Ослободување од моќта на злото

Јован Каравидопулос, професор емеритус по новозаветна херменевтика

Главната цел на евангелското литургиско читање за петтата недела на Матеј е да се покаже Христовата месијанска моќ. Преку дејноста на Исус во светот (Неговото распнување, воскресението, потоа, основањето на Црквата), уништувачкото дело на демоните е укинато, луѓето се ослободени од нивното владеење и започнува нова ера за човештвото.

Показатели на оваа нова ера се исцелувањата на опседнатите, односно на луѓето кои страдаат од некоја психолошка болест поради влијание на демонот.

Ако со современи термини ги опишеме двајцата несреќници во денешното раскажување, а потпомогнати од паралелните раскази за истиот настан од другите евангелисти – кои раскажуваат за исцелување само на еден демоноопседнат (Мк 5, 1-20 и Лк 3, 26-29) – може да ги истакнеме следните точки за нивните карактеристики:


а) Тие биле социјални отпадници, бидејќи живеле меѓу гробовите и биле опасни („многу сурови“).
б) биле лудо агресивни („никој не можеше да помине по тој пат“)
в) имале скршена внатрешна личност („моето име е легион, бидејќи сме многумина“)
г) имале склоност кон себеповредување („се удираше со камења“ [Мк 5, 5])

Овoј приказ на луѓе кои се подложни на моќта на сатаната е навистина ужасен, затоа што присуството на непомјаникот значи губење и уништување на сѐ, од човечката личност до животните. Откако демоните влегле во свињите, според евангелскиот текст, тие направиле хаос, покажувајќи уште еднаш дека сатаната, каде и да оди, предизвикува пустош.

Иако денес (многумина) не би ги споделувале гледиштата од времето на Новиот Завет во однос на човековата болест како резултат на влијанието на демоните, нашето време ни претставува толку различни примери на распространетоста на демонскиот фактор во животот на луѓето и општествата, што тешко може да се сомневаме во неговото бурно присуство и разурнувачка активност. Ако пак, некој е склон да се сомнева, нека се сети на стихот од Бодлер дека „најдобриот трик на ѓаволот е да те убеди дека не постои“ [La plus belle des ruses du diable est de vous persuader qu’il n’existe pas]. Се разбира, ако го барате сатаната во антропоморфните, или подобро кажано, монструозните прикази од дамнешните времиња, нема да го најдете и ќе бидете измамени да мислите дека тој не постои, додека, во реалноста, злото има толку многу поразителни пројави и катастрофални последици во нашиот живот, што игнорирањето е трајна замка, особено за најнаивните и несвесни луѓе.

Присуството на Христос во светот преку црковните таинства и проповедањето на Евангелието означува победа на добрината над злобата, на љубовта над омразата, на животот над смртта. Свети Игнатиј Богоносец вели дека кога христијаните се собираат во црква за да учествуваат во светата тајна на Божествената Евхаристија, демоните се поразувани, што значи дека заедницата на љубовта ни го гарантира чистиот воздух на царството Божјо, далеку од секое демонско влијание. Во својот расказ, апостолот Матеј ги запишал зборовите на демоните кон Христа: „Што имаш со нас ти, Исусе, Сине Божји. Дали си дојден овде предвреме да не мачиш?“ Особено во употребата на изразот „предвреме“ треба да го препознаеме сотирањето на злото во Црквата, уште пред крајот на историјата.

При крајот на расказот има уште една поента што треба да ни го привлече вниманието: фактот дека жителите на областа дошле да се сретнат со Исус и побарале тој да ја напушти нивната земја. Нивниот страв пред лицето на Христовата сила не ги навел да ја разберат Неговата месијанска власт и да Го прослават како Бог, туку им предизвикал негативен став кон Него. Тие не можеле да го проценат придонесот на Исус и исцелувањето што Тој го извршил за болните луѓе. Тие се исплашиле од можноста да претрпат дополнителни материјални загуби, слично на загинувањето на стадото свињи и затоа го замолиле да си оди.

Нашите материјални интереси честопати нè спречуваат појасно да ги видиме нашите духовни интереси и нè тераат да го претпочитаме потчинувањето на демонската моќ, наместо да ја избереме слободата што ја нуди Бог.

Пораката на овој евангелски текст е за ослободувањето од демонската власт. Ако финансискиот интерес, социјалниот конформизам или други фактори нè спречуваат да го дочекаме овој божествен дар, тогаш остануваме во ропството на 'рѓави сили, под лажен впечаток дека тие не постојат, едноставно затоа што веќе не го заземаат обликот во кој ги прикажувале претходните генерации, иако, всушност, тие продолжуваат да нѐ тиранизираат.

Извор: https://pemptousia.com/2020/07/liberation-from-the-power-of-evil/

Comments

Popular posts from this blog

Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?

Во што е гревот на фарисејот?

Божикно послание од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј