Христовото Преображение и нашето преображение

Архимандрит Јаков (Канакис)

Денес е голем Господов празник, Преображение на Христос Спасителот. Ќе кажеме неколку зборови за празникот врз основа на она што го пишува Евангелието. Малку време пред Неговото распнување, Христос поведе тројца од Своите ученици − Петар, Јаков и Јован, на високиот рид наречен Тавор и се преобрази пред нив. Неговото лице стана светло како сонцето, а облеката − бела. Лево и десно од Него се појавија две личности од Стариот Завет, Мојсеј и Илија, кои ги претставуваа Законот и Пророците, соодветно. Учениците не можеа да ја поднесат светлината и паднаа на земја (Педесетница сè уште не се беше случила). Еден од нив, Петар, го праша Христос дали може да постават шатори и да останат таму. Потоа облак светлина ги зафати и се слушна глас од небото - ист како што беше слушнат на Богојавление: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја, Него послушајте го“. Кога учениците паднаа на земја од страв, Исус им рече: „Станете и не бојте се“. Кога ги отворија очите, не видоа никого освен Христос. Кога слегоа од планината, Исус им заповеда да не кажуваат никому ништо, додека Тој не воскресне.

Така, накратко, е опишан настанот на Преображението, но овој голем празник не е само историски настан што се случил еднаш и сега веќе не нè засега. Напротив, тој директно се однесува на сите нас уште од времето на Христос.

Првото нешто што треба да се забележи е, зошто Христос се искачил високо на планина за да се преобрази. Не можело ли ова да се случи некаде на рамнина? Ако ја погледнеме библиската историја, речиси сите големи настани се случиле на височина. Мојсеј го примил законот на планината Синај итн. А, свети Никодим Атонски, голем теолог и светител на црквата, во врска со изборот на Господ на тројцата ученици да бидат сведоци на Неговото Преображение, вели дека биле избрани затоа што тие биле подобро од другите подготвени за настанот. Господ ги гледа срцата и ги препознава нивните намери и духовноста. Тој дури и однапред знаел кој ќе Го предаде…

Да истакнеме уште една поента. Преображението ни кажува кој е Христос. А, зошто се преобразил кратко време пред распнувањето? Затоа што сакал да им покаже на своите ученици дека е Бог. Тој ја покажал својата божественост со светлината што светела од Неговото лице и Неговата облека. Така, преку овој празник Црквата може да ја формулира догмата дека Христос е совршен Бог и совршен човек. Ова е одговорот на оние кои се сомневаат во Неговата божественост или во Неговата човечност. Бидејќи, има некои кои тврдат дека Христос бил голема личност и добро поучувал. Преображението, сепак, јасно ни покажува дека Тој не бил само добра личност; Тој бил и совршен Бог.

Значи, Преображението ни кажува кој е Христос и кои сме ние како луѓе. Ни кажува за нашиот пат како човечки суштества. Тоа е одговорот; што треба да правиме на оваа земја каде што постоиме. На оваа земја по која чекориме, мора да го избереме патот што води кон Светлината. Ова е искуството на Преображението: напредување и напор за да влеземе во Светлината и да станеме едно со неа.

* * *

Евангелието за празникот Преображение започнува со Матеј 17, 1, но секогаш чувствувам дека треба да се потсетиме и на непосредно претходниот стих (Матеј 16, 28) „Вистина ви велам: тука стојат некои што нема да вкусат смрт дури не Го видат Синот Човечки како оди во царството Свое“ [WJL].

Извор: https://pemptousia.com/2021/08/christs-transfiguration-and-our-own/

Comments

Popular posts from this blog

ПЦУ изразува „длабоко жалење“ поради игнорирање од Полската православна црква

Богословска оценка и еклисиолошки последици на кремирањето на мртвите

Првиот вселенски собор во Никеја. Што треба да знае еден православен христијанин