Од историјата на титулата „Вселенски патријарх“
▪️ Претстоителот на Константинополската црква од VI век се титулира „Вселенски патријарх, Οἰκουμενικός Πατριάρχης“. Иако оваа титула се прикрепила за Константинополскиот архиепископ, нејзиниот носител во Православната црква не бил разбиран како патријарх на целата вселена. Со титулата „Вселенски патријарх“ во одредени документи се титулирале претстоителите на сите пет главни престоли на Византиската империја (Римскиот, Константинополскиот, Александрискиот, Антиохискиот и Ерусалимскиот).
▪️ „Вселенски“ (на грчки οἰκουμένη, се чита „икумени“) означувало „империски“, односно она што се наоѓа на територијата на империјата. На пр., во следниот стих од Светото Писмо се подразбира дека императорот издал заповед да се направи попис по целата Римска империја, а не во целиот свет: „Бысть же во дни тыя, изыде повелѣнiе от кесаря Августа написати всю вселенную (οἰκουμένην)“ (Лука 2, 1).
▪️ Во Правилото 28 од Четвртиот вселенски собор (451 г.) се вели:
„...сто и педесетте богољубезни епископи му признаа рамни права на светиот престол на Новиот Рим, расудувајќи правилно дека градот кој е удостоен да биде град на царот и на управителството, и кој има предности рамни на древниот царски Рим, и во црковните работи треба да биде возвишен како него и да биде втор по него...“
Значи, отците му даваат „предности, привилегии“ на Константинопол - да биде втор по Рим - врз основа на политичкиот статус што го добил кога станал „царствен“, главен град. Но, денес не само што Константинопол не е веќе „град на царот и управителството“, туку не постои ни Византиската империја, ни градот Константинопол.
▪️ Дури во XX век патријархот Мелетиј (Метаксакис) го воведува новото разбирање на таа титула како „сеопшт и прв без еднакви“.
Comments
Post a Comment