Недела на Страшниот суд
Во изминатите две недели од овој претпосен период, богослужбениот фокус беше на Божјото трпение и неограниченото сострадание (сочувство), на Неговата подготвеност да го прифати секој грешник кој со покајание ќе се врати кај Него.
Иако при Неговото Воплотување и вочовечување, Господ Исус Христос, Синот Божји дојде на земјата, понизно (смирено), за да го „спаси светот“, сега ќе дојде „во слава“, за да му суди на светот. (Фразата „повторно ќе дојде“, во Символот на верата, на грчки: πάλιν ἐρχόμενον, и на црковнословенски: паки грядущаго, е во сегашно време: повторно доаѓа... – забел. на прев.). Тој нема да им суди само на христијаните или само на незнабошците, како што веруваа Евреите во врска со Божјиот суд. Тој ќе им суди на сите луѓе, на христијаните и нехристијаните, на верниците и на неверниците.
Св. Григориј Палама нѐ поучува: „Да покажеме дела на љубов кон нашите браќа во Христа, така што ќе бидеме милосрдни кон сиромашните и ќе ги вратиме заблудените, без разлика каква и да е нивната сиромаштија или заблуда, добивајќи правда за онеправданите, охрабрувајќи ги болните, без разлика дали нивните страдања потекнуваат од видливи непријатели и физички болести или од невидливи зли духови и обесчестувачки страсти, посетувајќи ги затворениците во затвор, па дури и со поднесување на оние кои нè повредуваат, простувајќи си еден на друг каква било причина за незадоволство да имаме меѓу себе, како што Христос ни прости. Со еден збор, да покажеме христијанска љубов еден кон друг со сите наши постапки и зборови. Така, да ја достигнеме Божјата љубов, да го добиеме Неговиот благослов и да го наследиме вечното небесно Царство што ни е ветено и е подготвено уште од создавањето на светот“.
Гладот, жедта, бедата, болеста, затворската мака, не можат да останат во тајност, за некој да има право да тврди дека не ги забележал. Човек не може да ги игнорира, без да престане да чувствува, освен ако тој целосно не го искоренил образот Божји во себе. Така во оној ден: „Книгите ќе бидат отворени, делата на луѓето ќе бидат откриени пред неподнесливата судница“ (Вечерна).
Затоа, љубовта регулира, проверува сè, и во сегашниот и во идниот живот. Дури и најблагородните и најзначајните дела, мора како критериум да ја имаат љубовта, за да бидат искрени. Пекол е кога ти самиот не љубиш и кога тебе не те сакаат. Наместо тоа, кога навистина сакаш, наоѓаш многу начини да го покажеш тоа и изнаоѓаш илјада начини за да им помогнеш на оние, на кои им е потребна помош.
Може да добиеме место во рајот, бидејќи тоа е плод на делата од нашата љубов, направени со смирение. Тие дела ќе ни помогнат да бидеме оправдани на страшниот Христов Суд. Амин.
Подготви: протојереј-ставрофор А.П.
Извори: Carnival Sunday https://orthodoxtimes.com/carnival-sunday/ Meatfare Sunday: Christian love is “possible impossibility” to see Christ in another person https://orthodoxtimes.com/meatfare-sunday-christian-love-is-possible-impossibility-see-christ-in-another-person/
Comments
Post a Comment