Чудо и исцеление (Петта недела по Педесетница)

Георгиј Патронос, emeritus професор по теологија, Атински универзитет 

Евангелското читање за денешниот ден се однесува на чудото на опседнатиот човек кого Христос го исцелил. Настанот го привлекол вниманието на тројца евангелисти, Матеј, Марко и Лука поради големиот впечаток што исцелението го предизвикало, последиците што следеле по истерувањето на демоните и длабокото дејство што исцелението го имало врз голем број луѓе во областа Гергеса и Гадара.

Изобличување на личноста

Евангелистите Марко и Лука не прикажуваат општа или замислена слика за трагичните ефекти од демонското влијание. Тие го конкретизираат и персонализираат прашањето. Тие спомнуваат специфична личност, која не само што ги носи очигледните надворешни знаци на распад (collapse), туку е и човек кој внатрешно и духовно бил изопачен до таков степен што ги изгубил основните онтолошки карактеристики што ја сочинуваат човековата свест и постоењето.

Кога Исус го прашува опседнатиот човек како се вика, тој одговара „Легион“, без свест за својот личен ентитет или постоење. Објаснувањето за ова е дека „многу демони влегле во него“. Човекот не само што не свесен за своите дела и постапки, туку не го знае ни своето име. Тој не знае кој е, што сака или што прави. Целосна дезинтеграција, распад и изобличување на неговата личност.

Има многу луѓе кои носат демонски дух. Тие се однесуваат и дејствуваат без свест за своите дела. Иако секој човек по природа е добар, делата и постапките на тие луѓе се деструктивни, како за нив самите, така и за другите. Честопати пројавуваат некаква деструктивна сила што прикриено ги води во неволја. Тие дејствуваат неразумно, апсурдно. Очигледно е дека имаат потреба од исцеление. А ова исцеление не може секогаш да се пронајде во образложението дека е неопходна медицинска психотерапија. Потребно е внатрешно покајание, промена и преобразување. Потребно е чудо за ослободување од демонското влијание и неговото дејство врз луѓето.

Кога злото е вгнездено во срцата на луѓето на ѓаволски начин, тогаш деструктивните последици сеопфатно ги снаоѓаат. Секојдневно гледаме како овие влијанија се засилуваат и стануваат поочигледни. Засегнатите луѓе немаат свест за злото што го носат со себе и за штетата што ја прават. Катастрофата им ги одзема и телото и душата; ги опустошува нив самите, нивните пријатели и нивното семејство. Сè е зафатено од виорот на распадот, каков што беше случајот со опседнатиот човек опишан во Евангелието.

Човекот на исцелението и чудото

Овој слаб и немоќен човек, под влијание на сè што е зло и демонско, ни е познат од историјата, од секојдневниот живот, од (гревовниот) пад и од духовната болест, како што ни кажуваат отците на Црквата. Сликата што тој ја претставува и страшните последици од неговиот пад не нè изненадуваат; всушност, поверојатно е дека ни се добро познати и блиски. Во различни облици, ние исто така живееме со ова изобличување. Она што ни е потребно е – исцелението. А исцелението на духовните рани се врши само со чудо, со делувањето на Христос во нашиот живот.

И навистина, ова е решението на проблемот што денешното Евангелие го покажува и што Црквата им го нуди на верните. Го гледаме ова во случајот со опседнатиот човек и кај сите оние кои се опседнати. По извршувањето на чудото, односно по истерувањето на демоните, човекот кој немаше ниту име, ниту свест за тоа кој е, седи до нозете на Исус, (но сега веќе) облечен и со здрав разум. Тој станал свесен кој е, знаел што сака, ја прифатил Господовата проповед, поверувал во божественото делување, бил исцелен и потоа му раскажал на светот за своето спасение. Затоа Црквата го смета за апостол на паганскиот регион Декаполис, на народот кој дури и без богословска подготовка, поподготвено ја прифатиле Господовата проповед отколку Евреите кои по наследство биле „синови Авраамови“.

Заклучокот на расказот во Евангелието според св. Марко е дека, по неговото исцеление преку чудото, овој безначаен, злоупотребен човек, кој си го уништил сопствениот живот и бил закана за другите, кој го изопачил животот и живеел во синџири меѓу гробовите, движејќи се само ноќе, избегнувајќи ги луѓето и општеството на синовите човечки, истиот тој човек „почна да проповеда во Декаполисот за сè што Христос сторил за него. И сите беа вчудовидени“. Она што е неверојатно или невозможно за луѓето, стана можно во новата реалност на чудото.

Секој од нас носи свои рани, секој живее со неможноста да ги надмине своите слабости. Честопати се срамиме од она што го претставуваме пред другите и честопати сме под влијание на „нечистиот дух“. Она што треба да го разбереме е дека нема друго решение или можност, освен делувањето на Бог во нашиот живот. Неопходно е да се случат чуда во нашиот личен живот и ние да ги прифатиме чудата.

Денес видовме еден од најтрагичните случаи во животот. Човек оддалечен од Бога, не само целосно збунет и грешен, туку и опседнат. Човек без лична историја, без минато и со трагична сегашност; во мрак и метеж. Живот без пријатели, без сакани, без луѓе околу него, без надеж и без Бога. Сам со својата болест, со својата темнина, сам со смртта и со своите демони. Нема повознемирувачка слика за уништен живот од онаа што е претставена во Евангелието.

Но, денешното послание зрачи светлина во длабоката темнина. Отвора излез од оковите на гревот и на ѓаволот. Свети Павле ни кажува дека, дури и ако луѓето паднале многу ниско и се спуштиле во бездната на Адот, постои надеж за откуп и воскресение. Христос слегува дури и во Адот за да те најде. Таму, во Адот, се случи неговото воскресение. Таму, во твојот сопствен Ад, животот ќе те сретне.

Свети Макариј Египетски применува егзистенцијален пристап кон овие прашања. Тој истакнува дека Адот во кој Христос слезе, каде што ги скрши вратите на адот и каде што извика, како што му рече и на Лазар: „Стани и излези“; (тој Ад) е твоето лично битие. Христос го уништува твојот Ад и за тебе ги уништува смртните последици.

Сè што е потребно е вера и доверба во Божјата љубов и милост. Нема друг предуслов за Бог да се грижи за тебе.

Сите треба да бидеме свесни дека она што е потребно е: смирение (понизност) и доверба во Божјата љубов и во Неговата правда. „Зашто, секој што ќе го повика името Господово, ќе биде спасен“.

Демонските сили се реалност. Ѓаволот останува невидлива сила сè додека не станат очигледни трагичните последици од неговото вмешување. Тој влегува во животот на луѓето и предизвикува катастрофални случувања во историјата. Луѓето потпаѓаат под влијание на демонските сили. Кога светот го отфрла Бога, неговото место го заземаат демоните. Така, нашиот живот станува пеколна пустина. Според св. апостол и евангелист Матеј, од Божјо живеалиште и храм Божји, светот станува сврталиште на демоните. Луѓето се поделени, стануваат агресивни и непријателски настроени, нивните амбиции и култури се демонизираат и човештвото е измамено во деструктивни војни. Кога луѓето и нивниот живот се без Бога, тие ја доведуваат историјата во краен ќорсокак, во Адот. Само Бог го уништува Адот и тоа треба да го разбереме еднаш засекогаш.

Извор: https://pemptousia.com/2023/07/miracle-and-cure-5th-sunday-of-matthew/

Comments

Popular posts from this blog

ПЦУ изразува „длабоко жалење“ поради игнорирање од Полската православна црква

Богословска оценка и еклисиолошки последици на кремирањето на мртвите

Првиот вселенски собор во Никеја. Што треба да знае еден православен христијанин