Особености и нови елементи на томосот на ПЦУ (Православната црква на Украина)
1. Константинополскиот престол е наречен Глава на Црквата, а не Господ Исус Христос, кој е наречен само „Основач“ на Црквата. Оваа особеност има не само канонско, туку и важно догматско значење.
2. Титулата на претстоителот на Црквата во томос не само што е одредена, туку е укажана и забрана за нејзино менување без согласност на Константинопол. Причините се очигледни: се работи за спречување на претензии за статус на Патријаршија.3. Како и во случајот со Чешката црква, пропишан е строг правилник за дејноста на Синодот.
4. Новата автокефална црква е означена како „ќерка“. Името „сестра“ не се применува за неа. А, истовремено сите други помесни Цркви се наречени „сестри“ на новата автокефална Црква. На овој начин, на старите термини им се дава ново значење: има една „Црква Мајка“, другите Цркви се нејзини „ќерки“, а една со друга тие се „сестри“.
5. Исто така, постои забрана за поседување парохии надвор од границите на Украина и одлука дека тие мора да бидат предадени и потчинети на Константинопол, затоа што наводно тој има монопол врз православната дијаспора.
6. Додека во томосот на Чешката црква правото на архијереите од Фанар да се мешаат во нејзините внатрешни работи било дефинирано како право на највисока инстанца по црковните судења во рамките на Православната црква на Чешките земји и на Словачка, во овој томос веќе е укажано дека секој епископ или свештеник има право веднаш да се обрати до Цариградската православна црква за таа да донесе конечна - „необжалива, безапелациона“ судска одлука. (Спорната природа на наводната канонска основа на оваа одредба заслужува посебно разгледување.)
7. Во томосот е укажано дека Константинополскиот престол е „глава“ не само на новата автокефална црква, туку дека и „останатите патријарси и претстоители“ го признаваат како „глава“. Оваа формулација, во која Главата на Црквата Христос се заменува со „главата на Црквата на Вселенскиот Патријарх“, не се применува само за „Православната црква на Украина“, туку е наменета и за целиот православен свет.
8. Утврдена е обврската (а, не само правото) на новата автокефална црква; да учествува во сите советувања и други акции на Цариградската црква. Очигледно е земено предвид неуспешното искуство со Соборот на Крит, кој го организираше патријархот Вартоломеј и кој многу помесни Цркви го игнорираа.
9. Утврдена е обврска за секој нов претстоител на „Православната црква на Украина“ своите патувања да ги започне со посета на Фанар.
10. Како и во многу други томоси, пропишана е обврска за „Православната црква на Украина“ да прима свето миро од Цариградската патријаршија.
11. Претходно Фанар тврдеше дека има монопол и врховна улога во регулирањето на надворешните црковни односи на новите Цркви, за решавање на „прашања од црковен, догматски и канонски карактер“, а сега, според новиот томос, таквата соработка веќе нема смисла. Отсега сите потребни разјаснувања Вселенскиот престол ќе ги дава сам, без меѓуцрковно разгледување.
12. Освен новата автокефалија на територијата на „Православната црква на Украина“ се создаваат и егзархија и ставропигија на Цариградската црква, а нивните права се неприкосновени. Тоа значи дека канонските граници на новата структура се функционални само во една насока: „Православната црква на Украина“ не може да има парохии во странство, а Цариградската патријаршија може да има свои парохии на украинска територија, и нејзините права се неотуѓиви.
13. Во завршниот дел на томосот дополнително се прецизира дека автокефалноста се доделува токму под овие услови. Со тоа се обезбедува основа за укинување на автокефалноста, во случај ако се нарушат поставените услови.
Томосот во превод
на англиски https://shorturl.at/nqHQ5
на руски https://shorturl.at/lADZ9
на бугарски https://shorturl.at/adghl
Извадок од: Павле Даровски: „Томосологија” Константинопољске Патријаршије
Comments
Post a Comment