Преображението на Спасителот
Георгиј Манзаридис, професор emeritus, Теолошки факултет, Аристотелов универзитет во Солун
Преображението Господово зазема централно место во Православната Црква и нејзината теологија. Тоа е настан што ја открива славата на Црквата и на верните. Тоа е сведоштво за новата состојба што ја создаде Христовото влегување во историјата.
При Преображението, Христос ја
пројавува несоздадената слава на Свoјата божественост преку Својата човечка природа. Истовремено, со Него во
таа несоздадена, божествена слава Тој ги воведува и луѓето што биле таму во тоа време.
Мојсеј и Илија учествуваат во истата
светлина со Христос. Единствената разлика е што Христос е изворот, додека тие
се примачи на божественото сјаење. Христос се преобрази пред очите на Неговите
ученици бидејќи се приближуваше денот на Неговото распнување: „за да можат,
кога ќе Те видат распнат, да го разберат Твоето доброволно страдање“ [кондак на
празникот].
Преку Преображението, Христос, од една
страна, го потврдува Своето Божество, кое Неговите ученици го познаа (и исповедаа) преку устата на свети апостол Петар непосредно пред овој настан, а од друга страна, го нуди
првото искуство од доаѓањето на Неговото Царство. Можеби славењето на празникот
на датумот 6 август не ни помага да се сетиме на непосредната врска со Крстот
Христов. Само ако се сетиме дека, за неколку недели, на 14 септември, ќе го
славиме сесветското Вознесение на Чесниот Крст, кое потсетува на Велики Петок,
наоѓаме некаква историска врска со празникот.
Со други зборови, како историски
настан, Преображението се случило неколку недели пред Страданијата. Од
историска гледна точка, тоа би го имало своето место во црковниот календар
неколку недели пред Велигден. Можеби онолку недели колку што сега има до Вознесението
на Чесниот Крст. Не треба да се смета за случајно што Црквата поставила друг
празник на ова место: празникот на богословот на Таворската Светлина, свети
Григориј Палама. Така, втората недела од Великиот пост, пет недели пред
Велигден, е посветена на свети Григориј.
Освен тоа, важно е да се напомене дека
трите синоптички евангелија го сместуваат Преображението веднаш по Христовата
изјава: „тука стојат некои, што нема да вкусат смрт, дури не го видат царството
Божјо, дојдено во сила (ἐν δυνάμει)“ (Мк 9, 1). Така, според светоотечката традиција, Преображението е
„потенцијално“ пројавување на Царството Божјо*.
При Своето Преображение, Христос ја
потврдува и зајакнува верата во Неговото божество, кое апостолите веќе Го
исповедале. При Преображението, Христос не пројави нешто што претходно го
немал, туку ја откри Својата слава како Бог и како човечка личност, току колку
што Неговите ученици беа во можност да ја примаат. Со други зборови, славата
што тројцата ученици ја видоа на Тавор не беше некаков минлив феномен, туку
вечната Светлина на божествената природа на Христос. Ова го наведува
химнографот на Црквата кога пишува: „На гората се преобрази, Христе Боже наш,
и Твојата слава им ја покажа на учениците
Твои колку што можеа да поднесат“ [тропар на празникот].
Светлината на Преображението е
несоздадената светлина на Царството Божјо, кое дојде во светот со доаѓањето на
Христос. Секако, бидејќи Царството Божјо е без почеток и без крај, тоа не е
ограничено во времето, туку го надминува и преобразува. Тоа не започнува по
крајот на историјата, туку веќе постои во неа и над неа и ќе продолжи да постои
откако историјата ќе заврши.
Всушност, „потенцијалното“ доаѓање на
Царството Божјо не е нешто друго освен неговото „потенцијално“ пројавување. Не
станува збор за нешто што не постоело претходно, туку пројавено е нешто што
веќе постоело и ќе продолжи да постои засекогаш. Исто како што несоздадената
светлина, која им била покажана на учениците при Преображението, постоела од
почетокот и останува вечно во божествената и човечка ипостас на Христос, така и
Царството Божјо, кое дошло во светот со Христос, понекогаш им се открива на
верните како навестување на идниот век.
Христијанската вера не зависи од
некаков морален принцип или идеологија, туку се темели на пројавувањето на
Царството Божјо во Христос во историјата. Соддветно е овде да се спомне
сведоштвото на свети апостол Петар, бидејќи тој директно се повикува на своето
искуство од Преображението за да ја објави вистината на христијанската проповед: „Зашто ние ви ја покажавме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус
Христос не преку измислени параболи, туку откако станавме очевидци на Неговото
величие.“
Не е можно да бидеме ослободени од
земните искушенија, ако немаме искуство од небесата. Христовите апостоли,
мачениците, светите, подвижниците на Црквата, не ќе можеле да го победат
светот, да остават сè заради Христос, ако не го имале вкусено небесното
блаженство. Посиновувањето во Христос се стекнува уште од овој сегашен живот.
Како што пишува свети Јован Богослов: „Возљубени, сега сме чеда Божји! Но уште
не се покажа што ќе бидеме. Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме
слични на Него, оти ќе Го видиме каков што е“.
Чувствувањето на посиновување во
Христа го стекнуваме во нашиот живот преку почитувањето на Неговите божествени
заповеди. Христијаните стануваат учесници во божествениот живот и во Царството
преку самооткажување и себепринесување на Бога и на Божјата волја, што е еден
вид смрт.
Вкусот на вечноста не започнува по
Крстот, туку со Крстот. Покорувањето на волјата Божја „до смрт“ веќе е
учествување во Воскресението. Како што славата Христова започнува со Крстот,
кој ги уништува силите на злиот, така и славата на христијаните започнува со
доброволното прифаќање на смртта заради Христос, која го уништува стариот човек
и го открива новиот.
Христовото Преображение е подготовка
за Крстот. А Крстот Христов е почетна точка на Неговата слава како човечка
личност. При Преображението, Христос не стекнува ништо ново, туку ги зајакнува
Своите ученици пред Неговото распнување што наближувало. Учениците требало така
да бидат зајакнати за да го поднесат распнувањето на својот учител, и за да го
носат својот крст на маченичка смрт што треба да ја поднесат во Негово име.
Портата кон Божјото Царство е Крстот.
Славата Божја во светот започнува со Крстот. Секое Божјо пројавување во
историјата, и пред и по доаѓањето на Христос, е предзнак (праслика) и
продолжение на Крстот Христов. Секое искуство од Божјата слава во сегашниот живот ја најавува или ја придружува
тајната на Крстот.
Белешка
* Библијата на Кралот Џејмс, која
влијаела врз толку многу други верзии, во голема мерка е преведена од латински. Значи,
Марко 8, 39 има „veniens in virtute“ (доаѓа во моќ, power), но грчкиот текст јасно вели: „ἐληλυθυῖαν ἐν δύναμηι“ (доаѓа во сила, in potential). Чудното овде е што на латински постои друг збор за
„моќ“ - potentia - па
дури и фраза in potentia, што
го означува сосема истото (in posse non in esse) како грчкиот од кој преведувале, но преведувачите
претпочитале virtute. Да
парафразирам: според грчкиот текст, постојат луѓе кои ќе го видат Божјото
Царство „во минијатура (in miniature)“, така да се каже. Тие ќе имаат
претвкус, најава, пред да умрат. И ова, всушност, се случува веднаш потоа, при
Преображението. Оттука се, и патристичката традиција и теологијата на св. Григориј Палама за несоздадената светлина, според која „некои луѓе“ може да имаат
претвкус (insight) од
Царството Божјо дури и во овој живот, пред да умрат [WJL].
Извор: https://pemptousia.com/2023/08/the-transfiguration-of-the-saviour/
Comments
Post a Comment