Недела на сите свети. Дали сакаме да бидеме свети?



Неделата на сите свети следува по Неделата на Педесетница и е последен ден во книгата Цветен Триод или Пентикостар. Со него се затвора циклусот на подвижни празници кој започнува со почетокот на Триодот, го вклучува Великиот пост, Страдалната седмица, Велигден и се протега низ целиот Цветен триод. Вкупно, 18 недели. Од денеска се враќаме на фиксниот годишен циклус на празници. Во секојдневните црковни служби почнуваат да се читаат Евангелието по Матеј и посланијата на Свети Павле.

Апостолскиот (петровденскиот) пост, започнува во понеделникот по Неделата на сите свети. Така, „На овој ден го славиме празникот на сите свети низ целиот свет, во Азија, Либија и Европа, на север и на југ“ [како што се вели во Синаксарот за празникот].

Празникот на сите свети е поставен непосредно по Неделата на Педесетница и слегувањето на Светиот Дух, со цел Црквата веднаш да ги покаже плодовите од Неговото живо присуство, од Неговата активност. Светиот Дух ги осветува луѓето. Тој е изворот на осветување. Тој е ризница на сите духовни благослови, дарител е на живот и спасение. Тој е „светлина и живот, Дух на мудроста, Дух на разумност, Бог е и обожител“. Секое добро што се случува во светот се извршува преку Светиот Дух.

Света Троица, нашиот Троичен Бог, сè извршува со заедничка енергија и волја, како еден Бог, но секоја од трите Личности има посебен аспект и улога. „Свет е Бог (Отецот), Кој создаде сè преку Синот, со содејството на Светиот Дух. Света Троица е присутна во сè. „Отецот дејствува преку Синот во Светиот Дух“.

По Вознесението живееме во времето на Светиот Дух. Неговото обновително дело се пројавува со неговите резултати. Светите се благословен плод, непоколеблив доказ за преобразувачко присуство на Светиот Дух. Нашата сопствена непоколеблива цел, исто така, треба да биде усогласувањето со заповедите на Духот (Гал 5, 22-25).

Бог јасно ни го кажува: „Бидете свети, зашто Јас, Господ, вашиот Бог, сум свет“ (3 Mojс 20, 7; 1 Петр 1, 16). Тој нè повикува да се оттргнеме од ѓаволот и гревот и да живееме според волјата Божја со вера, љубов и посветеност. Не е наше да речеме дека ќе станеме свети со своја сила. Само Бог е Свет, и тој што е во заедница со Бога и се соединува со Него, тој ќе учествува во светоста. „Јас сум Господ кој ве осветува“ (3 Mojс 20, 8). Може  некој да да држи красноречиви беседи за Христа, па дури и да прави чуда; но ако сето тоа го прави тоа за своја слава и се прогласува за свет, тогаш за Бога тој не е ништо.

Браќа и сестри, неопходно ни  е сознанието, свеста дека сме грешни. Тоа е нашата вистина, нашата реалност, бидејќи никој во светот не е без грев. Ова важи и за светителите кои ги спомнуваме денес. Некои од нив имале многу грешни животи и биле познати по својата грешност. Но, разликата е во тоа што тие се очистиле со покајание. Тие силно се устремиле против страстите и биле исцелени со Светите Тајни на Црквата. Просветени од Светиот Дух, тие се бореле и стигнале до обожението, заради што и биле прославени како светители. Ако го ртазбираме ова, ќе знаеме дека сите ние може да ја достигнеме светоста, без разлика од каде доаѓаме или во каква ситуација сега се наоѓаме. Благодатта Божја е дар, и токму со тој дар може да го доживееме осветувањето. Божјото слово нѐ уверува: „Ова е волјата Божја: да бидете осветени“ (1 Сол 4, 3). Затоа постои нашата Света Црква; со Светите Тајни, учењето и пастирската грижа што ги нуди Црквата, Бог ни дава средства да станеме свети. Ова е Негова волја, а ние исто така треба да го сакаме овој голем дар. Затоа Божјото слово повторно нѐ поттикнува: „Грижете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа“ (Евр 12, 14).

Апостолот на незнабошците св. Павле и денес му се обраќа на секого од нас кога вели: „Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себеси секакво бреме и грев, што лесно нè окружува, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба, имајќи Го пред очи Началникот и Завршителот на верата – Исуса, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, откако го презре срамот, и седна од десната страна на престолот Божји“. Со други зборови, бидејќи насекаде околу нас имаме таков собор од безброј свети кои сведочеле и биле мачени заради својата вера, да ја отфрлиме секоја тежина на депресивните грижи на животот и, особено, гревот, кој нè опкружува од сите страни на најпривлечен начин. Да ја истрчаме трката на животот пред нас со трпение и упорност. Да ги задржиме нашите очи вперени со верата кон Христос, втемелителот на нашата вера, кој со својата благодат нè води по патот на совршенството. Наместо блаженството кое секогаш беше пред него како Бог и наместо радоста што му следуваше како на безгрешен Човек Кој секогаш му беше угоден на Отецот, Христос претпочиташе мака и претрпе смрт на крстот, презирајќи го срамот и потсмевот за нас. Затоа тој сега седи оддесно на Бог Отецот.

Значи, задачата што сме повикани да ја извршиме до крајот на нашиот живот е: да бидеме свети. А, прашањето што треба да си го поставиме е: „Дали сакаме да станеме свети? Дали сакаме да ги претрпиме сите тие тешкотии низ кои поминале светите, за да може Бог и нас да нè освети?“

Свети Павле нè советува да го задржиме погледот насочен во Христа со вера. Да му го довериме животот на Христа. Да го отвориме нашето срце за да може Христос да живее во него. Да му веруваме и да се молиме да се исполни неговата волја. Сите свети имаа и други можности; тие можеа да станат славни во општеството, но избраа да ја потчинат својата волја на Христовата волја и да одат по нерамен, тесен, угорен пат кој води до воскресението и вечниот живот. Денешниот празник на Сите свети да ни биде поттик да го следиме нивниот пример. Во текот на нашето нагорно патување ќе го имаме Христос и сите негови свети, да ни помогнат и да го споделат нашиот крст. Амин.

Според материјали од: Sotirios Theologou, Sunday of All Saints: do we want to become saints? https://pemptousia.com/2023/06/sunday-of-all-saints-do-we-want-to-become-saints/ и Metropolitan of Pisidia Sotirios, Homily on the Sunday of All Saints https://pemptousia.com/2023/06/homily-on-the-sunday-of-all-saints/ Превод: Протојереј-ставрофор Антониј Петрушевски

Comments

Popular posts from this blog

ПЦУ изразува „длабоко жалење“ поради игнорирање од Полската православна црква

Богословска оценка и еклисиолошки последици на кремирањето на мртвите

Првиот вселенски собор во Никеја. Што треба да знае еден православен христијанин