Невнимателното и подло око

Отците на Црквата ги сметаат очите за порти или прозорци на душата. Во минатото имало многу што можело да се види, а денес има уште повеќе. Најразлични слики ги бомбардираат нашите очи: преку весниците, телевизијата, киното, компјутерите, мобилните телефони. Злото сака да влезе во нас преку нашите нечисти и невнимателни очи и да го направи животот нечист. Преку очите продираат огнените стрели на злобниот. Треба да бидеме будни и внимателни, да гo одржуваме нашите очи чисти, за да биде и нашиот живот чист.

Свети Јован Златоуст вели: „Ние луѓето сме најскапоцените меѓу сите создадени суштества, а од деловите на нашето тело, окото е најскапоцено. Бог го создал окото така што може да ја гледа светлината. Можеби е мало по големина, но од телесните органи тоа е најпотребнoто.

Сите органи на телото се доказ за Божјата мудрост, но окото е многу повеќе. Бидејќи управува со целото тело, му дава убавина на целото тело, го краси лицето, тоа е светило на сите органи, бидејќи она што сонцето е за целиот свет, така е и окото за телото. ... „Зашто, од создавањето на светот, невидливите својства Божји се јасно видливи, разбрани од она што е создадено“ (Рим 1, 20).

Значи, окото не е само светило на телото, туку, многу повеќе; тоа е светило на душата. Затоа е поставено на царска положба, на највисоката точка на телото и има предност пред другите сетила“ (Од беседа за Евангелието по Јован).

„И така, ако не внимаваме, членовите на нашето тело ќе станат причина за нашата пропаст. Не заради нивната природа, туку заради нашето невнимание.

... Бог ги создаде небесата за да можеме да се восхитуваме на неговото дело и да му се поклонуваме на Господ, но потоа некои луѓе, кои го напуштија Создателот, почнаа да го обожаваат самото небо. Ова се случи поради нивната небрежност и неразумност“ (Од беседата „До оние што обвинуваат“).

Значи, дали очите се виновни за гревовите што ги правиме преку нив? На ова свети Јован Златоуст одговара: „Секако, окото не беше причина за грешката; причина беше слабоста на намерата и нескротливата желба. Бидејќи причината зошто окото е создадено е: преку него да можеме да ги согледуваме делата Божји и да го славиме нивниот Создател.

Задача на окото е да гледа, но ако гледа на лош начин, тоа е дело на умот кој однатре ги насочува работите. Бог ги создал деловите на телото да бидат корисни во извршувањето на добри дела и овозможил да бидат водени од нематеријалната суштина, односно од душата. Очите на телото не ни користат, ако душевните очи не се способни да гледаат, ако е слеп умот.

Ако кочијашот е мрзелив и ги олабави уздите, и тој и коњите што ја влечат кочијата ќе паднат во бездна. На ист начин, ако нашата намера не ги контролира деловите на телото како што треба и се предава на лоши желби, тогаш сме во голема опасност.

Христос Господ добро знае колку лесно се менува нашата природа и колку се слаби нашите намери, па затоа ни даде закон, кој забранува недостојно гледање, со цел да го изгасне пламенот што може да се запали во нас дури и од голема далечина: „Ви велам дека секој што гледа жена со похота, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“. ...“ (Од 22 беседа, За Настанок).

Со оглед на тоа што сме обдарени со слободна волја, повикани сме да го оствариме „подобието Божјо“, да станеме слични на Бога, да бидеме соединети со Бога. Во овој процес, односно во духовното созревање, мора да ги процениме приоритетите во нашиот живот и со нашите волеви избори да го трасираме нашиот пат. Слободни сме да го одредиме правецот на нашиот живот и Бог ја почитува нашата слобода.

Бог мора да биде во центарот на нашето постоење, во „светилката на телото“, во окото на душата, што значи во умот. Словото Господово мора да стане „светилка на моите нозе и светлина на моите патеки“ (Пс. 118, 105).

Љубовта кон Бога ја надминува љубовта кон секое земно нешто, било да е тоа семејство, богатство, слава или кое било друго нешто што го сакаме. Ова треба да биде мирна одлука во нашиот ум. Не можеме да создадеме реалност надвор од Бога; тоа би било идолопоклонство и за потсмев од демоните. Како што вели Свети Григориј Ниски (Беседа 8, на Проповедник), сетилата владеат со умот уште од неговата најрана возраст. Како што секој од нас духовно созрева, сфаќаме дека не сме центар на универзумот, дека целото човештво е единствена целина и дека, според тоа, секој од нас е одговорен за другите луѓе и дека „вистинската цел“ е Бог, изворот на секое добро.

Значи, кога светилката на телото, умот, е јасна, чиста − со други зборови, кога не е врзана за создадените нешта − тогаш целото наше тело, целото наше постоење е светлина. Кога умот ќе го напушти Бога, тој се затемнува и се прилепува кон гревот. Потоа, поради нашата нестабилност, доаѓа до смрт на душата. Затоа, според Отците, потребно е да се „чува“ (да се „затвора“) умот. Умот е авторитативната, владеачката сила на душата.

Според Свети Паисиј Атонски, ѓаволот не е во состојба да ни наштети. Она што тој може да го направи, сепак, е да постави злобна мисла во нашиот ум и, ако ѝ се предадеме, тоа ќе предизвика да паднеме.

Јасно е дека секогаш треба да го држиме нашиот ум во состојба на будност. Светот денес, и во секоја ера, е полн со човечки теории и конструкции, како и погрешни системи на вредности што водат до конфузија. Денес, телевизијата е порталот преку кој секаков вид на заблуда и грев влегуваат во нашиот ум. За да се спротивставиме, мора да се откажеме од духот на светот и да го земеме при срце духот на Црквата (види Евр 13, 13): „Затоа да излеземе кон Него, надвор од логорот, носејќи го Неговиот срам“).

Два духа се спротивставуваат во светот: духот на светот и духот на Црквата. Во Црквата, која е телото Христово, луѓето наоѓаат искупување, ја наоѓаат мсмислата на животот и „оправдување“, (како што вели Свети Павле), на своето постоење.

За христијаните кои учествуваат во борбата, молитвата е неопходна, особено молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“. Молитвата ја враќа правилната ориентација на душата и води кон влегување на умот во срцето, односно кон враќање на единството на душата, кое беше фрагментирано, расцепкано од гревот на нашите предци. Молитвата не е луксуз, ниту пак му додаваме на Бога нешто, со тоа што се молиме. Молитвата е неопходност, храна за душата што води кон очистување на душата и просветлување на нашиот затемнет ум. Православната Црква е место каде што се лекува душата, преку светата тајна покајание и исповед, со Светата Причест...

Луѓето значи, можат да се искачат до соединување со Бога, до положба „малку пониско од ангелите“; а можат и да се спуштат во целосна расипаност, станувајќи како демоните и полоши од животните. Затоа, да паметиме и да внимаваме: „Ако твоето око е чисто, целото твое тело ќе биде полно со светлина“. Амин.

Според: Архимандрит Доротеј (Цевелакос), Евангелие за третата недела по Матеј  https://pemptousia.com/2023/06/gospel-for-the-3rd-sunday-of-matthew/ и Александрос Христодулу, теолог; Невнимателното и подло око https://pemptousia.com/2022/03/the-careless-and-devious-eye/

Comments

Popular posts from this blog

ПЦУ изразува „длабоко жалење“ поради игнорирање од Полската православна црква

Богословска оценка и еклисиолошки последици на кремирањето на мртвите

Првиот вселенски собор во Никеја. Што треба да знае еден православен христијанин