Исцелувањето на слепите и истерувањето на демонот од немиот човек

„А кога Исус си одеше оттаму, тргнаа по Него двајца слепи и викаа: – Помилуј нѐ, Исусе, сине Давидов! А штом дојде в куќи, слепите се приближија до Него. И Исус им рече: – Верувате ли дека можам да го направам тоа? Тие Му рекоа: – Да, Господи! Тогаш се допре до очите нивни и рече: – Нека ви биде според верата ваша! И очите им се отвори ја; а Исус им заповеда, велејќи: – Гледајте никој да не дознае! А тие, штом излегоа, разгласија за Него по целата онаа земја. Додека тие излегуваа, ете, доведоа при Него еден човек нем и бесен. По изгонувањето на бесот, немиот проговори. А народот се чудеше и говореше: никогаш такво нешто не станало во Израилот. А фарисеите велеа: Он ги изгонува бесовите со силата на началникот на бесовите. И одеше Исус по сите градови и села, и поучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и секаква немоќ во народот“ (Мт 9, 27-35). – Текстот на Литургиското Евангелие во 7 Недела по Педесетница

* * *

Христос Воскресна! Честита мала Пасха, мал Велигден, браќа и сестри (бидејќи секоја Недела е празник на Христовото Воскресение)!

Денеска слушавме за две чуда извршени одеднаш – исцелувањето на слепите и истерувањето на демонот од немиот човек. Во нашите умови, зборот „чудо“ е поврзан со нешто натприродно, нешто што ги прекршува законите на природата. Всушност, чудото е нешто што ги нарушува нашите идеи за законите на природата.

Чудото е токму обновување, востановување на првосоздадената, на првично планираната хармонија. А, магијата е насилство врз природата. 

Ние не требаше да бидеме слепи, неми, болни или да трпиме страв... Фактот дека сето тоа постои во нашиот свет е последица на гревот. 

Христос дојде за да го востанови исконскиот интегритет, првосоздадената целосност и хармонија во светот и во секој од нас, само ако човек направи чекор кон Него.

Ние, како и оние двајца слепи, мора да ја почувствуваме нашата потреба (која не мора да биде трагична, како болест или смрт на близок човек). Тоа чувствување на потребата да бидеме исцелени може да биде едноставно, недоволно осмислено, но мора да биде искрено.

Нашите болести, радости и таги мора да ги претвориме во нешто поголемо, каде што ќе може да дејствува божествената љубов, во нешто на што Христос ќе одговори со евангелските зборови: „и се смилува над нив Христос“. Само смирението (понизноста) и вистинската вера можат да ги направат нашите проблеми такви, како кај слепите кои го исповедаа Христос за Месија, Син Давидов и имаа цврста надеж дека Тој ќе ги исцели. 

Овие слепи ни покажаа пример на христијанско живеење. Тие се молеа еден за друг. 

Не се молеа секој за себе, туку велеа: „Помилуј нѐ“. Овие зборови содржат едно од главните значења на литургијата. Да, главното поради што доаѓаме во црква е – да се причестиме со Телото и Крвта Христови, но и да се помолиме еден за друг. 

Зашто, секојпат кога ѓаконот ги кажува прозбите на ектенијата, ние се молиме за целата наша држава, за оние што не живеат во мир, за болните, за страдалниците... А таквите често се до нас во црквата.

Колку би било прекрасно ако, секогаш кога се наоѓаме во храмот на литургија, би ја чувствувале оваа заедница со сите страдални, болни, заробени и од сѐ срце, како слепите од Евангелието, би се молеле: „Помилуј нѐ“. 

И да не бараме причини како фарисеите, кои велеа дека Христос ги истерува демоните со демонска сила. Тоа е повторно оној момент кога стануваме заложници на некои наши стереотипи и идеи.

И пред Христа имало такви што истерувале демони од луѓето. Но, тие употребувале заколнителна формула, повикувајќи го Божјото име. А Христос, бидејќи е Бог, немал потреба да изговара заколнителна формула.

Така, фарисеите помислиле, штом Тој не го повикува името на Бога, значи не ги истерува демоните со Божјата сила, туку со демонска сила.

Книжниците и водачите на народот не само што му завидувале на Христос, туку и се плашеле дека ќе им го одземе приходот. Зависта, среброљубието и гордоста ги спречувале книжниците и водачите на народот да ја согледаат нивната потреба и да поверуваат во Него. 

Господ нека направи чудо со секој од нас!

Превод од руски: протојереј-ставрофор А.П.

Comments

Popular posts from this blog

Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?

Во што е гревот на фарисејот?

Божикно послание од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј