Воздвижение на чесниот и животворен Крст

Митрополит писидиски Сотир

На 14/27 септември целиот православен свет се радува додека го славиме Воздвижението на чесниот крст, бидејќи: „Ете, преку крстот дојде радоста за целиот свет! (Пасхална молитва)


За востанувањето на овој празник придонеле три историски настани:

1. Пронаоѓањето на дрвото на светиот Крст, во 326 г., од страна на св. Елена, мајката на царот Константин Велики. Кога Крстот Господов бил пронајден во близина на Голгота и на чудесен начин бил идентификуван како вистинскиот Крст на кој бил распнат Господ Исус Христос, св. Елена му се поклонила со солзи и му го предала на епископот Ерусалимски Макариј.

2. Света Елена ги поставила темелите на црквата Воскресение Господово на местото на Светиот Гроб, чија градба била завршена во 335 г. На 14 септември истата година, среде црквата се извршило Воздвижение т.е. воздигнување на чесниот и животворен Крст и сите побрзале со почит и со длабоки чувства да се поклонат пред него.

3. По три векови празникот Воздвижение на Чесниот Крст бил обновен уште еднаш. Тоа е затоа што, кога персијците го нападнале и го освоиле Ерусалим во 614 г., тие го грабнале светиот Крст од црквата Воскресение и како плен го чувале 14 години. Во 628 г., благочестивиот император на Византија Ираклиј, ги поразил Персијците и го вратил светиот Крст во Ерусалим. На 14 септември 628 г., царот Ираклиј, бос и облечен во обична облека, влегол во црквата на Воскресението, во поворка носејќи го светиот Крст на раменици и му го предал на ерусалимскиот патријарх Захарија. Патријархот го примил Крстот и го возвишил среде Црквата, додека сите верници ја пееле химната: „Спаси го Господи Твојот народ и благослови го Твоето наследство...“

Оттогаш е воспоставено богослужбеното славење на Воздвижението на чесниот крст насекаде во Црквата, и на исток и на запад.

Светите отци на Црквата уште од IV век во своите проповеди за чесниот Крст со многу слики и изрази го истакнуваат значењето на Крстот, како и важноста што Крстот ја има во животот на Црквата и на секој верник.

Сепак, веднаш да разјасниме дека Крстот како предмет сам по себе нема магични својства. Сета своја вредност ја црпи од Богочовекот Исус Христос, Кој доброволно бил прикован на Крстот, на кој ја пролеал Својата Света Крв и го осветил, на тој начин правејќи го носител на Неговата благодат. Затоа боговдахновените отци на Црквата велат: „Кога се поклонувам пред Крстот се подразбира дека да Му се поклонувам на Оној што беше распнат на него. Освен тоа, кога го почитувам распнатиот Господ, неоспорно го почитувам Крстот. Затоа, да му оддадеме должно почитување на Крстот Христов. Да ги свиткаме пред Него нашите колена и уште повеќе, претходно да го свиткаме (односно да го скрушиме) тврдокорното срцето“. (1)

Ние, значи, го празнуваме големиот празник Воздвижение (Крстовден) и целото црковно собрание се просветува и исполнува со зраци на божествена радост. Крстот е воздигнат и заедно го воздигнува целото човештво кое паднало поради своите гревови. Веќе не се плашиме од огнените стрели на ѓаволот, бидејќи светиот Крст нè штити. Крстот е извор на безброј благослови за нас. Крстот е надеж на христијаните, спасител на очајните, рај за оние во тешки околности, лекар за болните; ги отстранува грешните страсти и ја одржува верата. (2)

Крстот е скала што се искачува до Небото. Крстот нè штити од искушенија, нè спасува од опасности, нè утешува во таги, ни помага во секоја потреба. Крстот ги штити вдовиците и сираците. Кој гледа во Крстот, се исполнува со храброст и ја прогонува малодушноста. (3)

Возљубени мои браќа и сестри, бидејќи окрвавениот Крст Господов ни ги обезбедува сите овие и многу други благослови, да бидеме присно поврзани со него и често да ја повикуваме неговата благодат и сила, во секоја наша потреба.

Да се прекрстиме кога ќе станеме наутро, благодарејќи му на Господа кој нѐ благословил да ја видиме светлината на новиот ден. Да ја започнеме и завршиме секоја наша работа со знакот на крстот. За секоја милост што ја добиваме од Бога да Му благодариме така што ќе се прекрстиме. Значи, во секоја наша потреба да ја повикуваме помошта и заштитата на нашиот семоќен и семилостив Господ, изобразувајќи го крстот со три прсти правилно; и да бидеме сигурни дека ќе видиме чуда во нашите животи.

Белешки

(1) Никита Пафлагонец, PG 105, 28-29.

(2) Св. Јован Златоуст, Омилија за Крстот и Омилија B’.  Migne P.G. 49 стр. 407-418.

(3) Св. Андреј Критски, Омилија А’ за Воздвижение на светиот и животворен Крст, PG 97, 1017-36.

Извор: https://pemptousia.com/2022/09/sermon-on-the-feast-of-the-exaltation-of-the-holy-and-life-giving-cross/

Comments

Popular posts from this blog

Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?

Во што е гревот на фарисејот?

Божикно послание од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј