Беседа на 25-та Недела по Педесетница. За милосрдниот самарјанин
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри! Во денешното неделно евангелско читање, Спасителот на светот и наш Господ Исус Христос одговори на најважното прашање за сите нас: - Што да правиме за да го наследиме вечниот живот? Ова прашање пред Господа го предложил некој еврејски законик. Тој го прашал Спасителот: „Што треба да направам за да го наследам вечниот живот? Господ му укажал на законот што Бог им го дал на Евреите преку Мојсеј: „Што е напишано во законот? Како читаш? Тој одговори и рече: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сета своја сила и со сиот свој ум, и својот ближен како себеси. Исус му рече: Добро одговори; прави го тоа и ќе живееш“, односно ќе живееш вечно. Но тој, сакајќи да се оправда, односно сметајќи се себеси, како и другите фарисеи, за праведник кој го исполнил законот онака како што го разбрал; еднострано, неправилно, му рекол на Исус: А кој е мојот ближен? (верувајќи дека за ближен треба да се смета само Евреин, а не секој човек). Христос одговорил вака:
Еден човек одел од Ерусалим кон Ерихон. На патот бил нападнат од разбојници кои го претепале толку многу, што едвај останал жив. По тој пат случајно поминал некој еврејски свештеник, го погледнал својот несреќен сонародник и продолжил. И левитот постапил исто така. Но, некој Самарјанин што минувал таму постапил поинаку. Тој покажал вистинска милост. Не спомнувајќи го непријателството што постоело меѓу Самарјаните и Евреите, Самарјанинот, штом го видел несреќникот, се смилувал на него. Тој му се приближил, му ги преврзал раните, полевајќи ги со масло и вино; потоа го качил на неговото магаре, го однел во гостилница и се погрижел за него до неговото целосно оздравување. „Што мислиш, кој од овие тројца бил ближен на оној што паднал меѓу разбојниците?“ - прашал Спасителот. Тој рекол: Оној што му укажал милост. Тогаш Исус му рекол: Оди и ти прави така. Тоа значи, драги браќа и сестри, за да се удостоиме за вечниот живот, потребно е ревносно да ги исполнуваме двете главни заповеди: да го љубиме Бога со сето свое срце и ближниот како себеси. „На овие две заповеди - рече Спасителот, целиот закон и пророците се крепат“ [т.е. во нив се состојат].
Да го љубиш Бога со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и ум значи да му се предадеш на Бога со сето свое битие, со сета своја сила, целосно да му се посветиш на Него, а не да се делиш и предвојуваш меѓу Бога и светот; да не живееме само делумно за Бога и Неговиот закон, а делумно за светот, за страстите на телото, за гревот и ѓаволот, како што често ни се случува, туку целосно да се посветиме на Бога, да бидеме целосно Божји, посветени, свети во целиот свој живот. „Следејќи го примерот на Светиот [Бог] кој ве повика, бидете свети во сите ваши дела“, вели светиот апостол Петар. Да ја разгледаме, на пример, молитвата. Ако го љубиме Бога со сето свое срце, секогаш ќе Му се молиме со сето свое срце, со сета наша душа, со сета наша сила, со сиот наш ум; никогаш нема да бидеме расеани, мрзливи, невнимателни, студени во молитвата и за време на молитвата нема да оставаме простор во нашите срца за световните грижи. Сета наша тага да ја положиме на Господа, зашто Тој се грижи за нас, како што вели светиот апостол. Да се обидеме да ја разбереме молитвата, да ја учиме и да ја разбиреме Божјата служба во сета нејзина длабочина и убавина. Ако го сакаме Бога со сета наша душа, тогаш искрено ќе се покаеме пред Него за нашите гревови и секој ден ќе принесуваме длабоко покајание на Господа, зашто постојано многу грешиме. Да се покаеме, односно да се осудиме за нашите гревови со сето свое срце, со сета наша сила и ум; да се согледаме себеси со сета безмилосна строгост, со сета искреност; да Му принесеме целосна исповед, за ниту еден грев да не остане непокајан. Така, да го љубиш Бога со сето свое срце, значи да ја љубиш Неговата вистина, Неговиот закон со сето свое срце и со сета своја сила, да правиш добро секаде и секогаш, и да ја мразиш лагата и секој грев со сето свое срце, да не даваш простор за грев ни една минута, односно да не се согласуваш со гревот, да не сочувствуваш со него, да не се помируваш со гревот, туку постојано да се бориш и да бидеш храбар и победнички воин на Христос Бог. Да се љуби Бог, значи да не се отстапува ниту за миг од благочестието, од вистината и доблеста, дури и ако заради оваа посветеност ќе се изгубат некакви земски придобивки. Исто така, да го љубиш Бога со сето свое срце, значи да дадеш сè од себе за да им помагаш на луѓето да се упатат кон Бога, кон Неговата љубов, кон славословење на Бога, кон Неговото Вечно Царство, за сите да Го познаваат, да Го љубат, да Го прославуваат и да се спасат. Свети Василиј Велики учи дека, за да се стекне љубовта кон Бога, треба да ја исчистиме душата од секакви гревови и пороци и вредно да се трудиме да ги исполнуваме Неговите свети заповеди, т.е. Неговата волја. „Ако Ме љубите“ - вели Спасителот, „чувајте ги Моите заповеди“; „Кој Ме сака Мене, ќе го запази Мојот збор, кој не Ме сака, не ги пази Моите зборови.“ Ова, драги браќа и сестри, е патот по кој се стигнува до вечниот живот!
Но, кога зборуваме за љубовта кон ближниот како кон себе, тогаш нашето лукаво тело, своеволно сака да го ограничи кругот на нашите ближни и љубовта кон ближниот, имено, да ги сакаме само оние што нас нè сакаат, само нашите, само пријателите и познаниците кои ни се пријатни, а оние кои нѐ мразат, непријателите, туѓинците, странците, често не ги сметаме за ближни, не сакаме да им правиме добро, а понекогаш дишеме со гнев и одмазда или сакаме да ги љубиме само оние кои се богати и здрави, убави, а од несреќните, сиромашните, болните, неубавите - се згрозуваме. Но, што ни кажува небесната Вистина и единствениот Учител на вистината, Исус Христос? Тој вели дека мора да го сакаме секој човек и покрај разликите во верата и религијата, и покрај различните состојби; богатството или сиромаштијата, здравјето или болеста на човекот, и за тоа Господ ја раскажал параболата за милосрдниот Самарјанин. Ранетиот Евреин не бил ниту сонародник, ниту од иста вера, ниту познаник, ниту роднина, ниту пријател на Самарјанинот. Но, тој бил трогнат од неговата несреќа и му укажал вистинска помош, само затоа што бил човек сличен на него и чедо на Едниот Бог и Создател, кој паднал во неволја. Господ ни го претставува Милостивиот Самарјанин како пример и вели: „Оди и ти постапувај така“, односно укажувај милост, ако е можно, на секој што навистина му треба милост, сакај го својот ближен како себеси. Да го сакаш секој човек како себе си, значи да ги почитуваш другите така како што би сакале нас да нѐ почитуваат, да не сметаме никого за туѓ, туку секого - за наш брат. Неговото добро, неговото спасение да го сметаме за свое добро, за свое спасение; да се радуваме на неговата благосостојба како на своја, да тагуваме за неговата несреќа како за своја; да се потрудиме да го избавиме од неволја, од несреќа, од сиромаштија, а особено од гревот, како што би се обиделе и во делото на нашето спасение. „Радувајте се со оние што се радуваат и плачете со оние што плачат “ - поучува светиот апостол Павле. Силните треба да ги трпат слабостите на немоќните и да не си угодуваме на себе. Секој од нас треба да се моли за другиот и да му помага на ближниот за неговото добро и усовршување. Да го сакаш ближниот како себе си значи да го почитуваш како себеси, да не мислиш недостојно за него, да не чувствуваш никакво зло кон него, да не му завидуваш, да бидеш попустлив кон неговите недостатоци и слабости, да ги покриваш неговите гревови со љубов, ако сакаме другите да бидат снисходителни кон нашите недостатоци. „Бидете трпеливи еден кон друг со љубов“ - поучува светиот апостол. Не враќајте зло за зло или навреда за навреда. „Сакајте ги своите непријатели - поучува Спасителот: „Благословувајте ги оние што ве проколнуваат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и прогонуваат“.
Да го сакаш ближниот како себеси, значи да се молиш за живите и за покојните, за роднините и нероднините, за познаниците и непознатите, за пријателите и за непријателите како за себе и да им посакуваш добро, спасение на душата, како што што посакуваш за себе. Така нè учи Светата Црква во нејзините секојдневни молитви. Да го сакаш ближниот како што се сакаш себеси значи и да сакаш без пристрасност, без разлика дали е сиромашен или богат, убав или не, стар или млад, благороден или прост, корисен за нас или не, пријател или непријател, затоа што сепак, Божји човек е, сите сме создадени според Божјиот образ т.е. лик, сите сме чеда на едниот Отец Небесен.
Значи, да се обидеме да ги разбереме и да ги исполниме овие две главни заповеди на Божјиот закон и да Го молиме Господ Бог да ни помага да го постигнеме тоа, за да го наследиме вечниот живот преку Божјата благодат. Амин.
Извор: Архимандрит Илия (Рейзмир), В двадцать пятую Неделю по Пятидесятнице. О милосердном самарянине Превод: протојереј Антониј П.
Comments
Post a Comment