Недела 10-та недела по Педесетница. Исцелувањето на демоноопседнатото момче

Кога дојдоа при народот, пристапи кон Него еден човек, кој падна на колена и рече: „Господи, смилувај се на мојот син, зашто при нов месец го фаќа бес и се мачи многу; често паѓа во оган и често – во вода; го одведов при Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.” А Исус одговори и рече: „О, роде неверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука!” И му нареди Исус на бесот и тој излезе од момчето; и тоа оздраве во тој час. Тогаш учениците пристапија кон Исуса насамо и Му рекоа: „Зошто не можевме ние да го истераме?” А Исус им рече: „Заради вашето неверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете ли на оваа планина: »Премести се одовде таму?« и таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно. Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост.” А кога беа во Галилеја, Исус им рече: „Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.”

- Свето Евангелие според Матеј гл.17, стихови 14-23.

* * *

Од евангелското читање е јасно дека болеста на момчето не била телесна, туку духовна, и дека тоа имало последици по неговото телесно здравје. Тоа не била епилепсија, туку демонска опседнатост. Неговиот татко го нарекол „месечар“ [т.е. мислел дека е под влијание на месечината], но евангелистот пишува дека демон излегол од него.  Значи, таа болест не била она што луѓето често го нарекуваат лудило, туку напад од злиот дух. Ова е потврдено и од зборовите на самиот Христос Кој вели дека тој род [ѓаволот] не може да се истера со нешто друго, освен со молитва и пост.

Во тоа време постоело суеверие дека кога месечината ќе се појави, некои луѓе ги прави луди. Всушност, причината бил демонот, а не месечината. Демоните најчесто го користат суеверието за да ги заробат невнимателните и да ги отстранат сомнежите од себе. Овој демон, така да се рече, се кооординирал со циклусите на месечината, затоа што тоа му одговарало на неговата цел, а всушност можел да го мачи момчето во секое време. Таткото ја обвинуваше месечината, а за обвинување беше некој друг, и не само ѓаволот, туку и тој самиот.

Понекогаш момчето паѓало во оган, друг пат паѓало во вода. Со други зборови, демонот кој живеел во синот се обидувал да го уништи со цел да ја заземе таа душа за целата вечност. Паѓањето во оган и вода ни покажува и како демоните го злоупотребуваат Божјото создание.

А, како демонот влегол во синот на човекот? На ова прашање го имаме одговорот на Христос: „О, роду неверен и развратен“. Демонот го опседнал синот преку неверување, безверие. Не само преку неверието на синот, туку и преку неверието на таткото и на другите околу синот кои можеле да се грижат за него и да му дадат вера. Меѓутоа, како и со сè што Бог дозволува да се случи, постои позитивен, промислителен аспект на оваа болест. Јасно е дека поради болеста на синот, таткото е доведен до познание на смирението. Така тој го нарекува Христос – Господ и Го моли: „Смилувај се на мојот син“. А гордиот човек не му се обраќа на некој друг како на Господ, бидејќи се смета себеси за Господ. Гордиот човек не бара милост, бидејќи смета дека не му е потребна милост.

Да го разгледаме и прашањето: Кое е решението за болеста на синот?

Можеби не сакаме да го препознаеме обемот на злото што нè мачи и на тој начин намерно се залажуваме, го негираме постоењето на злиот дух и сè што ни се случува го припишуваме на природни причини. Сметаме дека е под нашето достоинство да размислуваме, дека можеби сме поболни отколку што мислиме или дека нашето исцеление не зависи само од човечка интервенција, туку од Самиот Бог.

Времињата во кои живееме се толку критични, а нашите искуства толку трагични, што нема да бидеме спасени освен ако Бог не интервенира за нас. Многумина од оние што ќе ги слушнат овие зборови ќе мислат дека се претерани и неосновани; дека не сме во опасност и сè ќе биде во ред, само да веруваме во себе. Сето тоа значи дека не сме свесни за природата на нашата болест, ниту го знаеме идентитетот на Исцелителот Кој може да нè излекува. Поболни сме отколку што знаеме, а оваа болест не е телесна, туку духовна. Како што ни вели Светото писмо, „целиот свет лежи во злото“ (1 Јн 5, 19).

Денешниот човек не е подготвен сериозно да го сфати таквиот говор, тој се сомнева дури и кога слуша за Бог. Нашите срца и умови се исушени од неверување. Луѓето денес го исфрлија Бога од своите животи и на Негово место се поставија себеси. Всушност, можеби не е претерано да се прашаме, дали времето во кое живееме е ерата на отпадништвото за која пишува свети апостол Павле во своето Второ послание до солунјаните: „Во тоа време ќе се открие беззаконикот, синот на пропаста. Тој се противи и се возвишува над сè што се нарекува Бог или предмет на поклонение, така што ќе седне во Божјиот храм, прогласувајќи се себеси за Бог.“ Значи, дали тоа е времето во кое живееме? Затоа што луѓето навистина се побуниле и станале дрски кон Бога и работат за уништување на сè што досега се сметало за свето и светилиште. Тие се поставија на местото на Бога и бараат да бидат признати како богови. Во таков амбиент, кога е тешко дури и да се зборува за Бог, уште потешко е да се зборува за духот на измамата, за демонското влијание врз нашите мисли и срце. Но, и ова е трик на злиот: да ни ја всади во умот идејата дека тој не постои и дека секој разговор за него треба да се смета за застарен и смешен. Но, не можеме да го заобиколиме фактот дека целото Свето Писмо зборува за духот на злото кој „го мами целиот свет“.

Како што Светото Писмо зборува за Бога и луѓето, така зборува и за злиот. Не како втор бог или бог на злото, туку како архангел кој паднал од небото и „во погодно време“ (Лк 4, 13) се спротивставил на Божјото дело кое е за наше спасение. Без вистината за ѓаволот како лично, духовно битие − падот, воплотувањето и целата тајна на Божествената промисла се необјасниви.

Во свет кој не е гладен и жеден за праведност, во светот кој пропаѓа од глад среде изобилство на материјални добра, да го слушаме проповедањето на Црквата која постојано нè повикува на покајание. Не сме спасени ниту со нашата мудрост, ниту со нашата сила, затоа што сме болни, не во телото, туку во духот. Затоа да се молиме, да постиме, односно да се покаеме. Амин.

Според: http://orthodoxengland.org.uk/serm10ap.htm

Comments

Popular posts from this blog

ПЦУ изразува „длабоко жалење“ поради игнорирање од Полската православна црква

Богословска оценка и еклисиолошки последици на кремирањето на мртвите

Првиот вселенски собор во Никеја. Што треба да знае еден православен христијанин