Сумирани ставки за некои основни црковно-правни термини
Киријархална црква и црква мајка
• Киријархална црква [од грч. κύριος - господин, ἀρχή
- начело, управување] е црковно-правен
термин со кој се означува автокефалната црква во однос на автономната црква и
на другите самоуправни цркви и егзархати во нејзина зависност.
• Термините „киријархална црква“ и „црква мајка“ имаат различно значење. На црквата мајка во однос на црквата на која ѝ доделува автокефалност ѝ престанува статусот на киријархална црква.
• Црква мајка
е термин кој се однесува на историјата на појавување на црквите. На пр.,
Ерусалимската црква е црквата мајка за целото вселенско Православие. Потоа,
Константинополската црква е црква мајка во однос на Руската православна црква.
Но, тие не се киријархални цркви и немаат канонски, киријархални права во однос
на другите помесни православни цркви. Сите автокефални помесни цркви се
независни и самостојни, како во канонска, така и во благодатно-мистична смисла.
• Автокефалија
(или автономија) може да даде само киријархална црква и тоа само на нејзина
канонска територија. На пр., Руската православна црква и доделила автокефалност
на Православната Црква на Америка (OCA). Српската православна црква додели
автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Константинополската патријаршија може да ѝ додели автокефален статус на
нејзината Американска архиепископија, бидејќи тоа е нејзина канонска
територија. Но, тие не се надлежни за канонски територии на другите помесни
православни цркви.
• Благодатното
единство на сите помесни православни цркви нема ништо заедничко со
протестантските конфедерации, бидејќи приматот на честа (но, не и власта) ја
зачувува хиерархиската структура, одразена во т.н. Диптих на помесните православни цркви.
* * *
Кој има право да доделува автокефалија на одредена помесна црква?
• Начелото
дека никој не може на друг да му даде повеќе права отколку што има самиот е
законска и канонска аксиома. Тоа значи дека претстоителот на некоја црква не
може да се меша во работите на друга црква со назначување епископи или со
доделување независност на некој нејзин дел. Затоа, нова автокефална црква може
да основа епископатот на вселенската Црква и тоа може да го изврши на Вселенски
собор.
• Историски гледано, на Вселенските собори кои
се највисокото и вонредно тело на епископската власт, навистина се решавале
прашања за основање на помесни цркви (правило 5 на Првиот вселенски собор), за
нивните рангови и за границите меѓу нив (правило 2 на Вториот вселенски собор),
за укинување на автокефалноста на некои цркви. Така, Ефескиот собор ја потврдил
автокефалноста на Кипарската црква (правило 8), а Халкидонскиот собор ја
признал автокефалноста на Константинополската црква и ѝ ги потчинил диоцезите на
порано автокефалните диоцези: азиската, понтската и тракиската (правило 28).
• Бидејќи Вселенски собор не е свикан повеќе
од дванаесет векови, а и во древноста биле исклучителни настани, за прашањето
за нова автокефалност вообичаено одлучува помесниот епископат, чија надлежност,
за разлика од надлежноста на вселенскиот
епископат (т.е. на епископатот на целата православна Црква), се протега само на
канонските граници на својата Црква. Притоа, волјата на помесниот епископат
може да биде изразена:
- со целосен собор
- во исклучителни случаи, со мал собор на епископи - синод (19-то правило на Вселенскиот собор, 8-мо правило на Трулскиот собор, 20-то правило на Антиохискиот собор).
• Така, освен
Вселенскиот собор, само волјата на киријархалната црква може да биде законски
фактор за уредување на нова автокефалија.
• Власта на локалниот епископат се протега
само во границите на помесната црква. Ако некоја помесна црква не го почитува
овој принцип, тогаш таа станува причина за сериозни внатреправославни
конфликти.
* * *
Томосот како документ со кој се потврдува
автокефалност на некоја Црква - се појавил дури во 1850 г., кога
Константинополската патријаршија ја признала и со томос ја потврдила
самостојноста на Грчката црква, која дотогаш била под нејзина јурисдикција.
Томос добиле
и други цркви кои се одвоиле од Константинополската патријаршија, а во 2019 г.,
Константинополската патријаршија, за прв пат во историјата, додели томос за
автокефалност на туѓа канонска територија, во Украина.
Кипарската
црква добила автокефалност од Антиохиската црква, што било потврдено на Третиот
вселенски (Ефески) собор, поточно со неговото 8. правило, во 431 г. Руската
православна црква нема томос, туку Грамота (Уложенная грамота). Одлуката за
руската автокефалност има соборен карактер, т.е. освен Константинополскиот
патријарх ја одобриле и сите други главни древни патријарси. Други помесни
цркви кои немаат томос, бидејќи се формирани до средината на XIX век, а
потекнуваат непосредно од апостолите, се: Ерусалимската, Александриската, Антиохиската.
Томос нема ни Константинополската патријаршија, која добила статус на
„првенство по чест после римскиот епископ“ заради значењето на Константинопол
како престолнина на империјата.
* * *
Особености и нови елементи на томосот
на ПЦУ („Православната црква на Украина“)
1.
Константинополскиот престол е наречен Глава на Црквата, а не Господ Исус
Христос, кој е наречен само „Основач“ на Црквата. Оваа особеност има не само
канонско, туку и важно догматско значење.
2. Титулата
на претстоителот на Црквата во томосот не само што е одредена, туку е укажана и
забрана за нејзино менување без согласност на Константинопол. Причините се
очигледни: се работи за спречување на претензии за статус на Патријаршија.
3. Како и во
случајот со Чешката црква, пропишан е строг правилник за дејноста на Синодот.
4. Новата
автокефална црква е означена како „ќерка“. Името „сестра“ не се применува за
неа. А, истовремено сите други помесни Цркви се наречени „сестри“ на новата
автокефална Црква. На овој начин, на старите термини им се дава ново значење:
има една „Црква Мајка“, другите Цркви се нејзини „ќерки“, а една со друга тие
се „сестри“.
5. Исто
така, постои забрана за поседување парохии надвор од границите на Украина и
одлука дека тие мора да бидат предадени и потчинети на Константинопол, затоа
што наводно тој има монопол врз православната дијаспора.
6. Додека во
томосот на Чешката црква правото на архијереите од Фанар да се мешаат во
нејзините внатрешни работи било дефинирано како право на највисока инстанца по
црковните судења во рамките на Православната црква на Чешките земји и на
Словачка, во овој томос веќе е укажано дека секој епископ или свештеник има
право веднаш да се обрати до Цариградската православна црква за таа да донесе
конечна - „необжалива, безапелациона“ судска одлука. (Спорната природа на
наводната канонска основа на оваа одредба заслужува посебно разгледување.)
7. Во
томосот е укажано дека Константинополскиот престол е „глава“ не само на новата
автокефална црква, туку дека и „останатите патријарси и претстоители“ го
признаваат како „глава“. Оваа формулација, во која Главата на Црквата Христос
се заменува со „главата на Црквата на Вселенскиот Патријарх“, не се применува
само за „Православната црква на Украина“, туку е наменета и за целиот
православен свет.
8. Утврдена
е обврската (а, не само правото) на новата автокефална црква; да учествува во
сите советувања и други акции на Цариградската црква. Очигледно е земено
предвид неуспешното искуство со Соборот на Крит, кој го организираше
патријархот Вартоломеј и кој многу помесни Цркви го игнорираа.
9. Утврдена
е обврска за секој нов претстоител на „Православната црква на Украина“ своите
патувања да ги започне со посета на Фанар.
10. Како и
во многу други томоси, пропишана е обврска за „Православната црква на Украина“
да прима свето миро од Цариградската патријаршија.
11.
Претходно Фанар тврдеше дека има монопол и врховна улога во регулирањето на
надворешните црковни односи на новите Цркви, за решавање на „прашања од
црковен, догматски и канонски карактер“, а сега, според новиот томос, таквата
соработка веќе нема смисла. Отсега сите потребни разјаснувања Вселенскиот
престол ќе ги дава сам, без меѓуцрковно разгледување.
12. Освен
новата автокефалија на територијата на „Православната црква на Украина“ се
создаваат и егзархија и ставропигија на Цариградската црква, а нивните права се
неприкосновени. Тоа значи дека канонските граници на новата структура се
функционални само во една насока: „Православната црква на Украина“ не може да
има парохии во странство, а Цариградската патријаршија може да има свои парохии
на украинска територија, и нејзините права се неотуѓиви.
13. Во
завршниот дел на томосот дополнително се прецизира дека автокефалноста се
доделува токму под овие услови. Со тоа се обезбедува основа за укинување на
автокефалноста, во случај ако се нарушат поставените услови.
Томосот во
превод
- на англиски https://shorturl.at/nqHQ5
- на руски https://shorturl.at/lADZ9
- на бугарски https://shorturl.at/adghl
Извадок од: Павле Даровски: „Томосологија” Константинопољске Патријаршије
Ставките ги подготви: протојереј-ставрофор Антониј Петрушевски
Comments
Post a Comment