Троичниот Бог е наш Спасител
„Во она време, поучуваше Исус во една од синагогите во сабота. И ете, една жена имаше слаб дух осумнаесет години; беше згрчена и не можеше да се исправи. Штом ја виде Исус, ја повика и ѝ рече: – Жено, се ослободуваш од болеста своја! И ги стави рацете Свои врз неа; и таа веднаш стана и Го славеше Бога. А старешината на синагогата, негодувајќи што Исус ја излечи во сабота, одговори и му рече на народот: – Има шест дена во кои треба да се работи; тогаш доаѓајте и лекувајте се, а не во саботен ден. Но Господ му одговори и рече: – Лицемере, не го одврзува ли секој од вас својот вол, или магаре, од јаслите во сабота и не го води ли да го напои? А оваа ќерка Аврамова што ја врзал сатаната, еве, веќе осумнаесет години, не требаше ли да се ослободи од тие врски во саботен ден? И кога го зборуваше ова, сите што беа против Него се засрамија; а целиот народ се радуваше за сите славни дела, извршени од Него“ (Свето Евангелие според Лука 13, 10-17)
jeроѓакон Рафаил Мисиаулис
Исус Христос поучувал во синагогите во саботни денови. Тој го избирал саботниот ден затоа што, за Евреите Саботата бил ден за одмор и чествување на Бога. Секоја работа била целосно забранета. Дури и растојанието што може да се препешачи било строго определено. Така, на тој ден, сите се собирале во синагогите за да го слушаат Божјото слово. Една Сабота, во некоја синагога меѓу собраните луѓе стоела и една жена која била толку подгрбавена што не можела да се исправи. Со таа нејзина немоќ поминала осумнаесет години. Жална состојба со неможност луѓето да се погледнат од природна позиција, право лице в лице. Нејзиниот живот поминувал како едно трајно страдање. Меѓутоа, таа имала надеж во Бога. За христијаните надежта е дар од Бога и е сигурна и несоборлива. Да се потсетиме на св. апостол Павле, кој прави една поделба на луѓето: оние кои имаат надеж и оние кои немаат надеж.
Човечкото знаење и сета човечката мудрост не биле во можност да ја излечат. Нејзината болест била предизвикана од зол дух кој влегол во нејзиното тело. Меѓутоа, жената била благочестива, имала внатрешна радост, а имала и доверба во Божјата волја. Затоа Господ ја повикал, иако таа самата ништо не барала од Него. На Господа му било жал за неа и решил да ги прекине нејзините маки. „Жено“, рече Тој, „се ослободуваш од својата болест“. Господ ја исцелил со полагање на рацете на нејзината глава и таа почувствувала дека бела исцелена.
Кога жената оздравела, сите присутни Го фалеле Бога за Неговите чудесни дела. За жал, се нашол некој што не можел да ја поднесе таа ситуација. Тоа бил старешината на синагогата, главниот меѓу оние што изгледале (најпобожно) и се сметале за најбогобојазливи. Не можејќи да ја сокрие својата завист, тој почнал да негодува: „А старешината на синагогата, негодувајќи што Исус ја излечи во сабота, одговори и му рече на народот: „Има шест дена во кои треба да се работи; тогаш доаѓајте и лекувајте се, а не во саботен ден“.
Kaj Отците на Црквата наоѓаме опсежни коментари за страста на зависта. Оние кои се завидливи не можат да препознаат никаква вредност кај другите луѓе. Тие ја занемаруваат секоја добара карактеристика и се обидуваат да најдат некоја грешка, која потоа ја зголемуваат во очите на другите луѓе.
Господ Христос беше соочен со лицемерието и злобата на оние фанатични поддржувачи на еврејските традиции кои бараа целосно воздржување од работа во Сабота. Старешината на синагогата не се осмелил директно да го прекорува Христос за делото што го извршил во синагогата, туку ги прекорил оние кои, според него, не ја запазувале Саботата како ден за одмор. Во него горела страста на завист против Христа и, иако се правел побожен, всушност барал причина да го нападне Господа. Тогаш, Господ одговорил: „Лицемеру, не го одврзува ли секој од вас својот вол, или магаре, од јаслите во сабота и не го води ли да го напои?“ И продолжил: „А оваа ќерка Аврамова што ја врзал сатаната, еве, веќе осумнаесет години, не требаше ли да се ослободи од тие врски во саботен ден?“
Старешината на синагогата не можел да разбере, бидејќи бил обземен од страстите на лицемерието и зависта. Тоа се ужасни страсти. Лицемерието е состојба која луѓето ги прави со две лица. А зависта е нашата тага поради туѓа среќа или нашата радост поради нечија несреќа. Иако изгледа чудно, завидливите луѓе се јадосуваат кога на другите им е добро и се радуваат, ако другите се несреќни. Зависта е изопачување на љубовта. Ако им завидувате на луѓето, не можете да ги сакате. Со зависта живеете во пеколот, зашто пекол е да го посакуваш она што е лошо за другите луѓе. Свети Исак Сириски вели, ако имаш завист во твоето срце, таму е и ѓаволот.
За жал, обете страсти [лицемерието и зависта] цветаат во денешно време. Има луѓе кои ревнуваат за благочистието, праведноста и светоста, но кои во својот личен живот се нечестиви, неправедни и груби. Лицемерите, колку и да се убедливи надворешно, сепак се одбивни. Завидливите самите по себе ги одвраќаат другите луѓе. Во светот има многу луѓе кои личат на старешината на синагогата. Тие се сомневаат во чудата што ги прават светителите на Црквата, ги исмеваат божествените и светите нешта во нашата вера, ја оспоруваат улогата на Црквата, заради што преовладува демагогијата. Но, како што старешината на синагогата не се осмелил директно на Христа да му го каже својот проблем со чудото, така и сите оние кои мислат дека однадвор ја надгледуваат и корегираат работата на Црквата – залудно се трудат.
Евангелскиот настан со жената што била подгрбавена треба да ни биде пример. Ако една жена во таква состојба не ја занемарила својата должност кон Бога, во обична синагога, како ние здравите да го оправдаме своето отсуство од Божјиот храм, од вистината, од реалноста. Наоѓаме различни изговори за да го оправдаме нашето отсуство. Свети Григориј Палама вели: „Никој да не отсуствува од светите собори во недела, ниту заради безделничење, ниту заради приврзаност кон земни работи, за да не остане напуштен од Бога и да ја доживее истата судбина како свети Тома кој не пристигнал навреме“.
Затоа, да ги оставиме нашите секојдневни грижи и секоја недела да учествуваме во светата тајна на Божествената Евхаристија каде што дишеме во благодатта на Троичниот Бог. На Божествената Евхаристија го доживуваме присуството на Бога. Овде нашата душа наоѓа одмор од секојдневните проблеми и добива сила од Господа за да ја продолжи животната борба.
Извор: https://pemptousia.com/2020/12/the-triune-god-is-our-saviour-2/
Comments
Post a Comment