За правата и должностите на свештените чинови

Постојат посебни должности или права кои припаѓаат на секој од трите степени на свештенство. Така:

 А. Епископот ги стекнува сите должности и права што му припаѓаат на свештенството според неговата тројна власт. Оваа служба ја извршува во својата епископија, секако во рамките што ги определуваат Светото Писмо, свештените канони и одлуките на соборите. Никој друг, па ни патријарх, не може да се меша во работите на епископската област, освен Свештен собор на помесната црква. Тој има доживотно право на неа, а неговото евентуално оддалечување од неа, преместување и повлекување, може да се изврши само по молба или по судска одлука на надлежен црковен орган.

Б. Презвитерот ги извршува сите должности и права што му припаѓаат во рамките на парохијата на која е распореден. Тој одговара прво пред надлежниот епископ, а потоа и пред Свет собор. Неговите должности воглавно се исти како и должностите на епископот, освен во следното:

1) Не ракополага, не врши хиротесија канонски (освен игумен, кој може да изврши хиротесија на монах). 2) Не осветува свето миро за таинството миропомазание. 3) Не осветува храмови и антиминс. 4) Не замонашува, ниту ги исповеда верниците, освен со дозвола од надлежниот архијереј.

В. Ѓаконот е помошник на епископот, а со тоа и на презвитерот, во црквата и во храмот во којшто служи.

* * * 

...Власт да простуваат гревови Господ им дал првенствено на апостолите, кога рекол: „Што ќе врзете на земјата, ќе биде врзано и на небото, а што ќе разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото“ (Мт 18,18). И: „На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат; а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат“ (Јн 20, 23). Потоа епископите ја добија оваа власт. Следствено, службата исповед епископите им ја отстапуваат на презвитерите со посебно заповедно писмо и посебна хиротесија. Овие презвитери се нарекуваат духовници. По исклучок, во случај на неопходност, исповед може да изврши и секој презвитер, дури и кога не е овластен од епископот со посебна дозвола. Но, подоцна треба да му соопшти на надлежниот епископ дека го извршил таинството исповед. Никој друг не може да ја извршува тајната исповед, ниту ѓакон, ниту монах или монахиња, дури и ако е игумен или игуманија.

Од: Панајотис Ј. Бумис, професор на Атинскиот универзитет, Канонско право.

Comments

Popular posts from this blog

Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?

Во што е гревот на фарисејот?

Божикно послание од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј