Недела на самарјанката
Евангелие во Неделата на самарјанката (Јован, гл.4, стихови 5-42).
„Во она време, дојде Исус во самарјанскиот град, наречен Сихар, близу до земјиштето, што му го даде Јаков на сина си Јосифа. Таму беше изворот на Јакова. И Исус, изморен од патот, седна покрај изворот; а беше околу шестиот час. Дојде една жена од Самарија, за да полни вода. Исус ѝ рече: – Дај Ми да пијам! А учениците Негови беа отишле во градот да купат храна. Жената Самарјанка Му рече: – Како Ти, Кој си Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш? – зашто Евреите со Самарјаните не се мешаат. Исус ѝ одговори и рече: – Кога би знаела што е тоа дар Божји и Кој е што ти вели: дај Ми да пијам, – ти сама би побарала од Него и Он би ти дал вода жива. Жената Му рече: – Господи, Ти немаш со што да нацрпиш, а кладенецот е длабок; од каде, пак, имаш вода жива? Зар си Ти поголем од нашиот татко Јакова, кој ни го даде овој кладенец, и самиот тој пиеше од него, и синовите негови, и стоката негова? Исус ѝ одговори и рече: – Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; а кој пие од водата што ќе му ја дадам Јас, ќе постане во него извор со вода, која ќе тече во живот вечен. Жената Му рече: – Господи, дај ми таква вода за да не ожеднувам, ниту да идам овде за полнење! Исус ѝ рече: – Оди, повикај го твојот маж и дојди овде! Жената одговори и Му рече: – Немам маж. Исус ѝ рече: – Добро рече дека немаш маж; зашто петмина мажи си имала и овој што го имаш сега не ти е маж; ете, точно кажа. Жената Му рече: – Господи, гледам дека Ти си пророк! Нашите татковци се поклонуваа во оваа планина, а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се поклонуваме. Исус ѝ рече: – Жено, верувај Ми оти иде часот, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим, ќе се поклонувате на Отецот. Вие му се поклонувате на она, кое не го знаете; а ние се поклонуваме на она што го знаеме; зашто спасението е од Јудејците. Но, иде време и веќе дошло, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние, кои Му се поклонуваат. Бог е Дух, и оние што Му се поклонуваат, треба да се поклонуваат со дух и вистина. Жената Му рече: – Знам дека ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Он, сѐ ќе ни каже. А Исус ѝ рече: – Јас сум, Којшто зборувам со тебе! И тогаш дојдоа учениците Негови и се зачудија дека говореше со жената; ама ниеден не Му рече: што сакаш, или што зборуваш со неа? А жената ја остави својата стомна и отиде во градот, и им кажа на луѓето: – Дојдете, видете Го Човекот, Кој ми кажа сѐ што сум направила; да не е Он Христос?! Тогаш тие излегоа од градот и тргнаа кон Него. А меѓувреме учениците Го молеа, велејќи: – Рави, јади! Но, Он им рече: – Јас имам храна за јадење, која вие не ја знаете. Тогаш учениците си проговорија помеѓу себе: освен, ако некој Му донел да јаде? А Исус им рече: – Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној Којшто Ме испрати и да го извршам Неговото дело. Не велите ли вие, дека уште четири месеци, па ќе настане жетва? А Јас, пак, ви кажувам: подигнете ги очите свои и видете ги нивите како побелеле, готови се за жетва. И жетварот веќе добива награда и собира плод за вечен живот, та да се радуваат заедно и сејачот и жетварот. Зашто за ова, вистинска е поговорката: еден сее, а друг жнее. Јас ве испратив да жнеете каде што не сте се труделе; други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд. И мнозина Самарјани од тој град поверуваа во Него според зборовите на жената, која сведочеше: ми кажа сѐ што сум направила. А кога дојдоа Самарјаните при Него, Го помолија да остане кај нив; и Он остана таму два дена. И уште повеќе поверуваа поради словото Негово; а на жената ѝ велеа: – Сега веќе не веруваме од твоето кажување, оти самите чувме и знаеме дека Он е Спасителот на светот, – Христос“ (Јован 4, 5-42).
Архимандрит Захарија Захару
На другиот му должиме поголема чест, како што Христос ѝ укажал чест на Црквата.
Во средината на Великиот пост, Црквата го воспоставила почитувањето на
чесниот крст, за да ја зголеми нашата вдaхновеност и да нè зајакне во нашата борба, да ги подготвиме нашите души да
влезат во животворното присуство на Воскреснатиот Господ. Слично на тоа, во
средината на периодот на Педесетница, го славиме Преполовение, (празник) што ја
обновува нашата жед за Светлината на Утешителот и со тоа нè зајакнува да
продолжиме во молитвата со сè поголема желба „додека не се облечеме во сила
одозгора“ (Лк 24, 49). Зашто, ако Светиот Дух не дојде да нè соедини вечно со
Христа, не можеме да „одиме во обновениот живот (Рим 6, 4)“ што ни е даден со
Крстот и Воскресението Господово.
Во денешното евангелско читање за самарјанката, ја гледаме Божјата жед за
спасение на човекот и жедта на човекот за Божјата вистина. Ја согледуваме
големината на љубовта на Бог Кој се празни (т.е. се истоштува) Себеси и го бара
човекот по сите патишта на неговиот живот, и големината на човекот кој, кога
соработува со Бога, може да се искачи од својот најдолен пад до ангелски височини.
Евреите ги сметале самарјаните за нечисти и еретици. Особено разговор со
жена самарјанка се сметал за крајно понижувачки. Издигнувајќи се над сите
конвенции (обичаи), Христос покажа дека она што ги разликува луѓето е нивниот
духовен дар. Кога делува благодатта на Светиот Дух, секоја човечка поделба се
укинува. Христијанскиот народ не се Грците, ниту Русите, ниту Романците (односно,
не се нациите воопштено – бел. на прев. ), туку сите оние кои го примиле
Светото Крштение. Облекувајќи се во Христос, тие стануваат „избран род, царско
свештенство, свет народ, народ што му припаѓа на Бога“ (1 Птр. 2, 9).
На своето патување од Јудеја во Галилеја, Христос поминал низ Самарија. Додека
седел покрај Јакововиот бунар за да се одмори, чекајќи ги Неговите ученици да
купат храна, една самарјанка која живеела порочен живот, дошла да наполни вода.
Сезнајниот Господ, Кој е гладен и жеден до смрт за спасението на секоја душа,
се понизил пред оваа жена и ја замолил: „Дај ми да пијам (Јн 4, 7).“ Во својата
желба да ѝ ги залечи раните од гревот, Тој ѝ укажа чест, за да ѝ го врати
достоинството и да ја подготви да го прими откровението на Неговата вистина.
Додека жената била збунета од тоа што еден еврејски раби (т.е. учител)
зборува со неа, Господ почнал да ѝ кажува за „живата вода“, за дарот на Светиот
Дух. Господовото парадоксално слово имало за цел кај самарјанката да предизвика
духовна напрегнатост (tension) и склоност да соработува
со Него во чудото што требало да се случи, имено, во обновувањето на нејзината
душа, преобразувањето од еретичка и развратна жена во света маченичка и
рамноапостолна Фотинија. А, бидејќи Христос знаеше дека таа не може да го прими
нераспадливиот дар на Духот ако не пристапи со чисто срце, почна да го поправа
нејзиниот живот на деликатен начин, без да ја осудува.
Постои презирачки и поразувачки укор, а постои и пророчки укор кој обновува
и вдахновува. Кога делува Божјото слово, тоа го осветлува и го открива гревот
на човекот, но истовремено и го лекува. Овој укор се состои од пророчки збор
кој го просветлува слушателот доброволно да го прифати овој збор и да се стреми
да го исполни со вдахновеност.
Божјото дисциплинирање и неволјите што Тој ги дозволува во животот на
човекот не се ниту одмазда, ниту казна. Напротив, тие се израз на Неговата
желба да го доведе оној што отпаднал од Неговата благодат до состојба во која
ќе може да го прими Неговиот дар, да го цени, да го зачува и да го умножи за
свое спасение и за спасение на своите ближни.
Кога Господ ја замолил самарјанката да го повика нејзиниот сопруг, таа се
обидела да ја скрие вистината за своите гревови. Сепак, Христос не ја понижи,
туку го испочитува малото зрно вистина што се содржеше во нејзината лага,
повторувајќи и нагласувајќи: „Право рече “ и „ Право кажа дека немаш маж“ (Јн 4, 17-18). Господ
го прифати и го негуваше семето на вистината на самарјанката, сè додека не
созреа и не се разви во свесност за Неговата Вистина.
Нејзиното срце се промени и нејзиниот ум се отвори преку енергијата на
присуството и на словото на Господа. Таа почна да ја бара правилната
ориентација за точно да го определи нејзиниот пат. И покрај моралниот метеж во
нејзиниот живот, самарјанката имала жед за Бога и богословски мисли кои „како
сладок мирис“ го привлекле Божјиот Дух да престојува на неа, за да го добие од
Господ Исус највисокото откровение: „Јас сум, кој зборува со тебе (т.е. Месијата)
(Јн 4, 26).“ Бог не може да се разбере со умот, но Тој убедува преку Неговото
присуство. Словото на Неговата благодат станува закон на животот впишан „врз
телесните плочи на срцето“ (2 Кор. 3, 3). Самарјанката го очекувала доаѓањето
на Месијата. Нејзината средба со Господ го осветлила нејзиниот ум и Светиот Дух
го распространил нејзиното срце. На Христовиот повик таа одговорила на ист
начин како и апостолите. Таа оставила зад себе сè и побрзала да му ја соопшти
на својот народ радосната вест, дека го нашла Месијата.
Овој евангелски запис јасно покажува како, од моментот кога ќе го прими Христовото
слово, умот на човекот постепено се вознесува до вистинското спознание на Бога.
Во почетокот, тој во своето срце ја чувствува божествената сила на овој збор и
неговата вера зајакнува. Потоа, тој го бара вистинското учење кое го чисти
неговото внатрешно око и така почнува да го распознава Господовиот облик. Кога
ќе ја исповеда Неговата вистина, Светлината проникнува во неговата душа и го
прави чедо на денот. Потоа тој се соединува со Бога Кој прв него го засакал и
го удостоил со чест, и Му се поклонува „во дух и вистина“.
Освен тоа, начинот на кој Христос зборува со оваа жена ни дава пример за
пророчки разговор со нашите ближни. Христос најпрвин ѝ укажал чест на
самарјанката, потоа ја поучил и поправил со благородно срце, а кога таа ја
прифатила Неговата поука и нејзиниот ум бил престроен на духовно разбирање, ѝ
открил дека Тој е очекуваниот Месија и дека вистинското поклонување на Бога е
„во Дух и во вистина“.
Пророците од сите родови се соочувале со истиот проблем, имено, како да им
ја пренесат на своите ближни вистината што ја дознале. Тие често се однесувале
како да им треба услуга од другиот, за да се понижат и на тој начин да им дадат
духовен дар.
Целиот земски живот на Христос, како што е опишан во Светото Писмо, сведочи
дека Господ „не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата
Своја за откуп на мнозина“ (Мт 20, 28; Мк 10, 45). За тоа на практичен начин нѐ
поучува словото на апостол Павле: „од понизност сметајте се еден друг за
погорен од себеси! Не грижете се секој само за себе, туку и за другите“ (Флп 2,
3-4).
Во својот пристап кон луѓето, Семоќниот Господ се поставувал Себеси пониско
од оние со кои зборувал, за да почувствуваат чест, да им го отвори срцето за
божественото слово и на тој начин да може да им ја пренесе обновеноста на
животот. Тој не го прекорил Натанаил кој му пристапил со надменост, туку
напротив, го удостоил и го поставил за свој апостол. Тој не го прекорил Никодим
за неговата малодушност, кога дошол да Го види тајно, за да не го загуби својот
општествен чин. Тој го удостоил и него со откривањето на Неговата вистина и
иако Никодим останал Негов скриен ученик, тој Му бил верен на Господа до смрт. Тој
не ја обвинил самарјанката за нејзиниот разуздан живот, ниту за лагата што му
ја кажала. Во секоја фаза од Неговиот разговор со неа, Тој никогаш не ја
наметнувал Својата божествена волја, туку ја оставал слободна, да го прифати
или да го одбие Неговиот дар. На тој начин ја удостоил, ѝ ја вратил
благородноста како личност според образот Божји и ја воздигнал до достоинството
на апостол и маченик.
Христијанството не е една од многуте земни организации. Тоа е чуден начин
на постоење, подражавање на ангелскиот живот. Ставот на Господа е пример за
верниците, особено за оние кои преземаат на себе пастирска служба во Црквата. Силните
треба да ги носат тегобите на слабите, смирувајќи се пред сите како апостол
Павле, за да се спасат некои. Власта што ја добиваат, не им се дава за да го
поразот / погазат другиот, туку за да го утешат, да го носат неговото бреме, да
го зајакнат, да го инспирираат, да го обноват со нивното слово, да го усовршат
и поучат, служејќи му за неговото спасение.
Превод: протојереј-ставрофор А.П. Извор: https://pemptousia.com/2023/05/sunday-of-the-samaritan-woman/
Comments
Post a Comment