Животот како очекување на Христовото доаѓање

Архимандрит Теодосиј Марцукос

Во животот на старецот Симеон, кој на своите раце го примил Исус Христос, доминирало очекувањето на тој момент. Тој чекал и потоа Го сретнал, Го прифатил Христа во својата прегратка. А, дали ние Го чекаме? Дали нашиот живот е очекување на Христовото доаѓање? Симеон трпеливо Го чекал Христос Кој бил содржината и убавината на неговиот живот? За жал, фокусот на нашите животи го префрливме на друго место. Имаме различни приоритети.

Како некој го сретнува Христос? [Името на празникот на грчки значи „да излезеш за да пречекаш некого“] Кои се неопходните услови за средба со Него? Што очекуваме од Него?

Како прво, нашите животи денес се конфузни и не го чекаме Христос. Очекуваме други нешта. Сите критериуми ни се измешани. Такви се и нашите цели. Такви се и нашите желби. Христос е од посебен интерес само за старите и наивните.

Ние, кои сме многу остроумни и стоиме цврсто на земја, како што сакаме да мислиме за себе, немаме време да се занимаваме со вакви теми. Ако не бараме парична добивка, бараме уживање од секаков вид. Ако не брзаме некаде, сакаме одмор. Ако не сме преокупирани со нешто што зуи околу нашиот мозок, ги читаме „експертите“ од весниците кои даваат одговор за сè: за важното и глупавото; сериозното и смешното; за интересното и досадното. И најважно, оној што нè информира за новото истражување „докажува“ дека Христос не постои. И така, бидејќи сега располагаме со „валидни“ факти, добро сме информирани и „знаеме“. Со каков однос треба да продолжиме? Како треба да празнуваме? Уште поважно, кого да славиме?

За момент да го задржиме нашето внимание на себе! Да ја „процедиме“ нашата совест и нашето срце. Да размислиме: „Со начинот на кој живеам, дали мојот живот навистина станува подобар? Дали нешто има централно значење? Радост, спокојство, смиреност? Ги исфрлив Христос и Црквата од мојот живот, но дали со тоа животот се разубави? Или можеби е како дивина. Можеби е исполнет со зло? Можеби моите односи станаа проблематични? Можеби мојата душа е во метеж?“

Празникот Сретение ги поставува пред нас сите овие прашања. Треба да се одговори! И тоа енергично, искрено. Препознавањето може да обезбеди дијагноза, но не и лек. Лекот бара решителност и напорна работа.

Дури и ако празникот ни е далечен, да создадеме можност Христос веќе да не ни биде туѓ.

Сретнувањето, средбата со Христос означува: искрена потрага по Него; методично барање (Не одиш во пустина да ловиш риба!); помошник во подвигот (духовен водач, духовник); и придржување кон процедурата на лекување што ни е пропишана.

Кога сето тоа ќе се изврши, Христовата светлина почнува да го просветува нашето срце. Тогаш Светлината Христова ќе биде сѐ. Тогаш можноста да се сретнеме со Него ќе биде радоста на нашиот живот. Тогаш Неговото лице ќе биде ликот на најсаканата личност. Тогаш секоја жртва за Оној што го сакаме нема да биде напор, туку радост. Тогаш неделната Литургија нема да биде обврска, туку јасен израз на животот.

Да ги разгледаме овие нешта. Тие се можност за размислување. Да ги примениме и во длабочина и на широчина. Христос, животот и смртта - се единственото прашање кое бара одговор, рекол некој мудар човек во минатиот [20.] век.

Се молам сите да се сретнеме со Христос.

Превод: протојереј-ставрофор А.П.

 Извор: https://pemptousia.com/2022/02/the-feast-of-candlemas-the-reception-of-the-lord/

Comments

Popular posts from this blog

Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?

Во што е гревот на фарисејот?

Божикно послание од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј