Антиохиската патријаршија канонизираше двајца свештеномаченици

Антиохиската патријаршија вброи меѓу светителите и во својот календар на празници вклучи двајца новомаченици: отец Никола Хаша и отец Хабиб Хаша. Двајцата новопрогласени свештеномаченици се свештеници - татко и син. Нивното канонизирање е со одлука на светиот Синод на Антиохиската Патријаршија од октомври оваа година.

Отец Никола Хаша и неговиот син отец Хабиб Хаша биле свечено прославени на 4 ноември со благодарствен молебен што го отслужил Антиохискиот патријарх Јован X во црквата на Светиот крст во Дамаск.

Во својот говор по молитвата патријархот Јован ја нагласил улогата на Антиохиската патријаршија во историјата на Црквата: „Антиохија е Црквата - мајка која му го дала зборот „Христијани“ на светот, зашто токму тука Христовите ученици првпат биле наречени христијани (Дела 11, 26); Антиохија е Црквата која на целиот свет му дала големи луѓе, свети мажи и жени кои покажале добра волја и добродетел. Од Антиохија дошле свети Игнатиј Богоносец, свети Јован Златоуст и свети Јован Дамаскин; во поново време патријархот Григориј IV, патријархот Илија IV и патријархот Игнатиј IV, а денес им оддаваме чест на двајцата маченици, свештениците Николај и Хабиб Хаша Антиохиски“.

Патријархот се осврнал на тоа дека двајцата новопрославени свети не се монаси, па затоа некои погрешно мислат дека патот на светоста е само за луѓето во манастир. „Светоста е патот на секое добро човечко суштество кое го отфрла и заборава она што е зад нас, односно темнината, убиството и порокот, и оди напред кон Господа и добродетелта. „За нас е особено поучно што свети Никола и свети Хабиб се родени и израснати во едно семејство. Ова е доказ за важноста на семејството. Затоа, да ги чуваме нашите семејства и нашите деца, а зборовите татко и мајка, дедо, баба, брат и сестра се свети и мора да ги заштитиме“.

Никола Хаша е роден во Дамаск во 1856 година. Учел во православната патријаршиска школа „Ал-Азија“. Тој беше активен учесник во Антиохиската православна народна организација, чија цел беше да ја арабизира Антиохиската катедра, зајакнувајќи ја улогата на арапскиот како литургиски и проповеднички јазик. Отец Никола Хаша преведувал православни литургиски и духовни книги од грчки на арапски, поради што бил прогонуван од османлиските власти. Бил помошник на Антиохискиот патријарх Григориј IV, кој раководел со обновената Баламандска теолошка школа за подготовка на свештеници кои зборуваат арапски. Поради неговата просветна дејност на полето на христијанската мисија, тој бил убиен од Османлиите на 2 август 1917 година во градот Мерсин (сега во Турција).

Неговиот син о. Хабиб (арапско име за еврејското Давид) бил маченик триесет години подоцна, на 16 јули 1948 година. Тој бил едно од осумте деца на свештеникот Никола Хаша. Дипломирал на Американскиот универзитет во Бејрут. Со семејството се преселил во Мерсин, каде татко му служел во православна парохија. Во 1932 година се откажал од профитабилната професија сметководител и го прифатил свештенството, кое во тоа време обезбедувало многу ниски приходи за семејството. Станал познат по грижата за парохјаните, за сиромашните, за чии потреби се задолжувал, а долговите потоа сам ги подмирувал. Особено се грижел за вдомувањето на девојките христијанки кои според тогашните обичаи, муслиманите често ги „купувале“ од нивните семејства, а о. Хабиб, по примерот на свети Никола Мирликиски, ги плаќал потребните пари и ги вдомувал младите христијанки. Имал посебна љубов кон молитвата и богослужбата. Бил многу добар проповедник. Тој бил убиен од престапници на планината Хермон (Ермон), позната од Библијата, каде што имал обичај да оди. Злосторниците го мачеле четири часови, а потоа го фрлиле телото од карпите. Подоцна биле уапсени, а еден од нив изјавил дека го убиле свештеникот затоа што мислеле дека е „еврејски шпион“.

Антиохиската црква одреди споменот на двајцата свештеномаченици да се празнува на 16 јули.

Извор: dveri.bg

Comments

Popular posts from this blog

Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?

Во што е гревот на фарисејот?

Божикно послание од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј