Успението на Божјата Мајка
проф. Георгиј Манзаридис
Во химнографијата на Православната црква, Богородица се нарекува „бог по Бога, имајќи го второто место по Троица“. Некои можеби сметаат дека овие термини се прекумерни и догматски неосновани, но, не е така, бидејќи тие (ни) ја пренесуваат квинтесенцијата на православната теологија и антропологија.
Богородица не е само првата, туку е и единствената личност која дејствено соработувала во извршувањето на откупителниот план на Божествената промисла. Таа е единствениот „застапник на натприродните добра“ [1]. Нејзиниот одговор на поздравот на архангелот Гавриил беше почетокот на онтолошкиот процес за спасение и обновување на човечкиот род и на целото создание.
Човековата „соработка“ која, всушност, е појдовната точка за православното догматско учење, не е само морален, туку е и онтолошки услов за нашето спасение. Господ не нè спасува без нашата „соработка“, односно нашето со-дејствување. Нашата слободна согласност и нашето учествување во оваа задача се услов кој се исполнува со соработката на Богородица во планот на Божествената промисла. Без присуството на Богородица и нејзиното севкупно учество во планот на Божјата промисла, спасението и обновувањето на светот би останале во очекување.
Според согледувањето на свети Никола Кавасила; како што Христова волја било (Тој) да стане човечка личност, така било неопходно Дева да стане негова мајка со нејзината слободно дадена согласност. Впрочем, Спасителот не е личност и Син Човечки само поради своето тело; Тој имал и душа, ум и волја, односно сѐ што е човечко. Тоа значи дека и неговата мајка ќе мора да биде совршена, бидејќи таа требаше да послужи не само во носењето на природата на неговото тело, туку и на неговиот ум и волја, со сето она што тој го има како човечко битие. Со други зборови, Богородица мораше целосно да Му се принесе на Бога, и духовно и телесно, за да може Бог да ја спаси целата човечка личност [2].
Богородица не дојде од небото, туку од земјата, на истиот начин како и другите од нашиот паднат род, кој ја заборавил својата вистинска природа. Пресвета Богородица, сепак, се спротивставила на сета порочност и со голема благодарност ја извршувала добродетелта, целосно предавајќи му се на Бога [3]. Така, може да кажеме дека догматското значење на човечката соработка е олицетворено, во својот најсовршен облик, во личноста на нашата Богородица. Како што забележува Кавасила, сепак, Богородица не била како земјата што придонела за создавањето на првото човечко суштество едноставно со тоа што била несвесен материјал кој Создателот го употребувал. Наместо тоа, таа дејствувала и му ги принела на Бога сите оние нешта што го воплотувале Творецот на земјата [4].
Со својот слободен и целосен придонес во делото за спасение и обновување, Богородица стана со-причинител (co-author) и мајка на „новото создание“. „Од каде е новото создавање? Значи, кој измени сè?“ – прашува Кавасила и продолжува, велејќи дека, се разбира, небото прими нови, преродени жители кои Богородица ги пренесе таму од земјата [5].
На празникот Успение на Богородица, а и на празникот на секој светител на Црквата, правиме нешто што изгледа чудно: ја славиме нивната смрт. Славиме, не затоа што сме среќни заради смртта, туку затоа што се радуваме на силата што ни ја дава Црквата за да ја надминеме смртта. Значи ја славиме (смртта на светите) како привремен сон. Не ја славиме како слегување во пеколот, туку како искачување во рајот.
Но, особено на празникот Успение на Богородица го споменуваме, поточно го славиме најсветото и најчудно заспивање: Успението на Богородица, Мајката на животот. И ние го славиме, не како настан кој се однесува само на Богородица, туку и на сите нас; на секого од нас. Секој од нас го примил Божјиот дар да ја доживуваме смртта како успение / заспивање во Црквата. Ова е дарот кој првпат стапи во сила со нашата Богородица, поради нејзиното доброволно прифаќање на Божјата покана на Благовестувањето, да го зачне Христос: „Еве ја слугинката Господова. Нека ми биде според Твојот збор“ [6].
Преку оваа нејзина апсолутна послушност, Богородица ја вкорени Црквата во светот како богочовечка заедница и дарот на победата над смртта го направи достапен за сите нас. Така, Педесетница, роденденот на Христовата Црква, всушност започнува на денот на Благовештението. Започнува со востановувањето на заедницата на (бого)славењето, во која смртта е укината и владее вистинскиот живот.
Ако Христос е причинителот (the author) на спасението и осветувањето на светот, Богородица е „со-причинител“ (co-author). Но, Христос кого Богородица го роди „еднаш во тело“, исто така, постојано се раѓа „во Духот“ преку љубовта кон секого што сака да го пречека. Станува младенец (новороденче) и во верниците се вообличува со добродетелите[7]. На истиот начин, верниците ја претставуваат Богородица во духовна смисла и по благодатта на Светиот Дух, стануваат мајка на Христос, исто како што стануваат негови браќа и сестри и членови на неговото Тело со нивното влегување во Црквата и со нивното учествување во крштевањето и во светата причест.
Господ Исус Христос рекол: „Моја мајка и мои браќа се оние кои го слушаат словото Божјо и го пазат“ [8]. Како за Христос, така за нашата Богородица и за секој христијанин, смртта не е крај на животот; таа не е поништување. Таа е заспивање и влегување во нов живот, во вистинскиот живот, вечниот живот. Затоа, како што се вели во канонот што се пее на Успение, „во умирањето таа воскреснува со нејзиниот Син, живеејќи вечно“ [9]. Како мајка на Животот, таа го живее вечниот живот со Господарот на Животот. На истиот начин, верниците кои живеат со вера во Христа, во Црквата, со нивното умирање влегуваат во новата перспектива на бесмртниот и небесен живот.
Белешки
[1] Види химна на Богородица, песна 2, канон на Утрената, 8 јуни.
[2] Види Николај Кавасила, На Благовештение, 5.
[3] Idem, На Рождество, 6-7.
[4] Idem, На Благовештение, 2.
[5] Idem, На Успение, 3.
[6] Лк 1, 38.
[7] Види: Максим Исповедник, Разни поглавја, 1, 8, PG 90, 1181 AB.
[8] Лк 8, 21.
[9] Козма Мелод, канон, песна 1.
Превод: протојереј-ставрофор А.П. Извор: https://pemptousia.com/2023/08/the-dormition-of-the-mother-of-god-2/
Comments
Post a Comment