Единственото дело на светите апостоли
Ламброс Сконцос, теолог
Црквата на 30 јуни / 12
јули со
посебна чест го прославува споменот на Соборот на Дванаесетте Христови
Апостоли, заради нивното големо дело во мисијата за спасението на светот.
Црквата, како и човештвото воопшто, им должи голема благодарност на овие
извонредни личности. Тие станаа светилници кои ја одразуваат незгасливата
Христова светлина, покажувајќи им го на луѓето вистинскиот пат кој води кон Небото.
Господ Исус Христос ги повика да бидат негови соработници и да го продолжат неговото искупително дело. „Не вие Мене Ме избравте, туку Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и да принесувате плод, и плодот ваш да остане“ (Јн 15, 16). „Како што Ме прати Мене Отецот, така и Јас ве праќам вас“ (Јн 20, 21). Тој им рече: „Одете и научете ги сите народи“ (Мт 28, 19) и „ќе ми бидете сведоци... до крајот на земјата“ (Дела 1, 8). Но, исто така ги предупреди: „Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци“ (Мт. 10, 16), потсетувајќи ги дека нивната работа нема да биде лесна.
Тој не ги избра од
елитата на аристократијата или од политичките моќници, ниту од економски
напредните или од интелектуалците, бидејќи обележја на овие класи беа
корупцијата, декаденцијата и ароганцијата. Напротив, Тој избра луѓе кои немаа
големо општествено значење, ниту голема моќ, ниту големо знаење; луѓе кои ги
трпеа премрежијата и несреќите заради гревот и падот поинтензивно отколку нивните
повластени сонародници, луѓе кои во својата душа ја всадиле надежта за
искупувањето што требаше да го изврши Бог.
На денот Педесетница
(Дела апостолски, гл. 2), Светиот Дух ги преобрази безначајните,
непознати и неписмени рибари во мудреци, силни личности, во светлоносни луѓе кои
го осветлија целиот познат свет. Восхитувачкото искуство од Христовото
воскресение, заедно со слегувањето на силата на Светиот Дух им даде незамислив
поттик. Тие се разотидоа низ светот и ја објавија новата, надежна и спасоносна
порака за искупување на човечкиот род во Христа. Нивните срца, кои гореа со
божествена ревност и нивниот огнен говор го разбудија во срцата на другите луѓе
копнежот по искупување. Овие неуморни и божествени работници го посееја семето
на Евангелието во секој дел од светот и тоа многукратно се умножи.
Мракот на заблудата
беше просветлен кога се слушна евангелската вистина. Духовната слобода на
христијанската проповед ги собори угнетувачките, суеверни верувања. Овие
скромни галилејски рибари го водеа светот по патот на човештвото,
цивилизацијата и напредокот. Преку нивното учење, на луѓето кои претходно биле
презирани и со низок статус, без поголема вредност од животните или предметите,
првпат им беше покажана човечката вредност, имено дека и тие како и секој човек
се образ Божји. Многу моќни луѓе сфатија дека нивната световна власт нема вистинска
вредност и се откажаа од неа. Се роди ново, невидено, светско братство: Црквата
Христова. Тоа беше нова реалност на љубов и пријателство меѓу луѓето и народите
во нехуманиот свет на гревот и злото; Црквата како место за спасение и
избавување од ропството на гревот и пропадливоста.
Човештвото и нашата
сегашна цивилизација им должат голема благодарност на светите апостоли. Она што
знаењето и моќта на древниот свет не можеа да го постигнат, го оствари Соборот
на Христовите ученици и апостоли. Светот, за жал, не го ценеше нивниот
придонес; напротив, направи сè што може за да го уништи и да го сруши она што
тие го изградија. Свети Павле многу сликовито ги опишува тешкотиите со кои се
соочуваа апостолите: „Мислам, дека нас апостолите, Бог нè постави најпоследни,
како осудени на смрт; бидејќи станавме призор на светот – на ангелите и на
луѓето. Ние сме безумни заради Христа, а вие сте мудри во Христа; ние сме
немоќни, а вие сте силни; вие сте славни, а ние бесчесни. До овој час ние и
гладуваме, и жедуваме, и необлечени одиме, се мачиме и се потураме по светов,
но се трудиме, работејќи со своите раце. Кога нè укоруваат, ние благословуваме,
а кога нè гонат – трпиме; кога хулат на нас, ние се утешуваме. Станавме како
сметиште на овој свет, како отпад на сите луѓе“ (1 Кор 4, 9-13). Тие безбројни
тешкотии, маки, труд и, пред сè, нечовечките прогонства, не ги поколебаа.
Нивното дело донесе плод бидејќи беше умножено од Светиот Дух Кој престојува во
Црквата (Јн 15, 26).
Делото на апостолите
продолжи преку нивните наследници. На секое место каде што основаа помесни
цркви, тие ракоположија епископи и презвитери за да го продолжат нивното дело.
Во книгата Дела апостолски, а тоа е најважната книга што ја имаме за мисијата
на Црквата, св. Лука пишува: „Павле и Варнава поставија за нив презвитери во
секоја црква и со молитва и пост ги предадоа на Господа, во Кого беа поверувале“
(Дела 14, 23). Оваа непрекината линија на наследување на личностите и учењето
продолжува до денес, поради што нашата Црква се нарекува Апостолска. Сите оние
кои дејствуваат во Црквата Христова, лаиците и свештенството, всушност, го
продолжуваат делото на апостолите. Да, толку голема е задачата што ја
извршуваат.
Сите ние, значи, на
„соработниците Христови“ (2 Кор 6, 1) треба да им ја оддадеме честа што ја
заслужуваат, бидејќи нашата Црква е основана на тие големи личности. Ова го
потврди св. апостол и евангелист Јован, кој ја виде победничката Христова Црква
на небесата, основана на „дванаесет темели, и врз нив имињата на дванаесетте
апостоли на Јагнето“ (Откр 21, 14).
Извор: https://pemptousia.com/2023/07/the-unique-work-of-the-holy-apostles/

Comments
Post a Comment