Тома, горната соба и верата
Протопрезвитер Темистоклис Мурцанос
„Колку е голема и недостижна длабочината на твоето милосрдие, милостив Господи. Ти беше трпелив со Евреите кои те удираа; со апостолот кој те допре; беше многу испитуван од оние што те отфрлија. Како се воплоти? Како се распна, Ти кој си безгрешен? Но, вразуми нè, Господи, за да можеме, како Тома, да Ти воскликнуваме: Господи мој и Боже мој, слава Ти“. (Слава на стиховните, Вечерна во Неделата на Тома).
И денес многумина
се збунети во врска со верата и Исус Христос. Од една страна, рационализмот и
достигнувањата на нашето време, а од друга страна, рутината, како и фактот дека
денес секој има мислење за сè, сето тоа се спојува и придонесува да ја гледаме
верата како нешто вообичаено, секојдневно, еден од многуте аспекти на животот.
Но, самото Христово Воскресение треба да биде доволнo, за да
размислуваме подлабоко. Воскресението е празник, а не идеологија. Тоа е празник
на победата над смртта. Тоа е празник на нашата средба со Исус како Бог и како
човечка личност. И ова се случува на различни начини: преку нашите средби со
нашите браќа и сестри во Црквата и во целиот наш живот, под услов да им пристапуваме
со љубов, а не со спротивставеност или злоба; преку нашето учествување во Телото
и Крвта Христови − во таинството на Божествената Евхаристија; преку барање на
волјата Божја во секој настан од нашиот живот; и преку чувствувањето дека сè
што правиме за Бога и за другите луѓе не е залудно, туку е приоритет што нѐ
води кон воскреснат живот, кон искуството на радоста на Воскресението овде и
сега.
Денес немаме
добро просудување во нашето срце. Тома беше отсутен од собранието, од
средбата со другите апостоли. Можеби размислувал за настаните што се случувале
и затоа немал желба да им се придружи. Ова е случај и со денешните егоцентрични
луѓе. Тие размислуваат за прашањата на верата сами, како што прават и за другите
прашања во животот. За нив, Црквата не е заедница со нивните браќа и сестри,
туку извршување на верска должност. А, како можат да ја доживеат Христовата радост
и да го слават празникот, кога нивниот пристап е егоцентричен? Кога нивната логика е
„секој за себе“. Токму ова размислување ги наведе учениците да го напуштат
Христос при Страдањето, Крстот и погребувањето. Но, Христос ја отфрли оваа
логика кога ги поздрави сите нив заедно во горната соба, во Ерусалим.
Недостатокот на вера кај Тома се објаснува, не само со неговиот ранет
рационализам, туку, што е поважно, преку неговата егоцентричност. Затоа Господ
дозволил да поминат осум денови:
за да ја обнови заедницата на Тома со останатите апостоли во вистинско време;
за да може Тома повторно да стане едно со нив; и за да може, како член на
собранието, да ја доживее вистината за Воскресението, средбата со воскреснатиот
Христос. Љубовта води кон единство и без љубовта како мотивирачка сила, нема
средба и вистина, бидејќи вистината има личен карактер, таа ниту се соопштува,
ниту се потврдува и не може да ги надмине сомнежите.
Денес ни треба
добро просудување (judgment) во
нашето срце. Потребна ни е средба со нашиот ближен во Црквата, каде што сите
заедно исповедаме дека Христос воскресна, бидувајќи едно со
другите, кои и да се. Православната вера и Предание се културен и
духовен образец (paradigm) сосема
поинаков од перспективата на денешното време. Потребна ни е Црквата
[црква=собрание] за Воскресението. Потребна ни е Црквата за победата над
смртта. Срдечна утеха за нас е тоа што, додека навидум сме сами во часот на
нашата смрт, всушност одиме напред со Христос, ангелите и светците. И ќе се
сретнеме со сите членови на Црквата кои го напуштиле овој живот, односно со
сите оние со кои ја споделуваме нашата вера. Преку светата тајна на
Божествената Евхаристија, преку живото тело и крвта Христови, продолжуваме да
бидеме обединети, во срцето и духот, со оние кои остануваат. Преку љубовта која
никогаш не престанува. Преку радоста на верата, бидејќи сите го славиме Господ
Кој воскресна од мртвите. Да се вратиме со Светиот апостол Тома во горната
соба, во собранието. И како што тој го проповедаше Христа преку љубов и милост,
градејќи така палата на љубовта на небесата, и ние да ја практикуваме љубовта,
за да можеме да веруваме од срце. Христос воскресна.
Извор: https://pemptousia.com/2023/04/thomas-the-upper-room-and-faith/
Превод: протојереј-ст. Антониј П.
Comments
Post a Comment