Верата и молитвата
Протопрезвитер д-р Георгиј Лекас
Потребна е вера за некој да се моли на Бога, поголема вера (е потребна) за да се сети и да се врати да Му заблагодари, и уште поголема вера – да го фали Неговото Свето Име и всушност, да Го фали непрестајно.
Верата што нè поттикнува да го молиме Бога кога се соочуваме со искушение, како што е болеста на десетте лепрозни, не е вера што спасува; туку таква (спасителна) е верата што нè предизвикува да се обратиме кон Господа за да Му благодариме и уште повеќе, да го фалиме Неговото свето име кога за нас е извршено чудо.
Тешкотијата со која се соочуваме може да нѐ поттикне да се свртиме кон Господа, но ако ни недостасува вера, ние тежнееме чудото што е направено за нас да го припишеме на природни причини, а не на натприродното Божјо дејство. Често се случува да молиме за чудо и да добиеме чудо, и тогаш ни недостасува вера која е потребна за да го прифатиме со смирение и да му благодариме на Господа.
Тешкотиите со кои се соочуваме и чудата извршени за нас – се исклучиво со цел да го обновиме нашиот однос со Бога. И да, нашата прозба кон Него во тешките моменти го отвора каналот на заедничарењето со Него, што често предизвикува чудо, но ако поради недостаток на вера не се вратиме да Му заблагодариме откако ќе се случи чудото, каналот на комуникацијата со Него се прекинува и нашето спасение е доведено во опасност – како што се случило со деветте лепрозни кои, по чудото што Господ го направи за нив, не се вратија да Му заблагодарат.
Бидејќи благодарењето подразбира поголема вера отколку што подразбира прозбата, благодарењето нè поставува во подлабок однос со Господа отколку прозбата. Всушност, кога благодарењето е длабоко и искрено, тоа нè води до уште повисок облик на молитва – фалењето (на Бога). Така, благодарењето е експлицитен или имплицитен однос кој нашата молитва ја води од „Господи помилуј“ до „слава Му на Бога“.
Верата и молитвата се дарови на пресветиот Бог, но видот на нашата молитва обично зависи од степенот на нашата вера. Нашиот духовен живот се движи како нишало меѓу „Господи помилуј“ и „Слава Му на Бога“, секогаш минувајќи низ благодарењето. Ако „Господи помилуј“ е нашето движење надолу, каде што е нашиот Ад, благодарењето и уште повеќе фалењето, е движење на нашата душа нагоре, каде што е Рајот. Созерцателното (contemplative) предание на нашата Црква, сепак, потврдува дека радоста на искачувањето зависи од болката при слегувањето во Адот на покајанието.
Душата која почнува да се засладува со ова движење на нишалото од едниот крај до другиот, веќе е на патот кон спасението. Навистина, кога нејзиниот однос со живиот Бог станува сè подлабок преку молење, благодарење и фалење, доаѓа моментот кога неговата прозба кон Господа не е „за“ отстранување на тешкотиите со кои се соочува, туку да биде способна така што секој момент уште повеќе Го љуби, да Му благодари и да Го фали Господа. Овој живот е Рај.
Превод: протојереј-ставрофор А.П. Извор: https://orthodoxtimes.com/fr-georgios-lekkas-faith-and-prayer/
Comments
Post a Comment