Благодарењето и благодарноста

Јован Каравидопулос, професор емеритус по новозаветна херменевтика

Замислете за момент, колку страшно би било да сте одвоени од другите луѓе, без никаква можност да контактирате или да се сретнете со некој друг и истовремено да имате заразна болест од која состојбата на телото постојано се влошува. На тоа додадете го и постојаниот презир од луѓето кои веруваат дека болеста што ја имаме е казна за нашиот грешен живот. Потоа одеднаш се појавува некој и ни приоѓа, игнорирајќи ги опасностите, минувајќи преку општествените предрасуди, покажувајќи ја јасно и бестрашно Својата љубов кон нас. Зарем не би му биле бескрајно благодарни?

Во Евангелието според Лука таков е настанот со десетте трагични лепрозни кои биле допрени од Христовата спасителна благодат и лековита сила. Божјата љубов, која се воплоти во светот и беше откриена во животот и смртта на Христос, не е ограничена на малкумина избрани, не е само за Неговите блиски пријатели. Се протега на сите, дури – или подобро кажано, особено – на оние кои „сериозните“ и „побожните“ од секоја ера ги сметаат за нечисти и грешници. Не познава социјални, политички или религиозни ограничувања, што беше изразено во настанот со десетте луѓе обединети во болката на страшната болест. Исус ги сретнува и разговара со нив, надминувајќи го Мојсеевиот закон кој забранува секаков контакт со лепрозни. Еден од нив бил дури и Самарјанин, односно странец.

А сепак, впечаток ни остава, а и Евангелистот го истакнува, ставот на самарјанинот. Деветмина од оние кои беа излечени и повторно ги виделе своите тела силни и исчистени, полни со животна радост, радосни од средбата со своите пријатели и роднини, заборавике да му изразат благодарност на Христа, нивниот добротвор.

Тие се типични претставници на оние кои, откако ги исцрпиле сите човечки сили, во својата болка и тага Го повикуваат Бога како нивно последно засолниште во болеста, но кои потоа – во нивната радост – забораваат дека тој навистина бил нивниот прв пријател во здравјето и радоста.

Сигурно е дека мачните извици за помош што секојдневно му се упатуваат на Бога се многу побројни од молитвите со благодарност и оддавање на слава и пофалба.

Има многу нешта во животот кои ги доживуваме како даденост, без да чувствуваме никаква должност кон некој друг за овие секојдневни дарови. Нашата самодоволност и самодоверба не оставаат простор за благодарност кон Бога, нашиот Добротвор. На нашите усни им е тешко да кажат „благодарам“, додека многу лесно, речиси спонтано, изразуваме молба за помош кога имаме потреба. И тука се случува нешто сосема типично: штом ќе помине времето на потреба, ние не само што го забораваме моментот на слабост и се срамиме поради тоа, туку, дури надмено се обидуваме да го омаловажиме.

Ова е сосема човечки став кој открива колку сме заробени во одбранбените ѕидови на нашето егоистичко размислување во однос на себе. А сепак, спасоносната Божја љубов нè опкружува секојдневно. Христовиот Крст не е само кулминација на низата искупителни дејства што Бог ги извршил за нас, Неговите созданија, туку е и почеток на безграничните дарови со кои Тој го опсипува човештвото. Најважниот од нив е победата над стравот од смртта и процутот на надежта за воскресение.

Кога смрдеата на смртта се заканува да преобрази сè околу нас во костурница, зарем порастот на надежта за нов живот без болка, без тага и без страв од смртта, не е основната причина да му бидеме благодарни на Бога? Затворањето во себе, фарисејската самодоволност и навидум динамичната самодоверба – сето тоа го носи печатот на заканата од смртта. Отворањето на нашето срце за Бога е нашиот одговор на Неговите бесконечни дарови, на дарот на животот кој Тој великодушно ни го понуди. Тоа е нашето „благодарам“ на Него. Тоа е израз на благодарност што, секако, треба да биде придружено со однесување какво што е соодветно на таков божествен дар. Во евангелскиот расказ, изразувањето на благодарност кон Исус доаѓа од самарјанинот, странец, кого што чистите Евреи го презирале. Болката на болеста ги обединила десетте лепрозни; но на крајот од евангелскиот расказ, Христос ја истакнува верата и благодарноста на еден од нив, на самарјанинот.

Извор: https://pemptousia.com/2023/01/thanksgiving-and-gratitude/

Comments

Popular posts from this blog

Што се тоа уроци? Дали нечиј поглед може да има пресудно влијание на друг човек?

ПЦУ изразува „длабоко жалење“ поради игнорирање од Полската православна црква

Проповед на Велика Сабота [audio]