За месијанството на Спасителот и ерихонскиот слепец
Епископ Силвестер (Стојчев)
Денес читавме евангелски дел кој раскажува за исцелувањето на слепец што просел милостина во близина на градот Ерихон. Светото Писмо не ни дава детали, каков човек бил тој; за неговото потекло, занимање, причини за губење на видот, неговиот животот пред да ослепи, туку само појаснува дека просел милостина. Слепило и сиромаштија - најстрашната ситуација, во која се нашол овој несреќен човек.
И така тој, обвиен во темнина, одеднаш слуша гласови на многу луѓе. Откако ги прашал луѓето, што се случува, слепиот добил одговор: „Доаѓа Исус Назареецот“ (Лука 18:37). Тој веднаш почнал да вика. Евангелистот јасно укажува дека слепиот не зборувал гласно, туку буквално викал. Дури и здрав човек со голем напор можел да се протурка поблиску до Господа низ тој жив ѕид. А, што може да направи толку слаб човек, не гледајќи каде да зачекори, кој може да се препне и да падне од најмалиот камен или нерамнина? Може само да вика. Да вика толку што неговиот глас да се чуе над сите други гласови, молби, воздишки и расправии слеани во еден татнеж. И тој вика: „Исусе, Сине Давидов, помилуј ме! (Лука 18:38).
Евангелистот вели дека толпата му забранувала да вика (Лука 18:39), но тој викал уште погласно! А зборовите со кои му се обраќа на Христа, укажуваат дека веќе слушнал за Него.
Седејќи на влезот во градот, во кој секојдневно влегуваат и излегуваат илјадници луѓе, слепиот, се разбира, ги слушал разговорите на жителите на градот и посетителите. И славата на зборовите и чудата на Исус, кај него, како и кај многу други луѓе, го произвеле верувањето дека Исус од Назарет не е некој друг, туку долгоочекуваниот Месија. Слепиот го нарекува Христос: „Син Давидов“! Ова не е обично обраќање, не е само укажување на потеклото. Тоа е месијанска титула која многупати се користи во Светото Писмо во однос на Господ. Да се потсетиме на родословот на Исус Христос, кој започнува со зборови што укажуваат токму на тоа, дека во Христос се исполнуваат пророштвата и ветувањата што им биле дадени на Авраам и Давид (сп. Матеј 1:1). Така, луѓето, восхитени од чудата на Христос, прашуваат: „И сиот народ се зачуди и рече: Не е ли ова Христос, синот Давидов?“ (Матеј 12:23) и „Не е ли речено во Писмото: дека Христос ќе дојде од семето Давидово и од гратчето Витлеем, од каде што беше Давид?“ (Јован 7:42)
Нарекувајќи го Господа „Син Давидов“, слепиот како да вели: „Исусе, помилуј ме, бидејќи верувам дека Ти си Давидовиот Син, очекуваниот Спасител и Помазаник Божји! Помогни ми бидејќи верувам во Тебе!“
Кога го слушнал крикот на слепиот, Господ го повикал кај Себе и го прашал: „Што сакаш од Мене? (Лука 18:41).
Какво, навидум чудно прашање! Јасно е дека слепиот сака да се излечи. И Господ, секако, знае што сака слепиот и сепак, го прашува за тоа. Ова е многу важен момент. Христос често, кога прави чудо го прашува човекот (сп. „Дали сакаш да бидеш здрав?“ (Јован 5:6)).
И ова уште еднаш покажува дека Бог секогаш ја исполнува молбата на човекот, кога човекот навистина сака и бара. Чудата Христови не се само за Тој да ја покаже својата моќ; тие се одговор на барање, а за да се случи тој одговор, барањето мора да се изрази. И овој слепец вели дека сака да прогледа и прогледува според словото Господово. Господ му вели: „Прогледај! Твојата вера те спаси“ (Лука 18:42).
Св. Ефрем Сириски обраќа внимание на фактот дека Господ не му вели: „Твојата вера ти го врати видот“, туку вели: „Твојата вера те спаси“ (Лука 18:42). Светиот отец во тие зборови гледа показател, дека прво е верата, а потоа е прогледувањето, прво е спасението, а потоа е исцелението.
Навистина, Христос пред сè, е лекар на човечката душа. Или, поправилно би било да се каже дека Христос чудесно ги лекува и телата и душите на луѓето. Тој Самиот вели дека го излечил „целиот човек“ (Јован 7:23).
Значи, не само во овој случај, туку во повеќето случаи, по исцелувањето, Господ му вели на човекот: „твојата вера те спаси“ (сп. Матеј 9,22; Марко 5,34; Марко 10,52; Лука 7,50; Лука 8,48; Лука 18,42). Со тоа тој укажува на важен услов за извршувањето на чудо. Господ одговара на молбата на човекот, но пред сè, (одговара) на неговата вера. Кога Господ заминува од еден град, се вели: „Таму не направи чуда поради нивното неверување“ (Матеј 13:58). Луѓето не верувале во Христа и затоа Тој не правел чуда таму. А секогаш кога има некој што верува, некој што бара исцелување или каков било друг одговор од Господа, Господ му дарува на таквиот човек. Но, таа прозба е можна само ако некој има вера. Христос го исцелил слепиот, затоа што неговата вера станала основа на која Господ исцелува и спасува.
Откако го добил долгоочекуваното исцеление, слепиот, како што вели евангелистот, „прогледал и тргнал по Него“ (Лука 18:43). Што значат зборовите „тргна по Него“? Дали во таа смисла дека тој се придружил на толпата што го следела Исус, а во која, се разбира, имало и ученици и противници на Господ, кои барале можност да Го обвинат за нешто. Не, поранешниот слепец не се приклучил на толпата. Тој, како што вели св. Кирил Александриски, го следел во онаа смисла, во која што Господовите апостоли го следеле својот Божествен Учител, односно слепиот станал ученик и следбеник на Спасителот на светот, Исус Христос. Индиректен показател за тоа е и деталот зачуван од евангелистот Марко, а испуштен од евангелистот Лука. Во Евангелието според Марко, се вели дека името на слепиот од Ерихон било Вартимеј, син на Тимеј (Марко 10,46). Најверојатно, апостол Марко го пренесува името на слепиот од причина што Вартимеј бил познат во Црквата, односно дека поранешниот слепец припаѓал на црковната заедница и неговото име, како и неговиот случај со исцелувањето, им биле добро познати на другите христијани од таа прва генерација верници.
Браќа и сестри, слепилото може да се опише во различни категории. Да се потсетиме дека слепилото е неможност да се гледа светлина, престојување во темнина. Има телесно слепило, но има и духовно слепило како неспособност да се види Бог, неможност да се гледа вистината. Во Светото Писмо, духовното слепило се нарекува ослепен ум. Во таква состојба, духовно слепиот не може да ја види светлината на Христовото евангелие (сп. 2. Кор. 4,4). Најчесто, ние стануваме слепи поради нашето вкоренување во гревовите, во злобата и неможноста да сакаме и да простуваме (сп. 2. Петрово 1:9; 1. Јованово 2:11).
Што може да се прави, ако некој наеднаш ослепи духовно, ако не ја гледаме Вистинската светлина (Јован 1:9)? - Истото што го направил и слепиот од Ерихон, браќа и сестри. Може да вика! Да извикаме со нашиот внатрешен глас: „Господи Исусе Христе, помилуј ме мене грешниот! Толпата од нашите мисли, страсти, грешни спомени, ќе ни вика како одговор: „Замолчи!“, но ние мора уште погласно да викаме: „Помилуј ме, Господи!“ И тогаш, милостивиот Господ, кога ќе нè слушне, кога ќе дознае дека сакаме да прогледаме, ќе ни го врати видот на нашиот ум, за ние, кои седиме во темнина и во смртна сенка (сп. Матеј 4,16) да ја видиме светлината и да го познаеме вистинскиот Бог, Кој е нашиот живот! Амин.
Превод: Протојереј-ставрофор Антониј Петрушевски
Извор: https://pravlife.org/ru/content/o-messianstve-spasitelya-i-ierihonskom-slepce
Comments
Post a Comment