Се наметнува очигледното прашање, кое често го поставуваат многу луѓе: „Зошто да бидам христијанин, особено православен, и зошто мора да ги избегнувам еретиците, бидејќи може да бидам добра личност, а да не бидам член на Црквата? Зарем нема луѓе со други убедувања, од други религии, па дури и атеисти, кои можат да покажат многу добри дела? Поставувањето на ова прашање е исто како да се каже: „Не ме интересира дали христијанството е вистина. Сè што ме интересира е, дали тоа ми помага да бидам добар човек? Мојот критериум не е неговата вистинитост, туку неговата корисност“. Но, вредноста не се состои само во фактот дека тоа е корисно. Христијанската вера не е само систем на морал. Како што нагласува познатиот православен теолог Георгиј Флоровски: „Православната вера е теологија на настани“. Тоа е сведоштво за факти. Ако настаните за кои сведочи христијанството се едноставно интересни приказни, тогаш ниту еден чесен човек не треба да верува во нив, без разлика колку се корисни.

Кога св. апостол Павле во неговото послание го поттикнува Тит да им зборува на верниците со увереност и авторитет за она што го напишал претходно во писмото, тој не ги има предвид моралните прописи, туку фактот на спасението во Христос. Ова значи дека во историско време и место, божествената и човечката природа се соединети во Христа, без смешување или раздвојување. Не престанувајќи да биде совршен Бог, Христос стана совршена човечка личност, „без гревови“. На тој начин ни овозможи, не само да станеме подобри луѓе, туку и да бидеме обновени, да станеме нови луѓе и наследници на вечниот живот. Оваа искупителна вистина ја објавија светите Отци кои го одржаа Четвртиот вселенски собор во Халкидон. На 16 седници, во октомври 451 г., по плодоносни дискусии, тие донеле едногласни одлуки .

Ереста: одвојување од Бога

 Секако, тие дискусии никако не биле поврзани со бесмислени разговори, за кои свети Павле го советува Тит да ги избегнува. Тоа се „глупави распрашувања“ (Тит 3, 9) кои завршуваат со бескорисни расправии и караници за прашања во јудејското право. Тие биле предизвикани од јудаизирачките христијани кои биле приврзани кон словото на законот, кои инсистирале да се задржи силата на тој несовршен и подготвителен закон во времето на совршениот закон на Евангелието и откривањето на спасението во Христос. Секако, тоа водело, ако не до укинување, барем до изопачување на животот на Црквата. На крајот, тоа ги одвело до ерес. Оттука, следи дека за свети Павле и за отците на Црквата, „ереста“ не е само теоретска разлика во мислењата. Таа е погрешен начин на живот. Дури и нека е морално исправен живот според надворешноста, сепак, тој е лажен, затоа што е отсечен од спасоносната вистина и од единството на едната Црква. Многумина од еретиците живееле многу строго и биле морално беспрекорни. Но, Христос рекол дека на Судниот ден ќе слушнат: „Не те познавам“, иако пророкувале во негово име, истерувале демони и да правеле многу чуда (Мт 7, 22-23). Ова го имал на ум авва Агатон, во Старечникот. Тој без приговор ги прифатил обвинувањата дека е горд, блудник, озборувач и дрдорко, но кога го нарекле еретик, се спротивставил и рекол: „Еретик не сум“. Кога го прашале зошто не можел да ја поднесе таа карактеристика, тој одговорил: „Првите си ги припишувам себеси и тие се за добро на мојата душа, но да се биде еретик е одвојување од Бога; а јас не сакам да бидам одвоен од Бога“. За авва Агатон, одвојувањето од Бога не е одвојување од субјективен концепт за Бога, туку од спасоносната вистина на едната Црква, односно одвојување од вистинскиот Живот.

Одговорност за вoведување во Црквата

Ниту еден пастир на Црквата не треба да биде рамнодушен за таквото смртоносно одвојување на ниту еден од својата паства и треба да се труди, со повеќекратни советувања, да го врати заблудениот човек во бродот на спасението. Границата на двата напора, како што ја поставил св. апостол Павле, очигледно, не треба да се сфати буквално. Обраќањето на блажени Августин, секако, не било резултат на само неколку опомени од неговата мајка, св. Моника. Или, еврејскиот лекар на свети Василиј не станал христијанин по само два-три разговори со светителот. Она што св. Павле сака да истакне е едноставно, дека искусниот пастир има расудливост да знае кога да престане да се обидува да го „влече“ заблудениот или паднатиот член, затоа што тоа би било „борење против ветрот“, според св. Јован Златоуст. Тогаш, оние кои се упорни во својата заблуда се осудуваат себеси, бидејќи веќе немаат оправдување дека никој не ги посоветувал.

Значи, цитираниот дел од Посланието е сè друго освен извадок од некаков прирачник за моралот, затоа што нè потсетува на целта на Христовото Воплотување, којашто не е само наше морално подобрување, туку наше воведување во неговата единствена Црква, наше обожение според благодатта и вечно спасение, за што ние сме целосно одговорни.

Превод од англиски: протојереј Антониј Петрушевски

Извор: https://pemptousia.com/2023/07/theology-of-events-titus-3-8-15-2/

Comments

Popular posts from this blog

Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?

Во што е гревот на фарисејот?

Божикно послание од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј