Празникот на Обновување на храмот Св. великомаченик Георгиј, во Лида

Во 1871 г., Ерусалимскиот патријарх Кирил II се обратил до руските носители на орденот Св. Георгиј со молба да помогнат во обновувањето на црквата Св. Георгиј. Руската влада одвоила пари и на 3 ноември (16 ноември по нов стил) 1872 г., новиот храм бил осветен. Така (Руската) православна црква добила уште еден празник. Но, во текот на илјада години многу православни цркви биле разурнати и повторно изградени. Зошто споменот за возобновувањето токму на тој храм останал засекогаш во црковниот календар?

„Некој човек со висок чин“

Според неговото житие, св. Георгиј е роден во III век во христијанско семејство во Лида (градот Лод, во близина на Тел Авив, до аеродромот Бен Гурион). Кога имал 20 години, неговата мајка починала, а на синот му припаднало богато наследство. За време на царот Диоклецијан, Георгиј, одликувајќи се со своите умствени способности, храброст и физичка сила, стапил во воена служба и имал блескава кариера.

Кога на крајот од своето владеење, во 303 г., царот почнал да ги прогонува христијаните, Георгиј се наоѓал во Никомидија (градот Измит во Турција). Од тоа време потекнува сведоштвото кое Евсевиј Кесариски го наведува во неговата „Црковна историја“:

„Кога првпат бил објавен указот за црквите [на Диоклецијан], еден човек со висок чин, според световните критериуми, исполнет со ревност за Бога и поттикнат од огнена вера, го зграпчил указот кој бил закован во Никомидија на јавно место и го искинал како нешто најбогохулно и најнечестиво. Тоа се случило кога во градот имало двајца владетели: едниот – најстариот и другиот, кој по него го заземал четвртото ниво во власта. Овој човек, кој се прославил на овој начин, издржал сѐ што следувало по таквата постапка, зачувувајќи јасен ум и спокојство до последниот здив“.

Истражувачите сметаат дека станува збор за св. Георгиј.

Според неговото житие, тој бил уапсен и по осум денови тешко мачење, бил обезглавен. Неговиот слуга го погребал во Рамала.

Христијански светител кој ги освоил муслиманите

Тие наскоро по неговото мачеништво почнале да го почитуваат св. Георгиј. Во Римската империја уште од IV век се граделе цркви посветени на него – прво во Сирија и Палестина, потоа низ целиот Исток, а од V век и на Запад.

На почетокот на VIII век, житието на великомаченикот Георгиј било преведено на арапски, а под влијание на Арапите христијани, почитувањето на светителот продрело и кај Арапите муслимани. Во апокрифниот арапски текст на житието, коешто е дел од „Историјата на пророците и царевите“ (споменик на арапската историска литература од почетокот на X век), Георгиј е наречен „ученик на еден од апостолите на пророкот Иса“, кого „паганскиот цар на Мосул“ го подложил на мачење и казни, но Алах секојпат го исцелувал Георгија.

А во Русија, во 1030-тите, великиот кнез Јарослав во Киев и Новгород основал манастири во името на св. Георгиј и наредил да се празнува денот на неговиот спомен. Од времето на Дмитриј Донски, тој почнал да се смета за заштитник на Москва.

Храм кој секогаш се издига од урнатините

Гробницата во која некогаш бил погребан св. Георгиј е зачувана во криптата (подземна просторија под олтарот) на храмот што нему му е посветен во Лида. Првата црква на ова место била подигната во V-VI век, веројатно врз темелите на некој поранешен храм. Овде од Рамала се пренесени моштите на великомаченикот Георгиј, а во месецословот на Сириската црква, овој ден – 3 ноември (16 ноември по нов стил) е означен како празник.

Меѓутоа, и покрај тоа што и муслиманите го почитувале св. Георгиј, во 1010 г. црквата св. Георгиј била урната по наредба на калифот ал-Хаким. Но, наскоро била обновена.

Во 1071 г. градот бил заземен од Турците Селџуци, но во 90-тите години на XI век храмот сè уште стоел, а моштите на св. Георгиј сè уште биле чувани под неговиот главен олтар. Бил урнат дури пред заземањето на Лида од крстоносците. Но, самите тие го обновиле во XII век.

И во 1191 г., црквата била урната по заповед на Салах-ад-Дин, кој го зазел градот. Сепак, неговата волја не била извршена – храмот бил само многу оштетен. Овојпат го обновил Ричард I Лавовско срце.

За време на египетскиот султан Захир Сеиф ад-Дин Чакмак, во 1442 г. избувнало прогонство против христијаните, а црквата Св. Георгиј била разурната, но опстанале криптата и олтарниот дел, и во1517 г. повторно била обновена православната богослужба, која траела до 1837 г., кога земјотрес го урнал сводот на храмот и северната апсида (олтарниот дел).

Урнатините на црквата Свети Ѓорѓи и џамијата изградена во близина. Цртеж од описот на Конрад фон Гриненберг од патувањето во Ерусалим (1487)
Урнатините на црквата Свети Ѓорѓи и џамијата изградена во близина. Цртеж од описот на Конрад фон Гриненберг од патувањето во Ерусалим (1487)

Руската духовна мисија во Палестина

По Кримската војна, Палестина ја посетил првиот поклоник од царскиот дом на Романови, началникот на воено-поморскиот оддел, великиот кнез Константин Николаевич. И веднаш се започнало со купување на земјиште за идниот комплекс на Руската духовна мисија. За раководење со градежништвото формирале Палестински комитет во Санкт Петербург.

Така почнала епопејата на руското градење во Палестина – без патишта и инфраструктура, без обучена работна сила. Поголемиот дел од градежните материјали морало да ги увезуваат од Европа: во Палестина воопшто нема градежно дрво, а малку видови локални камења се погодни за градба. Главната работна сила – палестинските Арапи од околните села – морало да бидат обучени за нови, за нив необични професии.

Процветот на Руската духовна мисија во Светата земја се случил во периодот 1865-1894 г., кога мисијата била предводена од архимандритот Антонин (Капустин). Токму тогаш била создадена руската Палестина – цела мрежа на храмови, манастири и прибежишта за поклоници. Тогаш ерусалимскиот патријарх ги замолил Русите да помогнат во обновувањето на црквата Св. Георгиј и ја добил таа помош. Новиот храм бил осветен на годишнина од осветувањето на првата црква. И (Руската) православна црква го почитува споменот за тој настан до ден-денес, бидејќи тоа била важна етапа во зајакнувањето на духовното присуство на Русија во Светата земја.

А ковчегот со дел од моштите на св. Георгиј сѐ уште се чува во овој храм, кој сега ѝ припаѓа на Ерусалимската православна црква.

Превод: протојереј-ставрофор А.П. Извор: https://foma.ru/hram-v-lidde-pochemu-ego-vosstanovlenie-russkaja-cerkov-otmechaet-kak-otdelnyj-prazdnik.html

Comments

Popular posts from this blog

Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?

Во што е гревот на фарисејот?

Божикно послание од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј