Твоето раѓање, Богородице Дево, радост му возвести на целиот свет...

Архимандрит Ефрем, игумен на манастирот Ватопед, на Света Гора Атонска  ❈ 

Богородичните празници ја врамуваат црковната година; таа започнува со празникот Раѓање на Богородица, а завршува со празникот Положување на чесниот Појас на Богородица.

Богородица Патоводителка, ман. Ватопед, XIV в.

Денешниот ден е причина за духовна радост и веселба, драги мои браќа и отци, затоа што денес го славиме раѓањето на приснодева т.е. секогаш-девствената и богоносна Марија, тој најмиризлив цвет што изникна „од коренот на Јесеј“. Го славиме „роденденот на општата радост“, кој е „влезот на сите празници и вовед во Христовото таинство“, според свети Андреј Критски. Раѓање кое стана посредник на повторното раѓање, на преродбата и на обновувањето на сите нешта. Денеска се раѓа таа која ќе го роди, во времето и на неразбирлив и чудесен начин, безвременскиот и предвечен Бог Слово, Творецот и Спасител на светот.

Во Стариот завет има многу места кои ја навестуваат, претсликуваат и пророкуваат за неа. Таа е завршување, исполнување на старозаветната педагошка подготовка на човештвото за да го прифати воплотениот Спасител Бог. Нашата Пресвета, Сесвета = Панагиа беше прасликана во видението на Мојсеј; со грмушката што гореше а, не согоруваше, со богонапишаните плочи и скинијата на Законот, со небесната манна, со златниот печат, со светилката и жртвеникот, со расцутениот жезол на Арон, со јакововата скала, волната на Гедеон, несечената планина на пророкот Даниил, огнената печка која со својот оган ги разладуваше Трите момчиња, како и со Светињата на светињите во скинијата на сведоштвото. Богородица е граница помеѓу Стариот и Новиот Завет. За Стариот Завет, таа беше проповедта на пророците, надежта на праведниците; додека во Новиот завет таа станува сладост на ангелите, слава на апостолите, храброст на мачениците, блаженство на преподобните, пофалба на човештвото, поради што е славена од „секој род“.

Целото создание го чекаше нејзиното раѓање. Според свети Никола Кавасила, нашата Пресвета е „плод на созданието“, таа е мерката што треба да ја достигне целото создание. Како што дрвото постои заради својот плод, така сесветското создание постои заради Богородица, а Богородица заради Христос. Отците нагласуваат дека не само луѓето, туку и небото и земјата, сето видливо и невидливо создание се создадени за непорочната Дева. Кога Бог, на почетокот на вековите, го насочил својот поглед кон Своето создание, Тој рекол дека тоа е „многу добро“. Тој всушност го видел пред Него плодот на целото создание, Пресвета Богородица, и Неговата пофалба навистина била „добро навестување на Богородица“.

На овој ден, целото создание добива благослов од раѓањето на нашата непорочна Владичица. „Ова ново создание“ не беше само највеличествената жена на земјата, ниту највеликата жена на сите времиња, туку таа беше и она што можеше да го донесе рајот на земјата, за Бог да стане човек. Творецот Бог Слово ја создал човечката природа на таков начин, што кога Тој ќе треба да се роди, ќе се роди од Своја мајка. Недостижниот и невидлив Бог преку неа доаѓа на земјата и станува видлив; Тој е соединет и на посуштински и пообединет начин заедничари со созданието. Преку Неговата човечка природа, Тој го соединува целото создание во Неговата ипостас и го обожува (divinizes) созданието. Единствениот и непоимлив Бог прима „лик на слуга“ (Флп 2, 7), човечко тело и разумна душа, живее меѓу луѓето и оди по земјата.

„Несместливиот“ ќе се смести во девствената утроба на Богородица, така што Неговата Пресвета Мајка ќе се нарече и „земја што го смести Несместливиот“. Денес е надмината неплодноста на Ана и се раѓа „споменот на целиот свет“, како што ја опиша свети Кирил Александриски. Многупати во Стариот Завет Бог направил такво чудо: со Сара - сопругата на патријархот Авраам, со Ревека - жената на Исак, со Ана - мајката на пророкот Самуил, со Елисавета - мајката на пророкот и претеча Јован Крстител. Но, денешното чудо многу се разликува од тие чуда. Децата на спомнативе мајки, чија неплодност беше исцелена на чудесен начин, можеби беа доблесни и свети, но само Марија, детето на Ана и Јоаким беше „Благодатната“ и стана, неверојатно и за луѓето и за ангелите, Мајка Божја, Богородица.

Нашата Сесвета не се родила преку девствено, натприродно зачнување, како што погрешно веруваат римокатолиците, туку по природните односи меѓу Јоаким и Ана. Природната неплодност на Ана беше надмината благодарение на непосредно Божјо дејство како одговор на молитвите на праведните Божји богоотци. Зачнувањето на Богородица од остарените Јоаким и Ана било без никаква телесна привлечност и задоволство, туку само од послушност кон Бога. Така, со тој акт тие ставија печат на нивната целомудреност. Тоа што била зачната целомудрено, значи дека начинот на кој била зачната бил чист. Сепак, таа ќе беше ослободена од прародителскиот грев, би имала непорочно зачнување (како што тврди римокатоличкиит догмат - заб. на прев.),  само ако се родеше од девствена, како што беше (роден) Христос.

За да родат такво дете, праведните богоотци покажаа цврста вера, неколебливо трпение, ја потхрануваа надежта што не посрамува, беа упорни во молитвата Бог да го исполни нивното барање. А, не ја трпеа својата неплодност краток период. Преданието вели дека Ана ја зачнала Богородица по педесет години неплодност.

Овој став на богоотците треба да биде пример за сите нас, драги мои браќа и отци. Не само за нашите браќа лаици, кои не можат да зачнат деца, дека не треба да ја губат довербата во Бога, бидејќи „невозможните работи за луѓето се можни за Бога“ (Лк 18, 27), туку и за нас монасите и за сите верници кои се борат со „добрата борба“.

Честопати се откажуваме или стануваме нестрпливи во нашата борба и велиме дека ништо не разбираме, не чувствуваме благодат, стануваме вознемирени. Така, тажни како што сме, нашата ревност згаснува, го ослабнуваме нашиот борбен дух и нашиот подвиг.

Не смееме да бидеме такви, браќа мои. Што би се случило ако, бидејќи Бог не одговорил веднаш на нивните молитви, боготците престанеле да го молат и да веруваат дека ќе добијат одговор? Што ако престанеле да го повикуваат Бога, да се надеваат? Какво големо трпение и сила покажувале толку многу години!

За да ја развие духовната „потреба за големо трпение“, свети Исак Сириски триесет години ги живеел отсуството на божествената благодат и болките на умственото војување. Тој стекнал постојан прилив на божествената благодат дури по тие долги години крвава битка и трпение. Се осврнуваме на ова, особено заради нас монасите, кои сме повикани да ја примиме полнотата на благодатта. Неопходно е трпение во тагата, верување во Божјите ветувања, совршена послушност на волјата Божја и надеж, зашто ние „секогаш треба да се молиме и да не паѓаме со духот“ (Лк 18, 1). Бог знае кога е полезно за нас да ни го даде Својот таинствен, необјаснив и бесценет божествен дар, Неговата божествена благодат како постојана состојба. „Духовните дарови доаѓаат на нас“, забележува авва Исаија, ние не одлучуваме кога и како ќе ги примиме.

Всушност, пред Бог да ни даде некаков благослов, дар, Тој често нѐ испитува со искушение, чиј резултат одредува дали сме достојни да го примиме тој божествен дар. Ова го забележуваме и кај богоотците; кога се приближило времето Бог да им даде дете, Тој дозволил да имаат уште поголемо искушение (испитување). Бил празникот Сеници (шатори), и кога отишле во храмот да принесат дарови, свештеникот ги посрамил, велејќи им дека не се достојни да му принесат дарови на Бога, бидејќи немале ниту едно дете за народот Израел. Богоотците потоа многу се растажиле, но не очајувале. Тие се засолниле во „длабока молитва“, Јоаким заминал на планината, а Ана во градината, и нивната молитва конечно била услишана, кога ангел Господов ги известил и двајцата посебно, дека ќе се случи зачнувањето и раѓањето на дете, кое ќе биде познато во целиот свет.

Така и ние, драги мои браќа и отци, да покажеме неколебливо трпение во нашите таги и во искушенијата, кои Бог ги дозволува за наше добро и за духовно растење. Се молам пресветa Богородица и богородителката Ана, кои имаат дар да ја исцелуваат неплодноста, да ги исцелат нашите неплодни срца и недостатокот на духовни добри дела, за Бог да ја испрати Својата најслатка божествена благодат во нашите срца, која разубавува, обновува, ја уништува смртта и го спасува човекот од пропадливоста (corruption).

Превод: протојереј Антониј Петрушевски

Извор: “Thy birth, O Theotokos, has proclaimed joy to the whole world…”

Comments

Popular posts from this blog

Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?

Во што е гревот на фарисејот?

Божикно послание од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј