За што разговарале Христос и Самарјанката?

Свештеник Д'митриј Барицки

Петтата недела по Велигден се нарекува Недела на самарјанката. Главниот лик на евангелскиот дел кој овој ден се чита на литургијата е една жена од Самарија, со која Христос започнува разговор покрај бунарот на Јаков. Во црковното предание е зачувано нејзиното име - Фотина или Фотинија. По разговорот со Спасителот таа станала христијанка, подоцна привела многу луѓе кон Бога и примила мачеништво за верата. Што било невообичаено во разговорот на Исус со оваа жена и како ликот на самарјанката може да нѐ поучи што треба да се прави, не само за да се стекне благодатта на Светиот Дух, туку и ние самите да станеме извор на оваа благодат за другите луѓе?

„Никој да не јаде леб со самарјаните, зашто оној што го јаде нивниот леб наликува на оној што јаде свинско месо“. Вакви изреки се кажувале меѓу Евреите во времето на Христос. Тие биле јасно сведоштво за еден тажен образец: најжестокото непријателство често се појавува токму меѓу оние кои некогаш биле многу блиски и драги еден на друг. Навистина, Евреите и Самарјаните некогаш биле еден народ. Сите тие биле потомци на оние кои заедно со Мојсеј од Египет пристигнале во Палестина. Евреите го населувале југот на ветената земја, а предците на Самарјаните живееле на север. Да, тоа биле Евреите кои го сочинувале Северното израилско царство, кое во VIII век пред Христа паднало под нападите на војската на асирскиот крал Саргон II. Дел од Евреите биле депортирани, а оние што останале се измешале со паганите кои биле преселени таму. Верата во Едниот Бог не исчезнала, но претрпела големи промени. Самарјаните продолжиле да го почитуваат законот на Мојсеј, да ги читаат неговите свети книги, но истовремено нивниот религиозен живот примил различни пагански идеи и ритуали.

Поради тоа, Евреите ги презирале Самарјаните. За нив тие биле полоши од незнабошците. Тие биле предавници и осквернители на верата. Самарјаните пак, знаеле да им се одмазуваат на своите браќа. Единствениот начин да се стигне од Галилеја до Ерусалим бил по патот што минувал низ територијата на Самарјаните. Еврејските поклоници кои пешачеле по тој пат често биле изложувани на потсмев, навреди, па дури и на тепање. Затоа, Самарјанката е крајно изненадена што Христос бара од неа да Му даде вода.

Ова не е единственото нешто што привлекува внимание. Патријархалните закони од тоа време му забранувале на мажот, не само да се сретнува со жена насамо, туку дури и да ја поздравува и да разговара со неа на улица. Христос ја пренебрегнал оваа забрана. Конечно, уште еден забележителен факт. Се вели дека самарјанката дошла на бунарот во шестиот час, односно, напладне. Ова не е случаен детал. Во Палестина жените оделе да полнат вода заедно, во група. Вообично оделе или рано наутро или навечер. Не во жегата. Самарјанката отишла сама и тоа во жештината на денот. Очигледно е дека не сакала да се сретне со никого. Самото Свето Писмо објаснува; зошто. Се мажела петпати. А и сега живеела со човек кој не ѝ бил маж. Во тоа време, дури и третиот брак се сметал за нешто невообичаено. Очигледно е дека жената се чувствувала отфрлена и престапничка пред законот и општеството. Затоа е сама. Но, затоа уште понеобична е нејзината средба со Христос.

Непријател, жена, и тоа со сомнителна репутација, социјален отпадник. Така можеле да ја видат учениците на Спасителот, кои биле крајно зачудени од тоа што Тој зборува со неа. Зарем Учителот не можел да најде подостоен соговорник? Секој ден е опкружен со пристојни луѓе кои сигурно нема да го расипат дарот на жива вода што Тој ѝ го нуди на оваа сомнителна личност. И навистина, зошто токму на неа?

За наша среќа, човечките идеи за пристојноста и тоа, што мисли Бог по овој повод, суштински се разликуваат едно од друго. Ние често гледаме и судиме само според надворешниот изглед. А, за Бога е отворено човечкото срце. За Него е доволно тоа што самарјанката не се оправдува. Таа има доволно храброст да биде искрена и пред Христа и пред себе. Очигледно, таа одамна ја прифатила целата вистина за себе. Нема смисла да се прави итра и да заобиколува. Во неа одамна е созреано сознанието дека сама не може да промени ништо. Само чудо може да ѝ помогне. Затоа, таа се сосредоточува на Христовите зборови за Спасителот и Месијата кој ќе дојде. Господ гледа дека Самарјанката е полна со одлучност. За некако да ја промени својата состојба, таа е подготвена, не само да ги слуша Неговите зборови, туку и да дејствува. Бидејќи, ништо не може да биде полошо од нејзината состојба. Конечно, Тој гледа дека жената не е користољубива. Таа нема да го присвои подарокот што Тој ќе ѝ го подари  Себеси. Таа е подготвена да го сподели со други луѓе. И покрај тоа што тие луѓе веројатно ѝ предизвикале многу болка. И навистина, првото нешто што го прави самарјанката е  оди кај нејзините сонародници во градот. Таа проповеда за Христос со таква воодушевеност, што во брзањето дури ја заборава и својата стомна. Нејзината проповед е толку силна, што луѓето, и покрај тоа што оваа жена не е со најдобра репутација, ја следат и го наоѓаат Месијата.

Безмилосната искреност пред себе и признавањето на своите слабости, сознанието дека јас самиот немам доволно сила за некако радикално да ја сменам состојбата, бидејќи во Бога е сета сила, подготвеноста за исполнување на заповедите што Господ ги предложува на страниците на Неговото Евангелие, односно несебично да им се служи на другите во името Христово  тоа е она со што човекот ја привлекува кон себе благодатта на Светиот Дух. Затоа, ако душата ни е пресушена и свената како во жешко, пустинско пладне, да се потсетиме на самарјанката. Можеби нејзиниот лик ќе ни покаже во кој правец треба да се движиме за да најдеме извор на жива вода.

Превод: протојереј-ставрофор А.П. Извор: https://foma.ru/o-chem-govorili-hristos-i-samarjanka.html

Comments

Popular posts from this blog

Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?

Во што е гревот на фарисејот?

Божикно послание од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј