Неблагодарноста на деветте лепрозни, упорна страст
Јероѓакон Рафаил Мисиаулис, теолог
Исус одел кон Ерусалим, кога надвор од едно гратче наишол на група од десет лепрозни кои гласно го молеле: „Исусе, учителу, помилуј нè“ (Лука 17, 13).
Лепрата била ужасна болест која во древноста била погубна, смртоносна за оние кои ќе се заразеле со неа. Ако некој ги покажувал првите симптоми на лепра, бил отстрануван далеку од заедницата, за да се спречи ширењето на болеста. Фала му на Бога, сега имаме лекови за лекување на оваа страшна болест и релативно малкуте нови случаи, главно во светот во развој, можат ефикасно да се третираат.
Меѓутоа, во времето на Христос, лепрата била многу распространета; претставувала непосредна опасност за сите, предизвикувала паника и антисоцијално однесување. Се сметало дека е пренослива и смртоносна, како чумата и туберкулозата во подоцнежните времиња. Лепрозните биле држани во изолација, кон нив се однесувале со презир, бидејќи се верувало дека болеста е резултат на грешноста на оние што страдале од неа. Со други зборови, се сметало дека, преку болеста, Бог ги казнува за нивните гревови. Лепрата на тој начин добила и религиозни димензии, освен телесните и социјалните.
За трагичната состојба на овие лепрозни дознаваме од раскажувањата во Новиот завет. Иселени во пустински региони, далеку од нивните семејства и од сите човечки контакти и удобности, тие најчесто барале храна на ѓубриштата и гробиштата.
Настанот со излекувањето на десетте лепрозни е добар пример за карактеристиката во врска со добродетелта благодарност. Иако и другите деветмина биле исцелени, само десеттиот отишол да се заблагодари пред да се врати во општеството и во својата верска заедница. Кога видел дека е излечен, тој, Самарјанин, се вратил назад благодарејќи му на Бога со силен глас. Тој паднал пред нозете на Исус и му се заблагодарил. Повторно му зборувал на Бога со силен глас, но овојпат не стоел на голема оддалеченост од него. Овојпат не барал милост, туку искрено благодарел и искажувал почит кон својот Искупител. Откако се заблагодарил, го добил од Христа благословот на спасението: „Твојата вера те спаси“ (Лука 17, 19).
Не е случајно што светиот евангелист го коментирал егоцентричното и неблагодарно однесување на деветмината. Штом им бил саниран проблемот, тие сосема заборавиле на љубезноста што им била направена. Само еден, од друга земја и од друга вера, се однесувал човечно, едноставно и природно, изразувајќи ја својата благодарност. Значи, нема многу благодарни луѓе. Ова е причина за самоиспитување, а исто така и за признавање дека религиозноста не секогаш подразбира и правилен став кон животот.
Голем грев и неблагодарност е да заборавиме на Божјата благонаклоност кон нас, а да се сеќаваме на Бога само кога ќе ни биде тешко.
Последните зборови што Христос му ги упатува на лепрозниот биле: „Стани и оди си; твојата вера те спаси“. Отсега натаму тој нема да биде во состојбата на грев, смртност и смрт. Ќе биде човек способен за воскресението, ќе ги има сите придобивки што следуваат од животот во Христа и со верата. Тој би можел да го фали Христос и да биде вдахновуван од него.
Значи, да бидеме благодарни за сè, за што и да нè снајде, бидејќи тоа е вистинската благодарност. Ако сме благодарни кога ни е добро, тоа не е ништо посебно, бидејќи на тоа нè поттикнува самата наша природа. Според свети Јован Златоуст, ако се заблагодариме кога сме опфатени со неволји, тоа е за восхит.
Извор: https://pemptousia.com/2022/01/the-ingratitude-of-the-9-lepers-an-enduring-passion/
Comments
Post a Comment