Чудата – знаци на новиот живот (Недела 7 по Педесетница)

Јероѓакон Рафаил Мисјаулис, теолог

И народот се восхитуваше, велејќи: „Никогаш не се видело нешто слично во Израилот“ (Мт 9, 33).

Во денешното евангелие се спомнуваат две чуда кои ги извршил извршени нашиот Господ Исус Христос. Едното е исцелувањето на двајцата слепци, а другото – ослободување на глувиот и нем човек кој бил опседнат од демон што го измачувал и бил причина за болест.

Христос ги извршил овие чуда за да им покаже и да им нагласи на луѓето дека Тој е Месијата, Искупителот на светот, кого тие го очекувале. Чудата биле карактеристики на Неговото месијанско достоинство. И причината поради која ги извршувал беше Неговата бескрајна милост и сострадание кон нас, Неговото најсовршено создание. Тој прво ја излекувал душата на болниот човек, а потоа и телото.

Откако Господ излегол од куќата на Јаир, истакнатиот граѓанин чија ќерка Христос ја воскреснал, Тој се упатил кон друга куќа, но тогаш му пристапиле двајца слепци, молејќи го да се смилува над нив и да ги излечи. Кога двајцата слепци дознале за чудесните дела на Исус, тие, верувајќи дека Тој е очекуваниот Христос, се приближиле и Го следеле, викајќи да се смилува кон нив. Пред да им одговори, Господ им поставил прашање, а тоа било: Дали веруваат дека Тој може да го стори тоа? Значи, тој побарал вера од нив, т.е. било потребно да веруваат.

На прв поглед изгледа дека приоритет на Христос било лекувањето на телесните болести. Но, внимателното читање јасно открива дека главната грижа на Спасителот била лекувањето на нивните духовни болести.

Верата води кон чудото, а не чудото кон верата. Чудото е плод на верата и последица на Божјата љубов. Без вера немаме пристап до вистинското знаење за Бога. Според св. Јован Златоуст, верата е духовна основа врз која е изграден целиот живот на верниците во Светиот Дух.

Бог не се вмешува во нашиот живот ако ние не сакаме, бидејќи Тој ја почитува нашата слобода и не сака да ја напаѓа нашата независност.

Чудото ја бара нашата вера, сè додека сме добронамерни и доколку нашата душа не е нагризана од злото. Верата е потребна за примање на Божјото слово, а истата вера е потребна и за чудото со прогледувањето. Освен тоа, чудото е сотириолошко дело, кое се однесува на Бога Кој го врши и на личноста што го прима доброто дело.

Значи, со оглед на тоа што слепите луѓе навистина верувале дека Господ може да ги излечи, тоа и се случило. Исус Христос им дал вид. Обичните луѓе биле зачудени кога го виделе чудото, бидејќи навистина го почувствувале присуството на Господа. За жал, имало и луѓе кои не верувале, кои негирале и се сомневале во божественоста на Христос. Во овој случај, фарисеите не го прифатиле дејствувањето на Бога во личноста на Христос. Нивната реакција е полна со неверување и негирање и затоа тие имаат лажна проценка на настаните, велејќи: „Тој ги изгонува демоните со силата на началникот на демоните“ (Мт 9, 34).

Бог не прави чуда со цел да ја рекламира Неговата божественост; Тој нема потреба од човечка слава. Напротив, Тој строго им заповедал на луѓето: „Гледајте никој да не дознае“, бидејќи постои опасност од гордост или егоизам во срцето на оние што биле излекувани, односно да не помислат дека се привилегирани во однос на другите луѓе.

Колку чуда и да се извршат пред очите на луѓето кои не веруваат во Божјата сила, тие сепак ќе се сомневаат и нема да веруваат, каков што е случајот со фарисеите во денешното читање на Евангелието.

По чудото на двајцата слепци, следувало и друго чудо: она со глувонемиот човек. „Додека тие излегуваа, ете, доведоа при Него еден човек нем и бесен. По изгонувањето на бесот, немиот проговори“ (Мт 9, 32-33). Исцелувањето на демоноопседнати луѓе е честа појава во евангелијата, како што е записот за гергесинците (Мк 5,6; Мт 8, 29). И денес слушавме за чудо кое го потврдува месијанското достоинство на Исус Христос, бидејќи во Неговата личност се исполнети пророштвата од Стариот Завет.

Нашиот Господ Исус Христос е Месијата когошто го чекале низ вековите и ова е потврдено со Неговата јавна проповед и со многуте чуда што Тој ги извршил. Повеќето од чудата се однесуваат на некакво исцелување. Она што се очекува од нас е од сето срце да веруваме во Неговата личност и да се надеваме на Него, зашто тој е Лекарот кој дојде да ги излекува болните. Тој е вистинскиот исцелител на човечкиот род и во него е духовното и вечно исцеление на луѓето. Нему слава и власт во вековите. Амин.

Белешки

[1] P.G. 62, 265-266.

[2] P.G. 63, 77.

Извор: https://pemptousia.com/2022/07/miracles-the-signs-of-the-new-life-7th-sunday-of-matthew/

Comments

Popular posts from this blog

ПЦУ изразува „длабоко жалење“ поради игнорирање од Полската православна црква

Богословска оценка и еклисиолошки последици на кремирањето на мртвите

Првиот вселенски собор во Никеја. Што треба да знае еден православен христијанин