Света Гора за законот за „брак“ на истополовите парови во Грција

По повод поднесувањето за гласање на предлог-законот наречен „Еднаквост во граѓанските бракови – измена на Граѓанскиот законик и други одредби“ од грчкиот парламент, четириестмината игумени и претставници на светите манастири на Света Гора се состанаа во Кареја на 8 февруари 2024 г. и заради големата и особена сериозност на темата, решија да го издадат ова соопштение, испраќајќи ја својата порака до сите добронамерници, за да ја поддржат борбата на Црквата за зачувување на суштината на човечкиот живот.

Предложеното законодавство наведено во нацрт-законот има за цел да го обезбеди принципот на еднаквост и да заштити од дискриминација со проширување на правото на „брак“ за истополовите парови. Сепак, тоа ги одминува суштинските принципи на човековото постоење и го поткопува потенцијалот за природно создавање и здрав развој на детето. Со распаѓање не се соочува само човечкото семејство; туку, во прашање е самата суштина на човештвото.

Како настанува животот на човековата личност? Секој од нас потекнува од мајка и татко, според Христовиот одговор: „Не сте ли читале дека Оној што ги создаде во почетокот, «маж и жена ги создаде»?“ (Мт 19, 4)

Институционализацијата на „брак“ меѓу истополови парови претставува превртување на христијанскиот брак и на установата на семејството, се отфрла од целото црковно предание и се решава со покајание, односно со промена на начинот на живот.

Дополнително, ембрионот во утробата на жената е девет месеци пред да се роди. Новороденчето е најслабото суштество во природата. Тоа не може да стори ништо. Ако мајката ја занемари грижата за своето новороденче, ако не го дои, бебето ќе умре.

Бог им дава одговорност на родителите да учествуваат во неговото растење и на тој начин да станат со-творци на Бога. Ако новороденчето гледа во мајката барајќи нега, а некој друг го заземе нејзиното место, тоа би довело до збунетост, изопачување и на крај, обесчестување на природната врска. Одговорноста да се негува новото битие бара жртви, за да се обезбеди неговиот правилен развој и задоволство во животот. Не постои алтернативен метод за обединување и поттикнување на развојот на човечкото битие.

По девет месеци од бременоста, бебето доаѓа во пошироката матрица, во семејната средина, започнувајќи друга фаза на создавање - воспитување на детето во семејството. Доенчето ја познава својата мајка како жената која го дои со своето млеко и се грижи за него. Го познава таткото како човекот кој го љуби и се грижи за него на свој начин.

Доенчето црпи и духовна и физичка сила од меѓусебната почит меѓу таткото и мајката, што му овозможува да минува низ последователните фази на детството, адолесценцијата и интеграцијата во општеството. За време на ова патување, добива образование и ги восприема културните влијанија на местото во кое живее. Бог ги создал луѓето да живеат, а не да умираат; нивната цел не беше да умрат, ниту во утробата на нивната мајка, ниту во матрицата на детството, ниту во матрицата на историјата.

Детето учествува во чудото на животот, бидејќи треба да ги искуси неговите чуда и патувањето кон вечното постоење. А тоа, со благодатта на Светиот Дух, го извршува Црквата, преку која „целото создание се обновува и божествено се просветува“. И ова, навистина, е крајната матрица која ги обликува луѓето и ги подготвува за раѓање во новиот простор, во „колибите“ на саканата и барана слобода на идниот век.

Ова е целта и причината, заради што Бог ги создал светот и луѓето. Оние кои се ослободени и родени надвор од границите на историската матрица, односно во благодатта на вечниот живот, постојат, се молат и сите заедно нѐ поврзуваат во животот, формирајќи констелација што го води човештвото напред.

Обидот за „хибрис“ (ὕβρις, гордост, пркос, надменост), во својата изворна суштина означува негирање на човековото постоење и суштинска ерозија на самиот темел врз кој опстојува човечката цивилизација. Не се засегнати само Евангелието и грчкото општество. Универзумот се деконструира. Без разлика дали некој е верник или не, сите сме родени на ист начин. Кога се менуваат основните аспекти, тоа во суштина води до постепена, но сепак сигурна смрт на човештвото.

Кога мажот и жената се венчани во Црквата, тие го добиваат благословот на Црквата заедно со молитвите за раѓање многу деца кои ќе бидат воспитани со соодветна грижа и водство. Вистинската суштина на бракот е јасно откриена преку присуството на Христос на свадбата во Кана, зашто според апостол Павле „тоа е голема тајна во Христа и во Црквата“. А тој „брак“ што се промовира денеска, води во ќорсокак.

Подготвуваат повредени, трауматизирани суштества. Ве молиме, почитувајте ја човечката природа. Бебето што е родено од утробата на жената, без разлика на неговата раса, јазик и вера, мора да го дои неговата мајка.

Овие ставови не се плод на нашата фантазија; тие се засновани на Светото Писмо, на учењата на апостолите, на нашето богато Предание и на делата на Светите Отци. Овие свети упатства ги покажуваат границите во кои треба да се движат сите членови на православната вера.

Особено јасен е апостол Павле кога нагласува: „Или не знаете дека неправедниците нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо“ (1 Кор 6, 9-10).

Истовремено, Црквата ја продолжува својата мисија, раководи и ги лекува сите рани, за сите верници да живеат во заедница со Христа, одликувајќи се со несебична љубов и братољубие.

Бог нѐ љуби сите нас, праведни и неправедни, свети и грешници. Така постапува Црквата, никого не исклучувајќи, како што тоа се гледа покажува низ историјата на црковниот живот и човечките слабости.

Љубовта царува. Срамно е за оние кои ги поставуваат овие предлог-закони и го сметаат тој развој за природен. Ги поддржуваме и ги пофалуваме оние кои го претпочитаат гласот на совеста над секоја политичка дисциплина. Сопатници сме со нив во нивната борба.

Сепак, животот и човечкото тело природно ги исфрлаат сите елементи кои се обидуваат да ја нарушат вистинската суштина на човековото постоење. Постои Еден кој управува со сè. Оној што ги создал светот и човештвото, да живеат вечно и да постојат, постои и нè штити, иако можеби изгледа слаб или непостоечки.

На крајот, сите оние кои сакаат да го изменат животот ќе мора да се соочат со Него. Можеби не сфаќаат дека нивните избрзани одлуки и инсистирањето да се усвои таков предлог-закон открива слабост што оди на сметка на луѓето што тие треба да ги заштитат. Само од почит кон тие луѓе ние ги истакнуваме и нагласуваме принципите на животот.

Тоа е голем престап. Тие ја изопачуваат човечката природа, суштински запирајќи го нејзиниот природен развој и несвесно уништувајќи го човековото постоење.

Но, постои Господ, Творецот кој сѐ создал со љубов и мудрост, кој, надминувајќи ги нашите слабости, сѐ води кон добар крај.

Превод: протојереј-ставрофор Антониј Петрушевски

https://orthodoxtimes.com/mount-athos-on-same-sex-marriage-the-bill-inadvertently-undermines-human-existence/

https://www.romfea.gr/agioritika-nea/61620-agion-oros-gia-nomosxedio-omofylon-einai-megalo-egklima

Comments

Popular posts from this blog

Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?

Во што е гревот на фарисејот?

Божикно послание од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј