Податоци за св. Ѓорѓи Кратовски од Православна енциклопедија

Во 1539 г. во П'сков, според раскажувањата на монасите Прохор и Митрофан, кои во Русија пристигнале од Света Гора, „монахот и презвитер“ Илија составил „Повест за Георгиј Нови“. Повеста ја редактирал митрополитот Новгородски Макариј (подоцна митрополит Московски), во чие време, на Собор во Москва, 1549 г., Ѓорѓи Кратовски бил вброен во соборот на светите.

* * *

По сите мачења, едвај жив, Турците го фрлиле св. Ѓорѓи Кратовски во оган. Светото мачеништво се случило на 26 мај 1514 г. За да не можат христијаните да го пронајдат неговото тело и да го прогласат за свети мошти, мачителите го фрлиле во куп со трупови од животни. Упокоението на св. Ѓорѓи Кратовски било придружено со чуда и знаменија, од кои Турците се исплашиле и се разбегале. Телото на св. Ѓорѓи Кратовски го откупил некој протопоп чие име не е познато, кој за сето тоа што се случило му раскажал на софискиот митрополит Јеремија. Митрополитот, остатоците од телото на светиот, кои на чудесен начин останале неповредени од огнот, ги положил во ковчег и ги погребал во храмот на св. великомаченик Георгиј.

* * *

За мошти на св. Ѓорѓи Кратовски во средината на XVIII в. во храмот на великомаченичка Марина, во Софија, сведочи поклоник од Сремски Карловци, Партениј Павлович, кој таму ги видел во 1749 г. Во непознати околности, честици од моштите на св. Ѓорѓи Кратовски биле однесени во три српски манастири: Студеница, Велика Ремета и Дечани. Во Бугарија честица од моштите се чува во Драгалевскиот манастир. При крајот на XVI и почетокот на XVII в. честици од моштите на св. Ѓорѓи Кратовски биле однесени во Москва.

Уште во XIX в. златарите и кујунџиите во Кратово, Пирот, Скопје и Софија го сметале св. Ѓорѓи Кратовски за свој покровител.

* * *

Икони на св. Ѓорѓи Кратовски се појавиле уште во 30-ите години на XVI в. согласно описот на ликот на маченикот што поп Пејо го запишал во житието:

„Беше же сиј мученик летом 18-тиим, взором же т'нк и висок, нарусичав, образом под'лгноваст, вежди в'звишени и густи, нос похил, прести ручни т'нци и дл'зи...“

Икона од 1537 г. се наоѓала во манастирот Хиландар. На иконостасот на Рилскиот манастир и во црквата на св. Јован Претеча во Кратово има икони на св. Ѓорѓи Кратовски од XIX в. Од крајот на 70-ите и почетокот на 80-ите години на XVII в., на фреските на Воскресенскиот собор во Борисоглебск (современ Тутаев), св. Ѓорѓи Кратовски на руските икони почнале да го сликаат како војник со меч, кој ја брани својата вера од исламот.

Од Православная энциклопедия https://www.pravenc.ru/text/164411.html

* * *

Најстарата зачувана и позната претстава на св. Ѓорѓи Кратовски од 1536/37 година се наоѓа во Македонија, во наосот на црквата Св. Никола, во Топличкиот манастир. (сп. Спахиу Јанчевска Ј., Црквата Свети Никола во Топличкиот манастир, Скопје 2021, 105-108, сл. 46)

Comments

Popular posts from this blog

Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?

Во што е гревот на фарисејот?

Божикно послание од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј