Простувањето од Таткото: Разбирање на параболата за блудниот син
И рече: „Еден човек имаше два сина. Помладиот од нив му рече на татка си: »Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!« И таткото им го раздели имотот. По неколку дена, помладиот син, кога собра сe, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно. И откако потроши сe, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака; па отиде при еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своето поле да пасе свињи. И страден беше да го наполни својот стомак со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. А кога дојде на себеси, рече: Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад. Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: »Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници«.
Па стана и отиде при татка си. И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива. И синот му рече: »Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!« А таткото им рече на слугите свои: »Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете; па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме, оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде«. И почнаа да се веселат.
А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, чу песни и извици. Па, како повика еден од слугите, го праша: »Што е ова?« А тој му рече: »Брат ти си дојде и татко ти закла угоено теле, оти го виде здрав.« Тој се налути и нејќеше да влезе. Тогаш излезе татко му и го молеше. А тој му одговори на татка си и му рече: »Еве, те служам толку години и никогаш не ја прекршив твојата заповед; и мене не си ми дал ни едно јаре, за да се провеселам со моите пријатели; а кога дојде овој твој син, што го упропасти својот имот со блудници, за него ти закла угоено теле.« А он му рече: »Синко, ти си секогаш со мене и сѐ мое е твое; но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде.« (Евангелие според Лука 15, 11-32)
Параболата за блудниот син прикажува точна икона на покајанието во неговите различни фази. Гревот е прогонство, ропство на туѓинци, глад. Покајанието е враќање од прогонството во нашиот вистински дом; тоа е враќање на нашето наследство и слобода во домот на Таткото (Отецот). Но, покајанието подразбира дејство: „Ќе станам и ќе отидам...“ (ст. 18). Да се покаеш - не значи само да се чувствуваш незадоволно, туку да донесеш одлука и да постапуваш според неа.
Според зборовите на нашиот Господ, преку оваа парабола учиме и за три нешта:
- состојбата на грешникот,
- правилото на покајанието
- и големината на Божјото сострадание (сочувство).
Читањето на оваа парабола следи по Неделата на митарот и фарисејот за, гледајќи ја во личноста на блудниот син нашата грешна состојба, да се вразумиме и да се вратиме кај Бога преку покајанието. За оние кои паднале во големо очајание поради своите гревови мислејќи дека нема простување, оваа парабола нуди надеж. Небесниот Отец трпеливо и со љубов го чека нашето враќање. Не постои грев што може да ја победи Неговата љубов кон нас.
Конечно, оваа парабола ни дава увид во светот во кој живееме; свет во кој активностите на луѓето се неповрзани (disconnected) и не се уредени за исполнување на Божјата цел за животот. Тоа е свет на нецелисходни стремежи, на илузорни напори, на алчност за храна и пијалоци кои не задоволуваат, свет во кој на крајот ништо нема смисла и свет потонат во невистина, измама и грев. Тоа е сосема спротивно од светот што е создаден од Бога и потенцијално пресоздаден од Неговиот Син и (од Неговиот) Дух. Нема лек за злосторствата на нашето време, освен ако не се вратиме кај Бога. Светот во кој живееме не е нормален свет, туку - пустелија. Затоа, во словенската традиција на Православната црква, читањето на Псалмот 137 е додадено во Утрената богослужба за оваа и за следните две недели. Овој носталгичен плач на еврејските изгнаници вели: „Крај реките вавилонски седевме и плачевме, кога ќе се сетивме на Сион. На врбите ги закачивме нашите харфи... како да пееме Господова песна во туѓа земја“ (Пс 137).
Овде може да го видиме предизвикот на животот во овој свет и отуѓеноста од Бога што се случува кога во нашите животи владее гревот. Како резултат на гревот во нашиот живот, ја губиме радоста на заедницата со Бога, ја осквернуваме и губиме нашата духовна убавина и се наоѓаме далеку од нашиот вистински дом, од нашиот вистински живот. Во вистинското покајание го сфаќаме тоа и изразуваме длабока желба да се вратиме, да го вратиме изгубеното. На овој ден Црквата нè потсетува на она што сме го напуштиле и изгубиле и нè повикува да пронајдеме копнеж и сила за да се вратиме. Нашиот небесен Отец чека и е подготвен да нѐ прими со Своето љубовно простување и со Неговата спасителна прегратка.
Кондак на Неделата за блудниот син, гл. 3.
Безумно се оддалечив од твојата Татковска слава, во зло го потрошив богатството што ми го даде. Затоа, ти го принесувам гласот на блудниот: згрешив пред тебе Оче, прими ме мене којшто се кајам и направи ме како еден од твоите наемници.
Извор: https://orthodoxtimes.com/a-fathers-forgiveness-understanding-the-parable-of-the-prodigal-son/
Comments
Post a Comment