Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?
Меѓу многуте суевериja кои се сретнуваат во животот на нашиот народ, а кои останале од времето на грубото паганство е и суеверието наречено – урочување, или вера во пресудно влијание на нечиј поглед, кој се прогласува за поглед со лошо око. Ова суеверие може да се сретне и меѓу образовани и меѓу необразовани луѓе. Oд урочување се плашат и луѓе што веруваат и оние што малку веруваат, а понекогаш и оние што не веруваат. Зборот суеверие значи: празноверие. Празноверието пак, воопшто не е нешто празно, наивно или безопасно, бидејќи во пракса се покажува како исполнето со разорно дејство против човековото душевно здравје и меѓучовечките односи.
Со зборот урокъ, етимолошки: у + рокъ,
словенските народи сакале да искажат некакво дејство причинето од поглед кој
има моќ некого да доведе, т.е. да постави во лоша, ограничена положба.
Во книгата Требник, со молитвите кои свештеникот ги чита
за мајката – родилка и за новороденчето, се молиме; Господ да ги чува детето и
родилката од сите видови штетно и опасно влијание на духовите на злобата, а
меѓу другото и од – на црковнословенски – „от очес призора“, што се преведува
како: завидлив или лош поглед.
Многумина во овој израз се обидуваат да најдат основа за
своето верување во уроци и сметаат дека Црквата во своите молитвословија го
подразбира верувањето во урочување со „лошо око“? (Молитвата во којашто се наоѓа спомнатата фраза ја
напишал св. Василиј Велики. Во оригиналниот, грчки текст на оваа молитва, соодветно
на преведената фраза „от очес призора“ се зборовите: „καὶ ὀφθαλμῶν βασκανίας.“ Во многу преводи
на молитвата оваа фраза е испуштена.)
Па, зарем може христијанинот да верува дека некој е роден со урокливи очи, зарем таквите предрасуди може да бидат дел од христијанската вера? Еве што вели истиот св. Василиј Велики во неговата беседа за завидливоста: „За завидливите, некои мислат дека нанесуваат штета само со поглед, па од нивниот завидлив поглед почнуваат да венеат телата на младите со силна градба, кои цветаат со сета своја убавина. Сета нивна полнота наеднаш исчезнува, како од завидливите очи да се потекува погубен, штетен и разорен поток. Јас го отфрлам таквото народно верување кое го распространуваат старите жени; но, потврдувам дека мразителите на доброто – демоните, кога во луѓето ќе најдат демоноподобни намери, ги употребуваат сите средства за да ги искористат за свои цели. Затоа и очите на завидливите ги користат за да им служат на нивната волја.“
Преданието на Православната црква од древноста разбира
дека човековиот поглед може да носи определена енергија, во зависност од
содржината на човековото срце. Така, зборовите „от очес призора,“ го означуваат
лошото дејство кое духот на злобата го предизвикува соединувајќи ја својата
сила со погледот, допирот или други дејства на неговите свесни или несвесни
служители.
Црква ја познава завистa како човекова страст и болест на душата. Тоа што се
нарекува урочување пак, суеверните може да ги води кон многу лоши дела кои им наштетуваат на
ближните; да се сомневаат и да ги клеветат
своите блиски дека им посакуваат или им прават зло, да
бидат неблагодарни, завидливи, да создаваат омраза во своето срце, да
навредуваат итн).
Освен тоа, оние кои користат амајлии, магии, најразлични
„предмети кои носат среќа“, не само што не го решиле проблемот, туку и се
лишуваат од црковната, благословена заштита. Во житието на свети Порфириј,
архиепископ на Газа, кој живеел во IV век, може да се прочита за поучeн расказ во врска со ова. Се случило некоја жена на некој
богат римјанин – незнабожец да не може да се породи и тој по совет на неговите
пријатели, неволно се обратил за помош кај свети Порфириј. Откако пристигнал
кај римјанинот, светителот прво побарал од домот да се исфрлат „фасцините“
(предмети со непристоен изглед за кои верувале дека штитат од урочување и други
штетни дејства). Кога неговото барање било исполнето, тој се помолил – и жената
безбедно се породила.
Урокливоста всушност, е дејство на ѓаволот, кој може да
биде причина за човековата завидливост и за завидлив поглед, но како негативно
влијание тоа му припаѓа на ѓаволот, а не природно на окото или на човековата
душа. Така, како и сите други магиски практики, урокливоста е дел од војувањето
на ѓаволот, а не е штетно влијание или енергија што би потекнувала од завидливо
око или од душата на „уроклив“ човек. Затоа, христијанинот нема причина да се
плаши од урочување или од други магиски дејства.
Со сигурност може да кажеме дека никакви лоши мисли,
погледи или магии не се опасни за верните чеда на Црквата. Божјата благодат,
силата на Крстот и пред сѐ, Светите пречисти тајни на Телото и Крвта Христови
(т.е. Светата причест), за христијанинот се штит против секакви лоши духовни
намери или опасности. Христијанинот се грижи да не остане без Божјата благодат,
која го сочинува неговиот духовен имунитет. Од злото се спасуваме со достоен
христијанскиот живот, со посветеност на Бога. А, крстениот човекот кој не сака
да живее како христијанин, не учествува во светите тајни на Црквата, не се
исповеда, не се причестува, тој, така да се каже, не сака да облече соодветна облека
на студот. Тогаш, дали студот ќе биде виновен за нарушеното здравје, дали Бог е
виновен што не побарале помош од Него? Затоа, да го послушаме советот од св.
Макариј Велики (IV в.), кој, откако исцелил некоја жена, ѝ кажал за причините
на она што ја снашло:
„Никогаш не престанувајте да ја посетувате црквата;
никогаш не отстранувајте се од причестувањето со Христовите Тајни; оваа несреќа
ти се случила затоа што веќе пет недели не си пристапила кон Пречистите Тајни
на нашиот Спасител.“
Подготви: протојереј-ставрофор Антониј Петрушевски
Comments
Post a Comment