Параболата за Добриот Самарјанин

Да се проповеда за параболите на Христос (вклучително и за денешна парабола за Добриот Самарјанин) секогаш е многу тешко: од една страна, тие изгледаат сосема разбирливи, а од друга страна е опасноста да се „падне“ во морализирање.

Може да повториме по свети Јован Златоуст:

– дека Јудејот кој паднал во рацете на разбојници и бил претепан е Адам, а преку него и целото човештво што излегло од „Ерусалим“, т.е. од рајот

– дека разбојниците се демоните

– дека свештеникот и левитот се Стариот завет, кој не го давал спасението.

Инаку, Христос не кажува зошто токму свештеникот и левитот не помогнале. Можеби се плашеле да не се осквернат од трупот, ако претепаниот бил мртов. Впрочем, тоа изгледа и не е толку важно.

Може да го видиме Самиот Христос во ликот на добриот Самарјанин, кој го спасил човекот од смртта. А, во гостилницата – Црквата. И тоа е вистина. Параболата навистина ја изразува целата квинтесенција на човечката историја: без разлика што и да прави човештвото, што и да измислува.

Всушност, тоа е само човекот што се грчи од болка, кој умира без Спасител. Може да кажеме дека Христос изразува револуционерна мисла за тоа време: имено, како пример навел Самарјанин, т.е. странец. Законикот можеби очекувал Христос да каже дека ближен е – сонародникот, Јудејот. Но Христос вели дека нема туѓи! Уште повеќе, нема туѓи во неволја.

Кое е применливото значење на денешната парабола?

Таа е кажана на конкретен човек и во конкретни околности. Изгледа поентата не е едноставно во тоа што сите луѓе се ближни еден на друг. Кога законикот одговара, дека за претепаниот Јудеј е ближен тој што му направил добро, тогаш Христос му вели на законикот: „Оди и ти прави така!“ Односно, Христос му рекол на законикот да стекнува ближни за себе!

Самарјанинот преку своето милосрдие го направил Јудејот свој ближен. Така и Христос со Својата Жртва сите нас нѐ направи Свои ближни!

Оваа парабола како да вели: не очекувај милост од никого, не очекувај некој да ти направи добро, туку оди ти прави добро, со твојата милостина, со твојот добар збор, со твојот срдечен однос, направи ги другите луѓе твои ближни, придобивај ги со твоето добро другите за себе и за Царството Небесно!

Секој од нас Бога го сака толку, колку што го сака ближниот.

Така, секој сега и повторно може да ги погледне своите домашни, оние што стојат покрај него во храмот или човекот на улица и да направи барем најмало добро!

Руслан Калинчук

Comments

Popular posts from this blog

Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?

Во што е гревот на фарисејот?

Божикно послание од Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј