Евангелието за богатиот риболов



Нашиот Спасител, на прв поглед, има чудна „кадровска политика”: за ученици избира, не некој оратор, не философ, не Цицерон или Аристотел, туку обични рибари. Така е во текот на целата библиска историја: Бог за Свое наследство не ги избрал Латините кои на светот му ги дале основите на правниот систем, принципите на градење држава и војска, ниту Елините кои ни ја дале философијата, туку избрал еден мал номадски народ и за негов цар го поставил овчарот Давид.

Што имало во тие рибари, заради што Христос ги претпочитал над сите други мудреци во светот? Работата на рибарите во тоа време била многу тешка: заради жешкото време во Галилеја морале да ловат риба навечер, за да ја продадат наутро, инаку би се расипала. А, по риболовот, требало и да ги да ги закрпат мрежите.

Тој ден Петар, Јаков и Јован немале среќа: цела ноќ ловеле риби и ништо не уловиле. Не го заработиле дневниот леб, можеби ќе останат гладни, а може да паднат и во очај. Колку често во нашите животи има ситуации кога се трудиш и се трудиш, работиш колку што можеш, а резултат, очекуваниот резултат го нема. Ти изгледа дека целиот свет е против тебе и ќе останеш гладен.

Се натрупува гневот, огорченоста кон животот... И тогаш, одеднаш, некој ти вели: продолжи, фрли ги мрежите уште еднаш. Да бил некој друг на местото на Петар, можеби ќе избувнел: тој, Петар, е професионален рибар, си го знае занаетот, знае дека не ловат риба наутро. А, Христос е – столар. Петар можел да му рече на Спасителот: ти ли ќе ми кажуваш!? Тој бездруго има жесток темперамент. И, веројатно, некој Аристотел би рекол така.

Но, Петар се смирил. Тоа е она што ги одликувало апостолите. И смирението станало проводник на чудото. Тоа е она што Христос го „сака“ од нас - смиреното срце. Така што, среде брановите на овој наш сложен живот, барем понекогаш да се сепнеме и да се обратиме кон Него, не со молитва за риба, туку со прозба да ја разбереме Неговата волја. Освен тоа, со тој улов Христос всушност, ги поставил апостолите пред избор.

Би било логично да ја зграпчат таа риба и да заминат. Тоа е – среќата, тоа е вашата храна и „чевли за сопругата“. Христос им го дал она што го барале. Но, со тоа како да ги прашува: „Еве, го доби она што го бараше, а сега што ќе избереш? Мене или твојата желба? Може да го земеш она што го бараше, а може да Ме следиш.” Колку е важно да се восхитиш од Христос, а не од чудото!

Ако Христос ни го даде она што го сакаме, дали ќе останеме со светот или со Него? Спасителот затоа и нѐ повикува да Го следиме, бидејќи секогаш сака да ни даде уште повеќе – Себеси и вечниот живот. Значи, да Го следиме Него!

Руслан Калинчук, Извор: https://t.me/chrisma_center/8161

 

Comments

Popular posts from this blog

Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?

Во што е гревот на фарисејот?

Божикно послание од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј