Од каде ли дојде благодатта во ПЦУ?

Поранешен клирик на УПЦ КП изјави дека во 2004 г. го примиле во јурисдикцијата на Фанар преку ракополагање. Сега тој е во недоумица; зошто истите такви клирици во 2018 г. ги примија „во чинот што го имаат“.

Свештеникот на Шпанската и Португалска митрополија на Цариградската патријаршија, Тарасиј Петруњак, даде интервју за Диалог.тут, кое за многумина од ПЦУ беше како ладен туш.

Тој кажа дека во 2004 г., кога сѐ уште бил свештеник во Киевската патријаршија, го примиле во клирот на Цариградската црква како мирјанин (т.е. како христијанин од народот), преку ракополагање. Фанариотите ја аргументирале таа нивна постапка со тоа што тврделе дека неговата филаретовска „хиротонија“ „не била исполнета со Светиот Дух“. Зошто, искрено прашува тој, во 2018 г., клириците на УПЦ КП и УАПЦ на Фанар ги прогласија за канонски свештеници? Бидејќи, нивното „ракополагање“ по ништо не се разликува од неговото.

Во врска со тоа, отец Тарасиј поставува сосема праведно прашање: „Во кој момент хиротониите на бившата Киевска патријаршија се исполнија со благодат?“

„Ако тие од самиот почеток биле исполнети со Светиот Дух, значи, мене треба да ме лишат од чинот како двапати ракоположен (затоа што тоа го велат каноните на Црквата – ред.). Ако хиротонијата на претставниците на УПЦ КП, исто како и мојата, беше недејствителна, тогаш зошто не ги примија во јурисдикцијата на Цариград како мирјани?“ – прашува свештеникот.

Прашањето на отец Тарасиј навистина е многу сериозно и тоа прашање треба одвреме-навреме да им се поставува на оние кои членовите на ПЦУ ги нарекуваат дел од Црквата Христова и сметаат дека со нив може да имаат „дијалог“. Украинскиот свештеник на Фанар едноставно го реактуелизираше шокот и недоумицата во Помесните цркви, што настанаа кога патријархот Вартоломеј, луѓето без чин одеднаш ги прогласи за канонски јерарси и презвитери.

Прашањето за „хиротониите“ на ПЦУ Помесните Православни Цркви и од одделни јерарси го поставуваа многу порано, односно уште кога стана познато дека Цариградскиот патријарх решил да им даде Томос на украинските расколници.

Но, пред да напишеме за позициите на Синодите и јерарсите на Црквите, треба да дадеме неколку воведни забелешки.

Фанар и „хиротониите“ на Денисенко пред Томосот

Сергеј Думенко, кој денес ја предводи ПЦУ, е „ракоположен“ од Филарет Денисенко. А Денисенко во тој момент не само што беше лишен од свештениот чин, туку се наоѓаше и под анатема. Таа анатема ја признаваа сите Помесни православни цркви, меѓу нив и Цариградската патријаршија.

На 15 април 1997 г., како одговор на известувањето за анатемата на Филарет од Архиерејскиот собор на РПЦ, Патријархот Вартоломеј му испратил писмо на Московскиот Патријарх Алексиј во кое напишал: „откако го примивме известувањето за спомнатата одлука (за анатемата на Денисенко и на Глеб Јакунин, а и за расчинувањето на многу поранешни јерарси на РПЦ кои преминале во раскол – ред.), ние за тоа им соопштивме на јерархијата на нашиот Вселенски престол и ги замоливме, во иднина да немаат никакво црковно заедничарење со спомнатите лица“.

Откажувањето од црковно заедничарење ја изразува согласноста со донесеното решение за анатема. И од 1997 до 2018 г., ни Вартоломеј, ни друг од канонските јерарси не го покрена прашањето за таа анатема.

Втор момент – анатемисан човек се наоѓа надвор од Црквата, што значи дека не може никого да ракополага. Таа аксиома ја знаат сите јераси, како и Денисенко. На пример, во 2019 г., Филарет во интервју за Украинското радио изјавил: „Добро, ако Вселенскиот патријарх од мене отстранил анатема во 2018 г., тогаш до 2018 г. јас бев под анатема или не? Ако бев под анатема, тогаш тоа значи дека сите тие епископи (ПЦУ  ред.) не се вистински. И Епифаниј, не само што не е митрополит – тој не е дури ни свештеник. Ако Вселенскиот Патријарх од мене отстранил анатема во 2018 г., тогаш целиот епископат не е вистински“!

И Филарет во овој случај е во право – целиот „епископат“ на ПЦУ нема канонска хиротонија, што значи – не е вистински.

Уште еден момент што треба да се памети.

Веднаш по војната во 1945 г., поголемиот дел од украинските „автокефалисти“ емигрираа во САД каде што беа возглавени од самопрогласениот епископ Јован Теодорович. Во 1949 г. него самиот и неговиот заменик Мстислав Скрипник ги преракоположија двајца канонски епископи од Александриската патријаршија во САД. Но, до 1995 г. (кога нивната структура „УПЦ во САД“ влезе во состав на Фанар), нејзиниот статус не беше канонски определен. Во тој неопределен статус, нејзиниот претставник Мстислав Скрипник во 1990 г. повторно ги ракоположи истите „епископи“ кои епископот (заштатный епископ - без епархија) на РПЦ Јован (Бондарчук), заедно со ѓаконот под забрана за служење – Викентиј Чекалин (РПЦ) успеал да ги „постави“ за УПЦ КП. Тие „епископи“ уште еднаш ги „преракоположил“ Филарет (додека и самиот бил во раскол), сомневајќи се во каноничноста на хиротонијата на Мстислав.

Но, тоа не е сѐ. Како што спомнавме погоре, „УПЦ во САД“ во 1995 г. влезе во состав на Цариградската патријаршија. А како? Преку повторени хиротонии.

Сајтот Седмица.ру пишува: „Во 1995 г. Константин (Баган) и неговата расколничка структура поднесоа барање до Синодот на Цариградската патријаршија за да бидат примени под омофорот на Патријархот Вартоломеј. На 12 март 1995 г., Синодот на Цариградската Црква го одобри тоа барање. Потоа следуваше преракополагање на јерарсите и духовништвото на поранешните „митрополии“ на УАПЦ во САД, што, сепак, помина незабележано. Константин (Баган) после тоа доби чин на титуларен митрополит на Иринуполис и беше поставен за поглавар на автономната митрополија на Цариградската патријаршија во САД“.

Како што гледаме од наведениве примери, отсуството на канонски хиротонии за украинските расколници никој не го доведуваше во прашање – нив ги ракополагаа дури и во случај на најмал сомнеж.

Колку зачуденост имаше во Православието низ светот кога Фанар најпрво ја отстрани анатемата од Филарет, а потоа, „по икономија“, ги прими во „чинот што го имале“ сите украински расколници. Токму поради таа причина мнозинството помесни цркви категорично одбија да ја признаат ПЦУ по доделувањето на Томосот. Да разгледаме неколку конкретни примери.

Фанар и „хиротониите“ на ПЦУ по Томосот

Така, Синодот на Романската православна црква побара од Фанар „да го појасни проблемот со неканонските јерарси и свештеници кои припаѓаа на поранешната „Киевска патријаршија“.

Синодот на Албанската црква уште пожестоко изјави: „Како е можно, со икономија, да се признаат тие хиротонии како да имаат благодат од Светиот Дух, кога сите тие хиротонии (на шизматиците – ред.) беа хула на Светиот Дух... Не е можно да се признаат тие хиротонии кои биле извршени од одлачениот и предаден на анатема Филарет Денисенко, чии хиротонии не беа вистински и се лишени од благодатта и дејството на Светиот Дух“.

Исто толку јасно се изрази и Синодот на Кипарската црква: „2000-годишната историја, како на Кипарската црква, така и на целата Православна црква ја става под сомнеж можноста за легализирање на таинства кои се извршени од архиереи кои се лишени од чинот, кои биле одлачени од Црквата и паднале под анатема“.

Освен тоа, своето гледиште во однос на проблемот со „хиротониите“ на ПЦУ го изразија и многу клирици од Грчката црква, според кои „немаше убедлив одговор во однос на канонски непостоечкиот „свештен чин“ на новата црква“.

Жителите на Света гора Атон исто така сметаат дека „епископската хиротонија“ на Макариј Малетич „не треба да се смета за вистинска, како и следните „хиротонии“ на другите расколнички „епископи“.

Но, што е најинтересно, дури и во самата ПЦУ одлично разбираат, дека поголемиот дел од „епископите“ на таа структура немаат никаква хиротонија. На пример, поранешниот јерарх на УПЦ митрополитот Симеон (Шостацкиј) кажа дека на патријархот Вартоломеј му предложил да ги преракоположи „јерарсите“ на ПЦУ, но тој одбил.

Вакви тези искажа и поранешниот митрополит на УПЦ Александар Драбинко, според чии зборови, ако не беше неговото „беспрекорно канонско достоинство“, тогаш ни Томосот не би постоел (од тие зборови може да се заклучи дека сите останати колеги на Драбинко во ПЦУ го немаат таквото „достоинство“.

Заклучоци

Може да се наведат и многу други изјави, како од јерарси, така и од Синоди на помесни цркви (на пример: на Полската, Српската, Македонската), кои јасно зборуваат дека претставниците на ПЦУ немаат никакви канонски хоротонии. А од каде и да ги имаат, ако таа структуратж од почетокот ја градел човек кој е одлачен (т.е. отстранет, исфрлен) од Црквата?

Од друга страна, неканонскиот карактер на сите „свештенодејства“ на претставниците на ПЦУ треба да го имаат предвид не само јерарсите на другите помесни цркви кои спокојно се однесуваат кон сослужувањето со нив, туку и мирјаните (т.е. христијанскиот народ), а исто така и сите во УПЦ кои мислат дека е можен компромис со ПЦУ.

Сѐ додека проблемот со „хиротониите“ на Думенко и неговите пријатели не биде решен, сите компромиси се самозалажување и откажување од Христовата Црква. И решението на тој проблем јасно и разбирливо е пропишано во одлуките на Помесниот собор на Украинската црква од 27 мај 2022 г. – „за признавање на каноничноста на јерархијата на ПЦУ е неопходно востановување на апостолското преемство на нејзините епископи“. Во актуелната состојба тоа востановување е можно само со хиротонисување на сите членови на ПЦУ кои преку покајание ќе посакаат да се вратат во единство со Телото Христово.

Конечно, за поголемиот дел верници сите тие перипетии со правилни или неправилни хиротонии се многу апстрактни поими. Но, дејствата на членовите на ПЦУ кои се случуваат пред нивните очи – тоа се многу конкретни нешта. Тотална лага, омраза, насилство, масовни одземања на храмови, при коишто клирици на Думенко со свои раце ги кршат вратите со хебла  сето тоа не е апстратно и многу очигледно докажува дека таквите луѓе го немаат печатот на Светиот Дух. Тие не се Христови.

Како што толерантно му кажале на о. Тарасиј Петруњак на Фанар: „Вашето ракополагање не е исполнето со благодатта на Светиот Дух“.

Превод: свештеник м-р Филип Станковски
Так откуда все же взялась благодать в ПЦУ?

Comments

Popular posts from this blog

Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?

Во што е гревот на фарисејот?

Божикно послание од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј