Основи на Социјалната концепција на Руската Православна Црква
Овој документ, донесен од Светиот Архиерејски Синод на Руската Православна Црква, ги дава основните ставови на нејзиното учење по прашањата на црковно-државните односи и по ред современи општествено значајни проблеми. Документот исто така ја изразува официјалната позиција на Московската Патријаршија во сверата на взаемните односи со државата и светското општество. Освен тоа, тој дава ред на раководечки принципи, кои се применуваат во даденава област од страна на епископатот, клирот и мирјаните.
Карактерот на
документот е определен од потребите на Полнотата на Руската Православна Црква
во текот на долг историски период на канонската територија на Московската
Патријаршија и надвор од неа. Затоа негов основен предмет се фундаменталните богословски и црковно-социјални прашања, а исто така
оние страни од животот на државите и општествата кои биле и остануваат еднакво
актуелни за целата црковна Полнота на крајот од XX век и во блиското минато.
Основни богословски поими
I.1. Црквата како собор на верни
I.1. Црквата е собор на верните во Христос, во
кој од Него Самиот се повикува да влезе секој. Во неа „сè небесно и земно“ треба да биде соединето со Христос, зашто Он е
Глава на „Црквата, која е Негово Телополнота
на Оној Кој исполнува сè во сè“ (Ефес. 1, 22-23). Во Црквата преку дејството на
Светиот Дух се извршува обожување на созданието, се исполнува првоначелната
Божја замисла за светот и човекот.
Црквата е
резултат на искупителниот подвиг на Синот, Кој е испратен од Отецот, и Кој ги
осветува дејствијата на Светиот Дух, Кој слезе во големиот ден на Педесетница.
Според изразувањето на свети Иринеј Лионски, Христос го возглавил со Себе
човештвото, постанал Глава на обновената човечка природа – на Неговото тело, во
кое се наоѓа достапот кон изворот на Светиот Дух. Црквата е единство на „новиот
човек во Христос“, „единство на Божјата благодат, која живее во многуте разумни
созданија, кои се покоруваат на благодатта“ (А. С. Хомјаков). „Мажи, жени,
деца, длабоко разделени по однос на расата, народот, јазикот, начинот на живот,
трудот, науката, знаењето, богатството... – сите нив Црквата ги возсоздава во
Духот... Сите добиваат од неа една природа, недостапна на разрушување, природа,
на која не влијаат многубројните и длабоки различности, со кои луѓето се
разликуваат еден од друг... Во неа никој воошто не е одделен од општото, сите
како да се раствораат еден во друг преку едноставната и неразделна сила на
верата“ (свети Максим Исповедник).
I.2. Црквата како богочовечки организам
I.2. Црквата е богочовечки организам. Бидејќи
тело Христово, таа во себе ги соединува двете природи – божјата и човечката –
со присните за нив дејствија и волји. Црквата е поврзана со светот по својата
човечка, создадена природа. Притоа таа взаимодејствува со него не како двоен
земен организам, туку во целата своја таинствена полнота. Имено богочовечката
природа на Црквата го прави возможно благодатното преобразување и очистување на
светот, кое се извршува во историјата преку творечко соработништво, во „синергија“
на членовите и Главата на црковното тело.
Црквата – не е од овој свет, исто како што нејзиниот
Господ, Христос – не е од овој свет. Но Он дошол во овој свет, „смирувајќи“ се
Себе си до неговите услови, - во светот, кој Он требал да го спаси и прероди.
Црквата треба да помине преку процесот на историскиот кенозис, остварувајќи ја
својата искупителна мисија. Нејзина цел е не само спасение на луѓето во овој
свет, но исто така и спасението и преродувањето на самиот свет. Црквата е
повикана да дејствува во светот според образот на Христос, да сведочи за Него и
Неговото Царство. Членовите на Црквата се повикани да се приопштат кон мисијата
Христова, на Неговото служење во светот, кое е возможно за Црквата само како
соборно служење, „да поверува светот“
(Јован 17, 21). Црквата е повикана да служи на спасението на светот, зашто и
Самиот Он, Синот Човечки „не дојде за да Му служат, но да послужи и
да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Марко 10, 45).
Спасителот
зборува за Себе: „Јас сум
меѓу вас како слуга“ (Лука
22, 27). Служењето во име на спасението на светот и човекот не може да се
ограничи со национални или религиозни рамки, како што јасно за тоа зборува
Самиот Господ во параболата за милосрдниот самарјанин. Членовите на Црквата се
соединуваат со Христос, Кој ги понесе сите гревови и страдања на светот,
сретнувајќи го секој гладен, бездомен, болен, затворен. Помошта на оној кој
страда е, во целосна смисла, помош на Самиот Христос, и со исполнувањето на таа
заповед е поврзана вечната судбина на секој човек (Матеј 25, 31-46). Христос ги
повикува Своите ученици да не се гнасат од светот, туку да бидат „сол за земјата“ и „светлина
на светот“.
Црквата, бидејќи
тело на Богочовекот Христос, е богочовечна. Но Христос е совршен Богочовек, а
Црквата уште не е совршено богочовештво, зашто на земјата таа војува со гревот,
и нејзиното човештво, иако внатрешно и e соединето со Божеството, далеку не во сè Го изразува и Му соответствува.
I.3. Животот во Црквата – непрестајно служење
I.3. Животот во Црквата, кон која се повикува
секој човек, е непрестајно служење на Бога и луѓето. Кон тоа служење се
повикува целиот Божји народ. Членовите на телото Христово, учествувајќи во
општото служење, ги исполнуваат и своите особени функции. Секому се дава особен
дар за служење на сите. „Служете си еден
на друг, секој со дарот што го примил, како добри распоредници на
разнообразната Божја благодат“ (1 Петар 4, 10). „Оти, на еден му се дава преку Духот збор на мудрост, на друг – збор на
знаење, преку истиот Дух; на еден – вера, преку истиот Дух; дар за лекување,
преку истиот Дух; на еден – да чини чуда, на друг – да пророкува, на еден – да
ги разликува духовите, на друг – разни јазици, на трет – да толкува јазици.
Сето ова го прави еден и ист Дух, распределувајќи секому поодделно, како што
сака“ (1 Кор. 12, 8-11). Даровите на многуразличната Божја благодат се
даваат секому поодделно, но за заедничко служење на Божјиот народ (притоа и за
служење на светот). И тоа е општо служење на Црквата, извршувано на основа не
на еден, туку на разни дарови. Разликата на даровите создава и разлика на
служењето, но „има разни служби, но Господ е еден и ист; и разни сили постојат,
но Бог е еден и ист, Кој врши сè во сè“ (1 Кор. 12, 5-6).
Црквата ги
повикува своите верни чеда и кон учество во општествениот живот, кое треба да
се заснова на принципите на христијанската моралност. Во Првосвештеничката
молитва Господ Исус Го молел Отецот Небесен за Своите последователи: „Не се молам да ги земеш од светот, туку да
ги запазиш од злото... Како Ти Мене што Ме прати во светот, и Јас ги пратив во
светот“ (Јован 17, 15, 18). Недопустливо е манихејското гнасење од животот
во околниот свет. Учеството на христијанинот во него треба да се заснова на
разбирањето за тоа дека светот, социумот, државата се објект на Божјата љубов,
затоа што се предназначени кон преобразување и очистување врз начелата на
богозаповеданата љубов. Христијанинот треба да го гледа светот и општеството во
светлината на неговото конечно предназначување, во есхатолошката светлина на
Царството Божјо. Разликувањето на даровите во Црквата на особен начин се
пројавува во областа на нејзиното општествено служење. Неразделниот црковен
организам учествува во животот на околниот свет во цела полнота, притоа клирот,
монаштвото и мирјаните можат различно и во различен степен да го остваруваат
таквото учество.
I.4. Мисијата на
Црквата
I.4. Исполнувајќи ја мисијата на спасението на
човечкиот род, Црквата го прави тоа не само преку директна проповед, туку и
преку добри дела, упатени кон подобрување на духовно-моралната и материјалната
состојба на околниот свет. За ова таа стапува во взаимно дејствување со
државата, дури ако таа не носи христијански карактер, а исто така со различни
општествени асоцијации и одделни луѓе, дури ако тие не се идентификуваат себе
си со христијанската вера. Не ставајќи директна задача на обратување на сите во
Православие како услов на сотрудништво, Црквата се надева дека заедничката
благотворност ќе ги приведе нејзините соработници и околни луѓе кон познавање
на Вистината, ќе им помогне да ја сочуваат или обноват верноста кон
богодадените морални норми, ќе ги поттикне кон мир, согласност и благоденствие,
во услови во кои Црквата може на најдобар начин да го
исполнува своето спасително дело.
Превод од руски: Свештеник м-р Филип Станковски
Извор: https://azbyka.ru/otechnik/dokumenty/osnovy-sotsialnoj-kontseptsii-russkoj-pravoslavnoj-tserkvi/#0_1
Comments
Post a Comment