Раѓањето на свети Јован Крстител и Претечa
Црквата на 24 јуни / 7 јули го слави Раѓањето на свети Јован Крстител и Претеча.
Според православната традиција, раѓањето на светителите се слави на денот на нивното упокоение, бидејќи тоа е денот на нивното заминување во Царството Небесно, односно нивното раѓање во Царството Небесно. Исклучок е само Раѓањето на Исус, на Дева Марија и на свети Јован Крстител, бидејќи нивнита раѓања се алки во ланецот на божествениот домострој (т.е. во планот на Божјото човекољубие за спасение на светот).
Свети Јован е чудесно роден од стари родители, свештеникот Захарија и праведната Елисавета, кои биле бездетни.
Неговото раѓање, како и името на детето, ангел му ги објавил на Захарија додека бил во храмот. Како што е раскажано во Евангелието според Лука (гл. 1, стихови 39-57), кога Елисавета ја посетила Пресвета Богородица која во утробата го носела воплотениот Син Божји, тогаш Јован, чувствувајќи го присуството на Христос, се придвижил, потскокнал во утробата на својата мајка.
Свети Теодор Студит вака го спомнува раѓањето на Свети Јован Крстител: „Сите пророци од Стариот завет кои дошле пред Свети Јован не ја достигнуваат неговата величина, бидејќи некои од нив живееле пред пишаниот Закон, а други по него, откако Законот бил даден.
Меѓутоа, Јован, синот на свештеникот Захарија и Елисавета, се роди и напредуваше во периодот помеѓу Законот и Благодатта. Свети Јован го објави доаѓањето на Исус и ги подготви луѓето за Христовото служење. Имаше многу пророци кои, исто така, пророкуваа или правеа чуда. Но, чесниот Претеча се покажа како чудотворец додека сè уште беше во утробата на својата мајка.“
* * *
По Рождеството на нашиот Господ Исус Христос и по поклонувањето на пастирите и мудреците, злобниот цар Ирод наредил да бидат убиени сите машки бебиња. Кога слушнала за ова, света Елисавета избегала во пустината и се скрила во пештера. Свети Захарија бил во Ерусалим и ја вршел својата свештеничка служба во Храмот. Ирод испратил војници кај него за да го дознаат живеалиштето на малиот Јован и неговата мајка. Захарија одговорил дека нивното местоположба не му е познато и затоа бил убиен во Храмот. Праведната Елисавета до крајот на нејзиниот живот живеела во пустината со својот син. Детето Јован, заштитувно од ангел, живеело во пустината сè до времето кога почнал да проповеда покајание и се удостоил да го крсти Господ Исус Христос.
* * *
Овој празник е првата радост испратена од Бога на човечкиот род, почеток на избавувањето од моќта на ѓаволот, од гревот и од вечната смрт. Тој е израз на нашата благодарност кон Бога, кој нè избавил од страшната неплодност на гревот и смртта. Ние веќе не сме оптоварени од немоста на духот, која ги задушува творечките сили на срцето и умот. Сега сме исполнети со надеж и љубов, кои нè преобразуваат за да ги надминеме нашите вродени ограничувања и да пронајдеме нов начин на живот. Преку овој нов начин на живот, ние се соединуваме со божествениот живот и постепено, преку нашите аскетски напори, со Божјата благодат, постигнуваме нова свест и радост.
Како членови на Црквата, повикани сме да ги објавуваме прекрасните дела Божји. Ние треба да објавуваме и да покажуваме дека некогашната неплодност и немост на созданието сега се исполнети со живот и фалење на Бога. Бог ни го дал најголемиот пророк, за да ни покаже како треба да се подготвиме за да го пречекаме Господа. Како Јован, и ние треба да продолжиме да се потсетуваме на пророчките зборови што ја будат нашата неплодна душа од сонот на гревот. Како Јован, и ние сме повикани да го насочиме нашиот живот кон покајание, преку кое стигнуваме во прегратката на Дарителот на животот.
Прославувајќи го празникот на раѓањето на светиот, славен, Претеча и Крстител Јован; ја потврдуваме радоста со која Бог го обновува и преобразува животот; му дарува новост на животот што произлегува од неплодноста на гревот и смртта; и нè посетува и лекува преку Неговата благодат и љубов кон човештвото.
Според материјали од: https://orthodoxtimes.com/the-nativity-of-st-john-the-baptist-and-forerunner-3/ и https://pravoslavie.ru/72037.html

Comments
Post a Comment