Смртта е победена преку умртвувањето на страстите
„Во она време, се случи Исус, да оди во градот наречен Наин; и со Него одеа мнозина Негови ученици и многу народ. А кога се приближи до градската порта, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка си, а таа беше вдовица; и многу народ од градот одеше со неа. Штом ја виде Господ, се сожали на неа, па ѝ рече: – Не плачи! И кога се приближи, се допре до носилото; носачите застанаа, а Он рече: – Момче, тебе ти велам, стани! Мртовецот стана и седна, и почна да зборува; и ѝ го предаде на мајка му. И страв ги опфати сите, и Го славеа Бога и велеа: – Голем пророк се јави меѓу нас. И Бог го посети Својот народ“ (Лука 7, 11-16).
* * *
Павлос Муктарудис
Од моментот кога нашите први предци „ги свртеле
ушите“, му посветиле внимание на предлогот на ѓаволот да ја остават Божјата
заповед и да јадат од плодот што не бил благословен за јадење, тие ја трпеа
смртта. Нивната одлука да го јадат тој плод резултираше со прекин на нивниот
однос со Бог и прифаќање на смртта. Како што одвојувањето на душата од телото
означува смрт на телото, така и одвојувањето на душата од Бога е смрт на
душата. За душата, животот бил нејзиниот однос (relationship) со Бога. За да
постои овој однос, Бог сакал да учествуваме во неговиот живот, поради што нѐ
обдарил со својот „животворен здив“, за да можеме да со-постоиме (co-exist) и
да живееме со него „во молитва и божествено созерцание“, во смирение и
послушност, што ќе вроди со плод т.е. нашето обожение „по благодат“ и ќе ни
овозможи да ја гледаме неговата божествена слава. Во љубовта кон Бога, ние би
учествувале во неговиот живот којшто и е љубов. За душата, смртта „е отуѓување
од Бога“ (Св. Григориј Ниски). Напуштањето на Бога беше еднакво на напуштање на
животот и потчинување на смртта. Адам чувствувал дека е во состојба да се
обезбеди себеси во животот и да ја постигне својата цел за обожение без Бога,
но тоа беше неговиот грев, бидејќи „во одвоеноста од Бога“ нема вистински,
непропадлив и бесмртен живот. Значи, тој се откажа од Бога, се отуѓи од него и
се ограничи на пропадливо и смртно постоење, кое ќе му обезбедува материјални
добра. Ова отуѓување од Бога, всушност, беше вистински развод, одвојување од
Изворот на животот што доведе до „целосно уништување на душата“ (Св. Григориј
Богослов).
Кога душата се одвоила од Бога, таа им робувала на
своите страсти кои, кога се активирани, ги сочинуваат гревовите, а тоа е
смртта. „Похотата, откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт“
(Јк 1, 15). Погубната похот раѓа грев, од кој се раѓа смртта на душата и
следствено, на телото. Кога сме отуѓени од Бога, паѓаме под влијание на ѓаволот
– изумителот и поддржувач на гревот. Иако Бог нѐ создаде да имаме власт над созданијата,
страстите и демоните, преку престапот ние станавме робови на страстите,
демоните и смртта. На тој начин во светот царуваа гревот и ѓаволот. Ова беше
неговата цел, кога го убеди Адам да остане „оддалечен од Бога“. Тој сакаше да
ни го „одврати умот од паметењето на Бога и употреби земна мамка за да нѐ
обрати од она што е навистина добро и убаво кон она што е само навидум такво“
(Св. Макариј). Смртта, според тоа, не беше дел од нашата природа при
создавањето, туку е резултат на нашето отпадништво, „плата“ за гревот што им се
плаќа на сите оние што го извршуваат. „Нема друг причинител на смртта освен
гревот“ (Св. Григориј Ниски). Со други зборови, ѓаволот нè подложи на смртта преку
страстите кои ги прифативме и дозволиме да имаат слобода во нас и преку
гревовите што ги направивме. На овој начин, него го направивме господар на
гревовниот свет, во кој влеговме. Гревот е осилото на смртта, според св.
апостол Павле. Тоа значи дека, ако гревот го немаше, ако тој беше умртвен во
нас, смртта не ќе можеше да ни наштети. Но, бидејќи гревот постои и ние му
даваме вистински израз, тој ни носи смрт, прво на душата, а потоа на телото.
Стравот што тој го предизвикува е свесноста за нашата вина за она што сме го
направиле. Затоа, оние кои страдаат слободно, не само што немаат страв од
смртта, туку и „сакаат да умрат и да бидат со Христос“ (Флп 1, 23). Поболна од
телесната смрт е онаа на душата, односно отсуството на Бог од нашиот живот.
Смртта на телото е слика на смртта на душата од мртвите дела на гревот, од
„страстите на телото“. „Вистинската смрт е скриена во срцето и ние стануваме
мртви однатре“. Бог ни дозволува да ја чувствуваме, барем телесната смрт,
бидејќи суровото искуство на болката што таа ни ја предизвикува може да биде
мотив за покајание и враќање кај Бога. Кога тагуваме за загубата на физичкиот
живот, можно е да „се вразумиме“ и да почнеме да го бараме животот „во Бога“,
„што сме го изгубиле“, „небесната Мајка“, „благодатта на Светиот Дух“ и да се
вратиме кон неа. Смртта ќе има власт над светот на гревот и страстите сè додека
не биде целосно уништена и згазена со смртта на Оној „кој не познава грев“
(Св. Григориј Ниски).
Уништувачот на смртта
Христос „отишол во градот Наин“ за да ја победи
смртта. И тој го направи тоа затоа што имаше власт да го стори тоа. Тој му даде
воскресение и живот на синот на вдовицата, а неговиот живот продолжи по својот
пат. Тоа беше пат на болка, страдање и крст, сè додека не нѐ ослободи од смртта
што беше предизвикана од гревот и нѐ направи учесници во воскресението. Смртта
е „духот на светот“, „телесен менталитет“, со кој управува кнезот на светот, на
овој век, преку животот „без Бога“. Христос сака да го врати овој живот во
заедницата со него, да го претвори во живот „со Бога“, откако ќе го очисти од
грешните страсти и смртните дела на гревот. Доживотниот пат што ни остави да го
следиме е: волјата Божја е наша „храна“, дури и ако таа води до крстот. Гревот
честопати се борел против него (омраза, обесчестување, потсмев, клетви, удари,
плукање, воопшто страшни страдања и смрт на крстот). Тој со болка прифатил сè
што носело тоа, но никогаш не го прифатил гревот. Со тоа што волјата на својот
Отец, љубовта и смирението, ги спротивставил на различните гревови од орудијата
на ѓаволот, тој „го осудил гревот во своето тело“. Тој, преку својата совршена
безгрешност (Ис 53, 9), ги уништи сите облици на грев, како и смртта што ги
придружува. Тој не само што се воздржуваше да им врати на одговорните за
неговите страшни страдања, туку и им прости. На овој начин тој покажа дека,
всушност, „Бог е љубов“. „Нема друг причинител на смртта освен гревот.“ И
покрај тоа што претрпе смрт на крстот, Тој стана победник над смртта. Плод на
неговите дела беше Воскресението и ни подари вечен живот. Со оглед на тоа што
Господ беше слободен од секаква страст, од секаков грев, Тој не се плашеше од
смртта, дури ни од смртта на крстот; односно од смртта во најлош облик.
Природно, како човек „се натажи и почна да тагува“. Тој, сепак, беше тажен „по
отстапка“, за да покаже дека навистина е човек.
Како што споменавме, ако страстите живеат во нас
(егоизам, себичност, сетилност, алчност, (пре)амбициозност, омраза, осудување
и слично) тогаш во нас престојува смртта, придружена со страв и болка. Овој
страв од смртта е создаден кај Адам со отсуството на Бога, Кој е вистинскиот и
единствен живот. Ако страстите се умртвени, тогаш и смртта е (умртвена,
победена). Страстите на душата се умртвуваат преку духовна воздржливост и со Божја
помош. Затоа, сите оние што „живеат во подвиг (asceticism)“ учествуваат во
Господовата Вечера, „за умртвување на страстите“. Тоа е тајната што ја победува
смртта. Почетокот на умртвувањето на смртта е самата Христова смрт
(предизвикана од орудијата на ѓаволот), која тој доброволно ја прифатил, но
којашто, благодарение на љубовта кон својот Отец, ја претворил во воскресение и
живот.
Светителите: победници над смртта
Смртта целосно ќе биде укината при Второто доаѓање
кога сите ќе воскреснат. Св. Павле вели дека „последниот непријател што треба
да биде уништен е смртта“ (1 Кор 15, 26). Владеењето на смртта ќе биде укинато,
бидејќи сите мртви кои таа сега ги држи покорени, ќе воскреснат и Христос ќе
царува над нив. Но, дали е можно луѓето да се издигнат над страстите а, исто
така, да се издигнат и над смртта? Светителите велат – да, затоа што со нивните
напори и со Божјата благодат тие станале „господари на демоните и страстите“
(Св. Макариј). Господари на страстите – значи дека тие имаат власт над смртта,
како совршени луѓе и богови „по благодат“. Преку своето искуство, светителите
испраќаат порака дека смртта е победена, „умртвена е“ бидејќи тие се очистиле
од своите страсти, а продолжиле да живеат во светот, во согласност со
божествените заповеди. Нивниот живот бил нивниот однос на љубов и заедница со
Бога. Пропадливите ствари кои се толку важни за нас, тие им ги потчиниле на
трајните и вечните нешта. Оние од нив кои станале маченици, смело, со радост и
торжество претрпеле страшни страдања за Христа. Тие се издигнале над смртта,
затоа што живееле „во Христа“. Тие го живееле воскресението пред општото
воскресение. Така, смртта ја победија оние кои со нивните подвижнички напори ја
стекнаа благодатта на Светиот Дух. Тие го умртвиле своето поранешно јас и „се
претставиле пред Бога како живи, од мртвите“. Затоа, кога Христос ѝ кажува на
мајката на младиот човек во Наин да не плаче, тоа важи за секого од нас, ако ги
умртвуваме страстите заради љубовта кон Христа и неговото Царство. Тогаш смртта
на телото е принос на благодарност кон Бога, поради воскресението на душата.
Можеме да ја умртвиме смртта во нас, која е предизвикана од страстите, а потоа
„од смртта преминуваме во живот“ (1 Јн 3, 14). Св. Макариј, од сопственото
искуство нè уверува дека тоа е подвиг што постојано трае во нас, каде душата го
допира Христа и се причестува со Него, за да даде плодови на Светиот Дух и да
ја зголеми нашата духовна зрелост. Нашата секојдневна задача е да дејствуваме
според светите Христови заповеди, во кои тој самиот, на мистичен начин, треба
да се најде. Притоа, самата Христова сила дејствува со нас, давајќи ни го
воскресението, кое е нашата утеха и радост за нашата физичка смрт.
Превод: протојереј-ставрофор А.П. Извор: https://pemptousia.com/2023/10/death–is–vanquished–through–the–mortification–of–the–passions–3rd–sunday–of–luke/
Comments
Post a Comment