Св. Јован – „извршителот“ на словото

Софија Бекри

„Сето создание се радува на твоето раѓање, божествен (човеку): зашто ти Претечо се покажа како земски ангел и небесен човек, и ни го објавуваш Небесниот Бог воплотен“  пее химнографот во канонот на празникот на славниот и чесен Претеча. Навистина, целата Црква учествува и слави, бидејќи „радостотворното раѓање“ на светителот „ни ја возвестува вистинската радост и веселба. Затоа и целото создание светло го празнува (раѓањето на св. Јован Крстител)“.


Навистина, Јован е „Светилник на светлината“, „ѕвезда што свети пред Светлината“, „зрак што го најавува Сонцето на правдата“, „светлата ѕвезда што ја разгонува заблудата и темнината и го отвора патот кон вистината Христова“. Св. Јован, всушност, е наречен „ѕвезда на ѕвездите“, бидејќи неговата светлина ја надминува светлината на сите други ѕвезди. Тој е најсјајната ѕвезда што го осветлува патот за муграта на Оној што е наречен „Исток од висините“.

Според тоа, невозможно е нашата Црква да не му оддаде посебна чест на раѓањето на оној преку кого на светот му беше претскажано доаѓањето на Спасителот, на „Претечата (т.е. на Претходникот) на доаѓањето Христово“ (Тропар на св. Јован). Ниту пак, е можно евангелистите и химнографите да не ги истакнат многуте чудесни настани што се случиле при раѓањето на Претечата, кои навистина нѐ предизвикуваат да ги споредиме со сличните настани при Рождеството Христово.

„О, чудно чудо!“ Еден од многуте чудесни настани се случил кога Захарија во храмот се молел на Бога за спасение на целиот народ. Ангел Господов се појавил и му рекол дека неговата молитва е слушната и дека Елисавета ќе роди син, како раѓањето на св. Јован да беше спасението на светот, за кое се молеше Захарија во тој момент. И зарем Јован не стана проповедник на спасението што дојде во светот преку Христос Спасителот?

Може да разгледаме други споредби помеѓу раѓањето на Господ Исус Христос и раѓањето на св. Јован Крстител. Христос се роди од девојка, Дева Марија, а св. Јован од неплодната Елисавета. Името „Исус“ го дал ангелот Гавриил, „уште пред да биде зачнат во утробата (Лк 2, 21). На ист начин, било претскажано и името „Јован“, што значи „Божја благодат“ (Лк 1, 13). На Захарија, исто така, му било кажано дека неговиот син „ќе биде голем пред Господа“ (Лк 1, 32). При Христовото раѓање, ангелот Гаврил не ѝ објавил „Радувај се“, само на идната Богородица, туку и на пастирите и на сите други им ја пренел „веста за големата радост, која е за сите луѓе“, дека „се родил Спасителот“ (Лк 2, 10-11). На истиот начин, при раѓањето на Јован, ангелот му рекол на Захарија: „И ќе бидеш радосен и весел, и мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање“ (Лк 1, 14). При Христовото раѓање, ангелите му пееле на Севишниот Бог („Слава на Бога во висините…“); а при раѓањето на Јован луѓето се прашувале: „Што ќе стане од тоа дете?“ (Лк 1, 66).

И најчудесното од сѐ: средбата на двајцата, на Претечата и Христос, во утробата на нивните мајки, уште пред да бидат родени. Кога Елисавета и Марија се прегрнале, „заигра младенецот во утробата нејзина‘, како ученикот да го познава својот Учител, „слугата“ својот „Господар“. Гледате, Јован имал дар на прозорливост уште пред да се роди, бидејќи ангелот рече ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си“ (Лк 1, 15). И тој можел да ја пренесе својата благодат на својата мајка, оспособувајќи ја да ја нарече Марија „мајка Господова“: „Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба! И откаде со мене ова, при мене да дојде мајката на мојот Господ?“ (Лк 1, 42-43). Како инаку Елисавета ќе ја препознаела Марија како мајка на Господа, ако не преку нејзиниот син Јован, кој бил свет „дури од утробата на мајка си“. (Секако, овој пасус е најсилниот доказ за гледиштето на нашата Црква за човековиот живот од моментот на зачнувањето).

Од кажаното досега, јасно е дека Јован се докажал како „голем во Господа“ (Лк 1, 14), односно дека ги развил сите добродетели до највисок степен и затоа му угодил на Господа, кој подоцна ќе со восхит ќе рече: „Меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крстител“ (Мт 11, 11). Треба да забележиме дека Јован е единствената личност за која Господ искажал такви зборови и тоа го кажал пред Црквата како целина да го прослави како „најпочитуван од сите пророци“.

И сепак, Јован станал голем не само затоа што тоа било Божја волја, ниту само затоа што неговите родители биле побожни, непорочни и праведни (Лк 1, 6), туку главно затоа што тој самиот избрал да живее „чесно, праведно и побожно“ (Тит 2, 12). Всушност, Јован е олицетворение на триптихот на христијанскиот живот: ја чувал вистинската вера, без отстапување од неа; живеел морален живот; и постапувал чесно и праведно. Всушност, тој бил толку праведен што со своето проповедање сакал на тешкиот и тесен пат да ги поведе, освен обичните луѓе, и водачите од неговото време, укорувајќи ги за нивната безбожност и за неморалниот начин на живот. На крајот, заради тоа и страдал.

Браќа и сестри во Христа Бога, бидејќи повеќето христијани денес се само слушатели на Господовото слово, а не го извршуваат (Јк 1, 22), време е да се поучиме од примерот на св. Јован и да го примениме Божјото слово во сите аспекти од нашиот живот. Мора да ја одржиме вистинската вера права, незасегната, имајќи предвид дека таа е нападната од сите страни; мора да живееме морално и добродетелно, и покрај многубројните и разновидни предизвици и искушенија; и уште, мора да се постапуваме со љубов, мудро и праведно. И, пред сè, мора да се обединиме и да дејствуваме заедно во борбата против секое движење кое има за цел да нè подели и измами.

Само така и ние, како Претечата и како сите други светители, може да живееме „чесно, праведно и побожно“. За таа цел, да се молиме на Господа, да ни ја даде својата изобилна благодат и безграничната милост, по застапништвото на св. Јован Крстител, амин.

Извор: https://pemptousia.com/2022/06/john-the-doer-of-the-word/ Превод: протојереј-ставрофор А.П.

Comments

Popular posts from this blog

Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?

Во што е гревот на фарисејот?

Божикно послание од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј