Божикно послание од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј
†ГРИГОРИЈ,
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
МИТРОПОЛИТ КУМАНОВСКО-ОСОГОВСКИ,
ПО ПОВОД РОЖДЕСТВОТО ХРИСТОВО,
ГО ИСПРАЌА МИРОТ И БЛАГОСЛОВОТ
ОД БОГОМЛАДЕНЕЦОТ ПРЕКУ ПОРАКИТЕ НА БОЖИКНОТО ПОСЛАНИЕ,
ДО СЕЧЕСНОТО СВЕШТЕНСТВО,
БОГОЉУБИВОТО МОНАШТВО И СИТЕ ХРИСТОЉУБИВИ ПРАВОСЛАВНИ ЧЕДА НА КУМАНОВСКО-ОСОГОВСКАТА
ЕПАРХИЈА
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
МИТРОПОЛИТ КУМАНОВСКО-ОСОГОВСКИ,
ПО ПОВОД РОЖДЕСТВОТО ХРИСТОВО,
ГО ИСПРАЌА МИРОТ И БЛАГОСЛОВОТ ОД БОГОМЛАДЕНЕЦОТ ПРЕКУ ПОРАКИТЕ НА БОЖИКНОТО ПОСЛАНИЕ,
ДО СЕЧЕСНОТО СВЕШТЕНСТВО, БОГОЉУБИВОТО МОНАШТВО И СИТЕ ХРИСТОЉУБИВИ ПРАВОСЛАВНИ ЧЕДА НА КУМАНОВСКО-ОСОГОВСКАТА ЕПАРХИЈА
Ги спаси луѓето чудодејствувајќи Владетелот, кога ја оземји морската вода; а кога по своја волја се роди од Девојка, ни предложи проодна патека кон небото; Него, Кој по природа е рамен и на Отецот и на луѓето – Го славиме.[1]
Возљубени чеда во Господа,
Од овие
стихови на богослужбените песни кои најдобро ја изразуваат смислата на празниците,
дознаваме дека Бог Словото и Син Божји, Кој е рамен на Отецот, Кој е роден од Отецот
пред сите векови, на себе ја зеде човечката природа, стана Човек, рамен на луѓето,
се изедначи со луѓето[2], за повторно, по патеката која ја направи проодна
со Неговата неискажлива љубов, да го воведе човекот во заедница со Бог Отецот.
Затоа,
Божик е празник на Воплотувањето, на Вочовечувањето на Бог, коешто е многу повеќе
од роденден на Исус. Личноста на Господ Исус Христос роден во Витлеем јудејски е
личноста на предвечниот Бог Слово, Кој е еден од Бог Троица, Синот Божји Кој постои
пред создавањето на светот, преку кого настана сѐ. На Божик го празнуваме вкрстувањето
на надисториското со историското, вечниот Бог влегува во историјата, дојде и го
исполни сиот домострој за нас; Бог, Кој нѐ привел од небитие во битие, нас паднатите
повторно нѐ подигна и направи сѐ што е спасително за нас, за да нѐ вознесе на небото
и ни го даруваше своето Царство.
Возљубени чеда на Христа Богомладенецот,
Да го славиме со црковни песни и химни Рождеството Христово, да празнуваме литургиски и во храмот и надвор од храмот! За да не остане Божик без Христос „треба да бидеме нарочно внимателни кон она што го слушнавме, за некако да не отпаднеме, ...да не занемариме такво големо спасение, кое, најнапред проповедано од Господа, се потврди од оние што го беа слушнале од Него“[3].
Не дозволувајте конзумеризмот да ја поматува вистинската божикна радости да провоцира несигурност со сугерирање на туѓи стандарди за празнување. Не дозволувајте објективизираниот свет, царството на нужноста, царството на потчинување на универзалните принципи на творечката активност, да го заробат молитвеното празнување со конзумеристичкото подарување од хуманост, бидејќи во светот на објектите материјата е „посилна“ од Бога, поточно е поробувачка. Подарувањето за Божик настанало во спомен на даровите што Му биле дадени на Богомладенецот Исус Христос, односно како спомен на даруваното спасение што го донесе Спасителот на светот. „Бидејќи вие ја знаете милоста на нашиот Господ Исус Христос, дека Он, бидејќи богат, осиромаши поради вас, та и вие да се збогатите преку Неговата сиромаштија“[4].
Воплотувањето Господово е Негово осиромашување (ὁ πλήρης κενοῦται). Краткотрајното испразнување од Неговата Божествена слава, во времето и просторот, е предвечна божествена цел за да го покаже образецот (моделот, домостројот) на слуга на човечкиот род, и секој човек што ќе Го следи Неговиот образец, преку примена на служењето на другите, како што Тој ‒ како Богочовек служеше, е да се стекне со божествените карактеристики, особини и својства[5]. Христовото Своеволно снижување од Својата Божја слава и трпеливо понижување и страдање во тело е снисходење (κένωσις) на Неговата љубов кон човечкиот род. Ако Бог не дојдеше кај човекот, човекот не ќе можеше да отиде кај Бога. „Потребно беше, вели свети Григориј Богослов, Бог да слезе од височината на Својата слава и човекот да се возвиши од своето понижување, за човекот да учествува во Божествената љубов. Христос слезе до адот, а човекот само ја подаде раката за да го прими новиот живот што му го донесе.[6]“ Преку Златоустиот Јован како да ни зборува самиот Христос: „За тебе, чедо мое, осиромашив, бев биен, се понижив од Својата слава. Го оставив Отецот и дојдов кај тебе, ти кој ме мразиш и ме отфрлаш. Дојдов кај тебе за да те посвојам. Те соединив со мене. И горе на небесата те имам, и долу на земјата соединет сум со тебе“[7].
Љубовта,
значи, е бесценетиот човеков дар којшто не се купува, туку се стекнува со подвигот
на себе-откажување: оној што љуби се напушта себеси, се празни од својот егоизам
и се дарува на другиот. Да ја воспитуваме љубовта во нас, да го пронајдеме бесмртниот
Извор – светата Литургија, која ни ја нуди единствената можност да се храниме од
Неговата непропадлива Храна – Телото и Крвта Христови во коишто,Тој Самиот од љубов
ни се дарува.
Една богослужбена песна[8] исполнета
со надеж, ја искажува вистината дека Господ Бог се роди од Девојка – Богородица,
токму за да го обнови тој изгниен, расипан Божји образ, т.е. Божјата икона според
која е создаден човекот:
„Зашто Бог, Кој благоволи да стане
човек од Тебе без татко, Те направи Мајка, застапничка на Животот, за да го обнови
во човекот Својот образ (т.е. икона, ἀναπλάσῃ εἰκόνα), изгниен (φθαρεῖσαν, истлевший)
од страсти и, откако ќе ја најде изгубената овца во планините, да ја земе на Неговите
рамења и да ја однесе кај Отецот и, според Неговата волја, да ја соедини со небесните
Сили и да го спаси светот, Христос кој има голема и богата милост.
Свети апостол Павле, исто така, духовното напредување и отуѓувањето од Бога ги поврзува со вложувањето во телесните похоти од коишто човекот се корумпира, се исполнува со пропадливост, гнилеж, смрт и, спротивно, со вложувањето во духовните вредности од кои се стекнува вечниот живот. „Не лажете се: Бог не позволува да биде поруган. Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее: кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел (de carne et metet corruptionem); а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот“[9].
И друга Божикна црковна химна ни ја пренесува надежта што Христовото Рождество ја носи за човекот „кого – расипан од престапот, целиот гнилеж сторен, отпаднат од славата Божја – мудриот Творец повторно го обновува, зашто Tој се прослави“[10].
Возљубени,
Светите луѓе ништо не губат со загубата на ововремените добра. Ако правилно се размислува и се согледаат овие работи, тогаш треба да обрнеме внимание, дали на оние што веруваат и на благочестивите им се случило некакво зло, а да не им се свртило потоа на добро; освен ако случајно не треба да се смета дека е празна онаа апостолска мисла, кога апостолот вели: „Знаеме декана оние што Го љубат Бога, сè им се свртува на добро“[11]. Изгубиле сè што имаат, но ја изгубиле ли верата? Ја изгубиле ли благочестивоста? Зарем ги изгубиле добрата, што човек пред Бога е богат. Ова се богатствата на христијаните за коишто зборува апостолот. Голема придобивка е благочестивоста, здружена со чувството да си задоволен со она што го имаш; зашто ништо не сме донеле на овој свет и ништо не можеме да однесеме; ако имаме храна и облека – нека бидеме задоволни со тоа. Тие што сакаат да се збогатат, паѓаат во искушенија, измами, а многубројните неразумни и штетни желби ги нуркаат луѓето во несреќа и пропаст. Коренот на сите зла е алчноста за богатство, и оние, „што го посакуваат, застрануваат од верата и се вплеткуваат во многубројни страдања“[12]. Значи, оние чиешто богатство пропадна при пустошењето на сопствената држава, да мислеа за него, односно да го користеа светот како воопшто да не го користат, ќе можеа да го кажат она, што Оној, иако сериозно беше искушан, сепак не беше победен, го рече: „Излегов гол од утробата на мојата мајка, гол ќе се вратам во земјата. Господ даде, Господ зеде – нека биде благословено името Господово“[13]. Повторно свети апостол Павле нè поучува: „Оние што сакаат да станат богати, паѓаат во искушение“[14]. На друго место препорачува: „Препорачајте им на богатите од овој свет да не размислуваат напернато (надмено, надуено, вообразено), ниту да се надеваат во несигурноста на богатството, туку во живиот Бог, Кој ни дава да се насладуваме во сè; а луѓето треба да извршуваат добри дела со леснотија, за да си спечалат добар живот во вечните векови, за да го делат вистинскиот живот“[15]. Оние што вака чинеле со своето богатство, тие, поради мали загуби биваат утешени со големи добивки и тогаш повеќе се радуваат поради тоа, што лесно делејќи, побезбедно го сочувале, одошто да тагуваат поради тоа што лесно го изгубиле. Зашто на земјата можело да пропадне само она, што било недостојно да се пренесе од земјата на небото. Оние што го прифатиле советот на својот Господ кога вели: „Не стекнувајте богатства на земјата, каде што го уништуваат молци и р’ѓа, туку печалете си богатство на небото, каде што крадецне стигнува, ниту, пак, молец го изедува, зашто каде што е вашето богатство, таму ќе биде и срцето ваше“[16]. Зашто, ако многумина се израдувале што своето богатство го имале таму, каде што непријателот не можел да допре, кому побезбедно и посигурно да му се радуваат оние што по заповед на својот Бог го пренеле онаму, каде што непријателот воопшто ниту да се приближи? Затоа, секој христијанин мора да наоѓа утеха во сиромаштвото, отколку на надежта што се темели на непостојните и нестабилни ствари, па и самиот овој времен живот, кој воопшто не е за отфрлање, во кој се учиме за вечниот живот и како патник на поминување се служиме со земните добра, но ние не им робуваме ним, додека несреќите или нè искушуваат или нè прават подобри.
Возљубени чеда на Македонската Православна Црква,
Крстен народ македонски сме, а тоа значи дека преку Крштението секој
од нас станал чедо Божјо и во себе добил залог за големи духовни дарови, снабден
е со сѐштоепотребнозадуховноусовршување. Но, наместо усовршување, за жал, како во
светот, така и во нашето општество, гледаме оддалечување
од Бога. Корпуцијата која што се наведува како еден општествен проблем, всушност
е основен духовен проблем.
Ние, како Христови следбеници, не
смееме да се помириме со реалноста на корупцијата во светот. Повикани сме да бидеме
светлина на светот[17] и мора да
се преиспитаме колку достојно одговараме на нашиот христијански повик; преобразени,
да го трансформираме и ближното и општественото окружување. Корупцијата во христијански
народ е одраз на недостаток на интегритет, нецелосност и недоследност на личноста,
несовпаѓање на надворешноста на христијанинот со неговата внатрешност. Кога со христијански
изглед се маскира расипаната срцевина на карактерот, таа гнилост, пропадливост,
расипаност во човекот, (што и буквално значи корумпираност, од лат. corrumpere) на различни начини ќе се покаже
и во општеството. Има нешто гнило во државата, затоа што има нешто гнило во човекот.
Она за што Бог е најмногу загрижен во однос на Неговото создание – човекот, се чини,
не е само гревот на светот, туку неуспехот, непослушноста и бунтот на оние што Тој
ги откупил и повикал да бидат негов народ, негов свет – карактеристичен народ, исполнет
со Неговите својства. Бог преку своето Воплотување, Кој со тоа на човекот му дал
пример на осиромашување од неисцрпните сили и богатства на Својата суштина, наместо
да дојде во Својата сила и слава, Тој се роди во пештера, за таквиот образец („модел"
на однесување) на човекот да му даде сила (мотив)за справување со идолите на: моќта
и гордоста,популарноста и успехот, богатството и алчноста.
Православниот христијанин има богомладешки сили – на општеството во коешто живее да му понуди „реформација“; тој треба да биде упорен, своите ближни и во општеството и државата во коишто живее, да ги насочи кон „повторно формирање“, со цел од нив да се отстранат лагите, дефектите, злоупотребите; христијанинот е способен да одбие мито; да се стави крај на корупцијата и злото. Ова е бескрајна битка. Денес сакаме да бидеме луѓе на тековно повторно формирање (преобразување). Православниот човек треба на своето окружување да му даде интегритет. Интегритетот е делување според правилата (Законот Божји, Заповедите). Интегритетот е постапување според правилата, Законот Божји, Неговите Заповеди, кога никој друг не го прави тоа.
Затоа, Богомладенецот нè интегрира, ја соедини Божјата со човечката природа. „Христос се раѓа, – славете! Христос од Небесата – сретнете Го! Христос е на земјата – вие возвишувајте се!“ Пронајдете Го, познајте Го Христос во својот ближен и помогнете му на ближниот, зашто во служењето на другите е нашето возвишување, зашто само со напредокот на другите околу нас, ќе напредуваме и ние самите.
Славејќи Го Спасителот, Кој дојде
во светот, поклонувајќи
се пред смирението на јаслите во кои бил положен Новородениот, упатуваме молитви
кон Господа: мирот Божји да ги победи стравот и непријателството меѓу народите, да
запрат воените дејства во светот. Бог дојде во смирение, бидејќи се роди во човечки
неуредуван дом, во неурбана пештера, не дојде во Својата сила и слава, туку мирољубиво
и смирено ја прими човечката природа. Богомладенецот ни го даде Законот на мирољубивост.
Должноста да се поддржува мирот и ненасилството, нема други алтернативни етички
барања. Она што го обезбедува одржувањето на мирот е владеењето на правото. Владеењето
на правото бара одлучно политичко прифаќање на правото и негова непристрастна примена.
Се молиме да биде според стиховите
на свети Ефрем Сириски: „Оваа ноќ е ноќ на помирување, затоа никој да не се гневи
и да не предизвикува тага. Во оваа ноќ, која му даде мир на целиот свет, никој да
не се заканува и да не се препушта на лудување. Оваа ноќ е ноќ на Најкроткиот, оваа
ноќ никој да не биде суров, никој да не растажува никого. Во оваа ноќ на Смирениот,
никој да не биде горделив и надмен.
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Честито и од Бога
благословено новото 2024-то лето Господово!
[1] Спасе люди
чудодействуяй Владыка, мокрую моря волну оземленив древле; волею же рождся от
Девы, стезю проходну Небесе полагает нам. Егоже, по Существу равна же Отцу и
человеком, славим (Песна 3 од Катавасијата на Божик).
[2] Фил 2, 7.
[3] Евр 2, 1-3.
[4] 2 Кор 8, 9.
[5] Фил 2,
7.
[6] Свети Григориј Богослов, Слово 38, на Богојавление, односно на Рождество на Спасителот, 3, PG 36, 313.
[7] Протојереј Георгије Флоровски, Источни оци IV века, Манастир Хиландар.
[8] Догматик,
4 гл.
[9] Гал 6, 7-8.
[10] Тропар од 1 песна
на Канонот на Рождество Христово.
[11] Рим 8, 28.
[12] 1 Тим 6, 6-10.
[13] Јов 1. Кор 7,
31.
[14] 1 Тим 6, 17-19.
[15] Исто.
[16] Мт 6, 19-21.
[17] Мт 5,14.
Comments
Post a Comment