Празникот Сретение Господово и нашите духовни предизвици
Архимандрит Григориј (Константину)
На празникот Сретение Господово, Црквата нè поттикнува и охрабрува да се справиме со духовните предизвици со кои се соочуваме секојдневно како дел од нашиoт немир заради животните грижи.
Влегувањето на Христос како Богомладенец во Соломоновиот храм, четириесет денови по Рождеството, открива дека „детето“ е спасението и светлината на сите народи, според пророчките зборови на пророкот Симеон и предвидувањата на пророчицата Ана. Читањето на Апостолот, од Посланието до Евреите, нè потсетува дека оној што влегува во храмот на овој ден е Големиот Првосвештеник кој се принесе на крстот и кој ја уништува силата на гревот и смртта преку своето славно Воскресение. Ова потсетување е наш водач на патот кон животот во Христа, што ќе ни овозможи да влеземе во небесниот олтар и во заедница со нашиот Троичен Бог. А, што значи ова?
Секој ден од нашиот живот, преку она што мислиме, зборуваме и правиме, имаме можност поприсно да се соединиме со самиот Христос – Големиот Првосвештеник кој премина во Светињата на светињите, во Горниот Ерусалим. Оваа заедница мора да биде целосна, без каква било резерва. Единствените недостатоци што го спречуваат враќањето и изменувањето на нашата душа се нашите гревови и страсти, импулси, внатрешни мисли и размислувања, за кои ние упорно се прилепуваме, иако тие се како трње. Треба да оставиме зад себе сѐ што не може да биде благословено за нашето спасение, што не може да се соедини во светост со Спасителот. Со други зборови, мора да го оставиме зад себе нашето поранешно јас, нашите гревови.
(За својот идентитет) сите сме убедени кои сме. Поточно, се криеме зад лагите, нашите или на други луѓе, во однос на прашањето: кој сум јас? Многу лесно е да се дефинираме со нашите хаотични желби, со гревовите во кои паѓаме повторно и повторно, или со секуларните категории кои многу повеќе се поврзани со световните задоволства и уживања. Толку примамливо е да се верува дека она што изнудува пофалби од другите, што му служи на нашиот егоизам или не предизвикува длабоко духовно будење мора, на некој начин, да биде вистинското нешто.
Пророкот Симеон бил стар и праведен човек, на кого Светиот Дух му открил дека нема да умре додека не го види Месијата. Очигледно, не било случајно што тој добил духовна сила за да се случи тоа; тоа се случило преку долг живот со вера и верност. Истото важи и за старата пророчица Ана, вдовица на осумдесетина години, која никогаш не излегувала од храмот, постејќи и молејќи се деноноќно. Оние кои го однеле младиот Спасител во храмот, оние што го препознале и сите случајни минувачи, биле од различни племиња, возрасти и потекло, што покажува дека надворешните услови на нашиот живот не одредуваат каде и како стоиме пред Христос. Пресудна и погодна поента е тоа дека сите ние може да влеземе во небесниот храм преку Големиот Првосвештеник. Оваа борба никогаш не завршува, како што може да се види од бегството на Богородица во Египет со божественото Новороденче, патување кое донело нови предизвици и барања на непријателско место. Се разбира, спецификите на нашите предизвици се различни од оние на Богородица, но ние мора да ги искористиме на истиот начин. Со други зборови, мора да ги прифатиме како можности да му ги понудиме на Христа дури и најслабите и најболните аспекти од нашиот живот, за да може да ги исцели и преобрази. Ова не значи дека сите наши проблеми ќе исчезнат, туку дека може да ги искористиме како можности за приближување до небесниот Храм, преку Големиот Првосвештеник.
Превод: протојереј-ст. А.П. Извор: https://pemptousia.com/2023/02/the-feast-of-the-reception-and-our-spiritual-challenges/
Comments
Post a Comment